Џереми Корбин, заборави го егото!
25 септември 2018Тереза Меј нека „изгори“ – од прилика вака грубо може да се опише досегашната Брегзит стратегија на најголемата опозициска партија во Велика Британија. Јасен контра-предлог за контроверзната преговарачка стратегија на Меј – нешто незамисливо. Како треба да изгледа Велика Британија по Брегзит според Лабуристите? И на нив не им е баш јасно. По долги натегања единствено се согласија со тоа земјата да остане член на царинската унија. Во утописката цел на Лабуристите „Работата на прво место" – по Брегзит, односно дека на работниците ќе им биде подобро по излезот од ЕУ отколку претходно, ретко кој им верува.
Мала надеж за „егзит од Брегзит"
Тоа што на партискиот конгрес за првпат се најавува дека Лабуристите би можеле да се залагаат за втор референдум е мал прогрес за про-европското крило на Лабуристите. Формулацијата додуша е неодредена и на партиското раководство му ги остава отворени сите опции, па дури и таа на крај сепак да се залагаат за нови избори, а не за нов референдум. Сепак е мал знак на надеж и можност за Лабуристите да престават концепт сосем спротивен на стратегијата на Тереза Меј, „егзит од Брегзит".
На прв поглед е сосем разбирливо, Лабуристите во најмала рака да се залагаат за „мек Брегзит", ако веќе не и за втор референдум којшто на Британците би им дал можност да си ја ревидираат одлуката од јуни 2016 година. Мнозинството членови на Лабуристите, како и мнозинството пратеници од Долниот дом се про-европски ориентирани. Но, нивниот предводник Џереми Корбин не е. Уште за време на предизборната кампања пред референдумот, првиот човек на Лабуристите изјави дека бил „70%" про-европски, и дека повеќе од тоа не можел да биде. Исто така многу гласачи на Лабуристите тогаш гласаа за излез од ЕУ. Во меѓувреме мнозинството Британци сметаат дека тоа било грешка и се плашат од негативните последици за економијата. Но, во општеството сѐ уште не постои јасен тренд за втор референдум. Впечатокот е дека многу гласачи не сакаат веќе да се занимаваат со оваа непријатна тема.
Повеќе:
Брегзит: ЕУ не сака да намигне прва
Меј бара од ЕУ да ѝ излезе во пресрет
Притисокот од партиската база
Но, внатре во Лабуристичката партија и тоа како се сменети нештата. Партискиот врв пред една година уште можеше да спречи гласање на темата Брегзит и да наметне внатрешно политички теми, како на пример, социјалната правда, но сега е под притисок од сопствените редови. Нови партиски ограноци основани пред сѐ од млади луѓе сакаат да го спречат Брегзитот. Тие успеаја да го привлечат вниманието на себе, како на пример со демонстрацијата за втор референдум на маргините на партискиот конгрес на кој пратеникот од Долниот дом, Дејвид Лами довикуваше „ме слушаш ли Џереми Корбин". Партискиот врв би требало да го искористи ентузијазмот на неговите членови и да се обиде да влијае на расположението во земјата. Тоа би било вистинската стратегија. Пред сѐ гласачите на Лабуристите во сиромашните поранешни индустриски области би имале најголема штета од економска криза која би ја предизвикал Брегзит. И покрај сите потешкотии, Лабуристите веќе не треба да се воздржуваат да заземат страна. На Велика Британија ѝ е потребна алтернатива за Брегзитот на Тереза Меј!