1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Февруари дојде, ќе дојдат ли и вакцините?

ДТЗ /ДВ
1 февруари 2021

Соочени со недостиг на вакцини, балканските земји водат гладијаторска битка, кој прв да стигне до ветените вакцини. Надежите се дека првите кинески вакцини во Северна Македонија ќе пристигнат претстојниот викенд.

https://p.dw.com/p/3ogIm
BIONTECH Impfstoff
Фотографија: Laci Perenyi/imago images

Додека дел од европските земји привршуваат и со второто вакцинирање на граѓаните, а Германија најавува дека ќе обезбеди вакцини против Ковид-19 и за 2022 година, дел од балканските земји останаа последни во редот за имунизација на населението од заразниот Ковид-19, кој коси повеќе од една година. Дополнителен проблем се уште позаразните мутации кои го стегаат обрачот. Северна Македонија го регистрираше првиот смртен случај од британскиот сој, од вкупно три случаи коишто се потврдени во земјата. На врата тропа и јужноафриканската мутација, уште позаразна и поопасна од Ковид-19, којашто е детектирана во Солун, Грција. Но, вакцината, како последна надеж за борба против опасниот вирус, се уште ја нема - барем за македонските граѓани.
Останатите земји од регионот или ја започнаа вакцината, или бројат само часови до почетокот на имунизацијата на населението. Во, меѓувреме надлежните во Северна Македонија прават списоци и се надеваат дека и февруари нема да помине во празни надежи и без ниту една доза од магичниот лек против короната.

Надмината и последната пречка 

Надмината и е последната законска пречка за набавка на вакцините во Северна Македонија, откако со Собранието денеска беа едногласно изгласани измените на Законот за лекови. Со тоа создадени се законски основи за издавање на одобрение за ставање во промет на вакцините против Ковид-19 кога подносителот на барањето нема седиште на територијата на државата. Измените се направени на барање на компанијата ,,Фајзер“ кои инсистираа апликант за регистрација да биде нивно преставништво со седиште во Холандија, одговорно за овој дел на Европа. 

-повеќе на темата: Ковид-19: што знаеме за кинеските вакцини?

Најавите се дека во земјата во текот на февруари треба да пристигнат 5.800 вакцини на компанијата Фајзер, а до крајот на годината 800.000. Се очекуваат и 200.000 вакцини од Кина и 833.000 дози обезбедени преку Ковакс системот. Се прават списоци на здравствени работници и на хронично болни кои први ќе бидат вакцинирани. Последната препорака е да се вакцинираат и луѓето кои биле заболени без разлика дали имаат или немаат антитела.
„И покрај вакцината, мора да се почитуваат мерките за заштита. Направен е список од 14.000 граѓани кои ќе бидат повикувани преку матичните лекари, преку системот „Мој термин”, информираше неодамна министерот за здравство, Венко Филипче. 

Venko Filipce
Направен е список од 14.000 граѓани кои ќе бидат повикувани преку матичните лекари за вакцинирање, најави министерот за здравство Венко ФилипчеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Владимир Ѓорчев пратеник и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ на Фејсбук објави споредбена анализа на „Блумберг“ за вакцинирањето против коронавирусот во светот. Според листата, Србија има - 437.000 вакцини, Романија - 672.000, Грција - 269.000,  Словенија - 75.000, Хрватска - 80.000,  Бугарија - 41.000 и Албанија - 662 вакцини.

Зрак надеж

С. Македонија, Косово, Црна Гора и БиХ останаа единствените земји во Европа каде вакцинацијата против Ковид-19 се уште не е почната. Сите надежи се вперени кон Ковакс механизмот, кој се соочува со голем предизвик да ги обезбеди потребните дози за европските земји. Зрак надеж дека регионот нема да биде оставен на милост или немилост, пристигна по веста дека ЕУ и АстраЗенека постигнале договор фармацевтската компанија да ја зголеми доставата на вакцини со дополнителни 9 милиони дози кои би ги испорачала до март. Но, дури и со дополнителните дози од АстраЗенека, компанијата ќе испорача само половина од договорената количина за првиот квартал од годината.

