1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Мнозинството незадоволно од владиниот одговор на пандемијата

БГ
22 јануари 2021

Голема поделеност во ставовите на испитаниците во однос на пандемијата на коронавирусот, вакцината и справувањето на властите со кризата, покажува анкета на Галуп Интернационал во Северна Македонија.

https://p.dw.com/p/3oHbK
Nord-Mazedonien Skopje | Coronakrise
Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Повеќе од половината испитаници во анкетата на Галуп Интернационал во Северна Македонија сметаат дека владата не се справува добро со пандемијата на коронавирусот, а речиси исто толку ја сметаат заканата од вирусот за „претерана“ и истовремено не би се вакцинирале без оглед дали ќе има сигурна и ефикасна вакцина. На прашањето дали владата се справува добро со коронавирусот, 54% отсто од испитаниците одговориле негативно, наспроти 44% од испитаниците кои имаат позитивен став.

-повеќе на темата: Во што веруваат Македонците: „Не“ за вакцина против Ковид-19, „Да“ за теории на заговор

Целосна поделеност кај испитаниците има по прашањето: Дали сметаат дека заканата од коронавирусот е претерана? Идентични 49% одговориле и потврдно и одречно. Наспроти овие бројки, дури 76% отсто од испитаниците се подготвени да ги жртвуваат своите човекови права доколку тоа помогне да се спречи ширењето на вирусот. Слична бројка од 70% се согласуваат со рестрикциите во патувањата меѓу земјите за да се спречи ширењето на вирусот. 

-повеќе на темата: Брзата вакцина ќе не' врати побрзо во нормала!?

Мнозинството од испитаниците сепак не се подготвени да примат вакцина против коронавирус, дури и доколку таа стане јавно достапна и се смета за безбедна и ефикасна. Речиси половината, или 49%, одговориле дека не би примиле вакцина, додека само 40% би биле подготвени да бидат боцнати. Дополнително, 39% од испитаниците одговориле дека глобалната пандемија ја зголемила нивната подготвеност да се вакцинираат, а кај 26% од испитаниците ја намалила. Една третина од испитаниците останале со непроменето мислење во однос на вакцините без оглед на пандемијата.

Истражувањето на Галуп Интернационал спроведено во 47 земји во светот покажува тренд на благо опаѓање на довербата кон владите во однос на нивното справување со пандемијата, но таа се' уште е на високо ниво. Паралелно, расте и бројот на оние кои веруваат дека заканата од коронавирусот е претерана. Најголем отпор против вакцините за коронавирусот има во Босна и Херцеговина, Србија, Чешка и други европски земји.

Анкетата на Галуп Интернационал во Северна Македонија е спроведена телефонски, на примерок од 500 испитаници во периодот од октомври до декември 2020.