Вакцините на „АстраЗенека“ пристигнуваат во март
2 февруари 2021Северна Македонија ќе добие до 175.200 дози вакцини на „АстраЗенека“ во март. Веста ја сооошти Министерството за здравство по допис добиен од Ковакс системот за првата испорака на вакцината против Ковид-19 во земјата. Станува збор за вакцината која се произведува од фармацевтската компанија „АстраЗенека“ во соработка со Универзитетот во Оксфорд.
„Од Ковакс информираат дека за Северна Македонија се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35 отсто треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината“, информираат од Министерството за здравство. Тоа значи дека од вакцината АстраЗенека во првите три месеци од годинава би можеле да се очекуваат минимум 36.120 дози за спроведување на вакцинирањето на населението.
-повеќе на темата: Февруари дојде, ќе дојдат ли и вакцините?
Од Ковакс информираат дека земјата нема да добие вакцини од Фајзер во оваа фаза, затоа што во неа не се вклучени земјите кои започнале сопствени програми за вакцинација против Ковид-19.
Северна Македонија води директни преговори со производителот „Фајзер“ за набавка на 800.000 дози на вакцината против Ковид-19. Владата договори првите 5.850 дози од вакцините на „Фајзер“ да пристигнат во текот на февруари, а поголеми количини на вакцини да дојдат во март и април.
Системот е целосно подготвен
Надлежните тврдат дека системот е целосно подготвен да ги прими количините на вакцините преку Ковакс механизмот, но дека истовремено се обезбедуваат вакцини од други производители и преку други механизми, кои Република Северна Македонија треба да ги добие. За таа цел, вчера во Собранието беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства кои се однесуваат на регистрација на вакцините против Ковид-19 во земјата.
-повеќе на темата: Најдобрата вакцина е таа што навреме ќе стигне
За вакцините за кои што е потребно одржување на стандарден ладен ланец од 2°С до 8°С ќе се користи постојниот логистички систем. За вакцините кои имаат посебен температурен режим на прием, складирање и транспорт на температура пониска од -70°С или -20°С надоградена е постојната мрежа со обезбедување на соодветни ладилници. Системот за вакцинација е целосно подготвен, децидни се надлежните.
Вакцинација во три фази
Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против Ковид-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се на првата линија, со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години. Вакцината АстраЗенека веќе беше одобрена за користење во Европската Унија од Европската агенција за лекови, а претходно дозвола доби и во Велика Британија. Вакцината се дава во две дози, при што втората доза на лицето треба да биде дадена во период од 4 до 12 недели по примањето на првата доза.
-повеќе на темата: Игра на брзи прсти – како до вакцина за сезонски грип?
Но, како што соопшти Јавниот институт за здравство во Франција, вакцината на „АстраЗенека“ против Ковид-19 не се препорачува за лица постари од 65 години, поради недоволни податоци за нејзината ефикасност во таа возрасна група. Јавниот институт за здравство во Франција ја одобри вакцината „АстраЗенека“ четири дена по Европската агенција за лекови. Независно тело советува дека вакцината најпрво треба да се дава на луѓе на возраст од 50 до 60 години и на медицинскиот персонал.Слична одлука за употребата на „АстраЗенека“ донесоа Италија, Австрија и Германија, повикувајќи се на недоволно податоци.
Во меѓувреме, во наредните денови во Северна Македонија се очекува да пристигнат и 200.000 дози од вакцините на кинескиот Синофарм.