-повеќе на темата: Германија во треска: Како да се произведат повеќе вакцини?

Претходно и Фајзер Бионтек, првиот и најголем доставувач на вакцини против Ковид-19 гарантираше дека ќе ги достави договорените количини за првиот квартал и ќе испорача дополнителни 75 милиони дози во вториот квартал. Но, и покрај тоа, остануваат отворени прашањата за тоа како потпишувањето на договорите за снабдување и процесите за одобрување на вакцините, заостануваат толку многу зад другите богати нации, како Велика Британија и Израел, кое веќе вакцинираа голем процент од своето население.

Регионот забрзано се вакцинира

Соочени со недостиг на вакцини, европските земји водат гладијаторска битка, кој прв да стигне до ветените вакцини. Србија води во битката за обезбедување што повеќе вакцини за граѓаните. Досега се вакцинирале 450 илјади граѓани. Државниот секретар во Министерството за здравство, Мирсад Ѓерлек, за РТС изјави дека интересот за вакцинација е поголем од очекувањата и дека во моментов се пријавиле повеќе од 850 илјади лица. Тој посочи дека до среда бројот на вакцинирани може да ја надмине бројката од половина милион и најави пристигнување на нови дози на вакцините. И граѓани на Црна Гора се вакцинираат против коронавирусот во Србија, каде масовната имунизација на населението започна кон средината на јануари. Цената на првата од двете дози на кинеската вакцина „Синофарм“ црногорските граѓани во Србија ги чинела околу 70 евра. Неколку здравствени работници, но и политичари од Црна Гора биле вакцинирани во изминатите неколку дена во Белград и платиле 70 евра за тоа, пишуваат медиумите од регионот. 

-повеќе на темата: Вакциниран и заразен – што ми се случи по вакцинирањето со Спутник V 

Словенија и Хрватска ја започнаа вакцината пред Нова година. Словенечкиот премиер Јанез Јанша вели дека според планираните испораки на вакцината против коронавирусот се очекува вакцинација на 70 отсто од населението до почетокот на летото, пренесуваат тамошните медиуми.  
Словенија порача 2.757.948 дози од вакцината на Фајзер и Бионтек и 470.000 дози од вакцината на Модерна, што вкупно изнесува 3.227.948 дози од вакцините кои се веќе одобрени во ЕУ. Тоа значи дека Словенија досега има обезбедено вакцини за 1.613.974 целосни вакцинирања со двете дози. Хрватскиот министер за здравство, Вили Берош, пак, вели дека повеќе од 20.000 луѓе се вакцинирани против коронавирусот во земјата, вклучувајќи 37 проценти од здравствените работници и 56 проценти од корисниците на домови за стари лица. Според него, Хрватска во моментов е петта земја во ЕУ и 12-та во светот според бројот на вакцинирани на 100 жители.

Impfstoffe zur Impfung gegen Masern und gegen Windpocken
Вакцијата не е започната во Босна и Херцеговина, која на 15 февруари ги очекува првите дози од вакцинитеФотографија: Imago/photothek/U. Grabowsky

Вакцијата не е започната само во Босна и Херцеговина, која на 15 февруари ги очекува првите дози од вакцините „Фајзер“ (23.400 дози) и „АстраЗенека“( од 153.600 до 259.200 дози).
Денеска се очекува да пристигнат првите дози на вакцината „Фајзер“ во Албанија. Соопштението го објави премиерот Еди Рама за време на состанокот во Корча. Според него, земјата ќе добие дел од нарачаните 500 илјади дози. „Јас сум многу оптимист дека од гледна точка на капацитетите нема да нема да има недостаток на дози“, рече Рама. Тој исто така најави дека е близу до финализирање и на договорот со АстраЗенека.
Вакцинацијата забрзано се спроведува и во Грција, каде вчера беше регистриран првиот случај на северноафриканската мутација на вирусот. Во моментов, над 17.000 се вакцинираат дневно, а веќе се вакцинирани околу 270.000 жители на Грција, со што е надмината целта од 200.000 планирана за јануари.