1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Блекрок на тапет на германските власти

БГ
7 ноември 2018

Во Германија е отворена истрага за измама против еден од најголемиот светски менаџери на фондови- компанијата Блекрок. Истрагата има и големо политичко значење затоа што шефот на фирмата е кандидат за наследник на Меркел

https://p.dw.com/p/37oMa
München Razzia bei Vermögensverwalter BlackRock
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Mirgeler

Властите во Германија вчера започнаа голема контрола во седиштето на германската централа на американскиот финансиски гигант Блекрок. Се трага по докази за една од најголемите пост-воени измами позната под името „кум-екс“ (cum-ex).
Од Блекрок соопштија дека во целост соработуваат со истрагата. Претседавачот на компанијата во Германија, Фридрих Мерц изјави дека му наредил на менаџментот „да ги истражи сите случаи и да им ги направи достапни сите документи на властите“.

Што е „кум-екс“ скандалот?

Скандалот избувна во во 2016 година кога беше откриено дека неколку германски банки искористиле правна празнина која им овозможува на две страни истовремено да фигурираат како сопственици на иста акција. Оваа спорна „двојна сопственост“ им овозможува на двете страни да бараат ослободување од данок и други поволности како дивиденди, иако немаат право на тоа. Се проценува дека скандалот ги чинел германските даночни обврзници околу 5 милијарди евра. Проценките се дека на ниво на Европа на овој начин нелегално се стекнати околу 55 милијарди евра.

Pressekonferenz Friedrich Merz
Фридрих Мерц е најсериозен кандидат за наследник на Ангела Меркел на чело на ЦДУФотографија: picture-alliance/dpa/W.Kumm

Што е Блекрок?

Компанија за инвестициски менаџмент која надгледува повеќе од 6,4 трилиони (6400 милијарди) долари во средства- со што е на трето место во светот. Блекрок е и најголем акционер на ДАКС индексот на германската берза. Покрај менаџирањето со средствата, компанијата исто така советува централни банки, финансиски министерства, големи инвеститори како државни фондови, пензиски фондови, компании за осигурување и фондации.

Какво е значењето за германската политика?

Истрагата може да се покаже проблематична за претседателот на германската бранша на компанијата Фридрих Мерц. Тој е водечки кандидат да ја наследи Ангела Меркел на чело на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на конгресот во декември годинава. Сепак, скандалот му претходи на периодот кога Мерц доаѓа на чело на компанијата. Спорните трансакции биле извршени во периодот меѓу 2007 и 2011 година, додека Мерц застанува на чело на фирмата во 2016 година.