1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Германија: Десничарски екстремисти планирале напади

ЖА / дпа
14 април 2022

Чет-група на Телеграм планирала бомбашки напади врз инфраструктурата заради доведување до „ситуација слична на граѓанска војна“, како и киднапирање на министерот за здравство Карл Лаутербах.

https://p.dw.com/p/49wcD
Deutschland I Demonstration von Rechtsextremisten und «Reichsbürgern» in Berlin
Фотографија: Fabian Sommer/dpa/picture alliance

Во повеќе германски покраини полицијата извршила рации против членови на чет-група, кои планирале напади со експлозив и грабнување на „познати личности од јавниот живот“, соопшти денеска надлежното Обвинителство од Кобленц.

Според соопштението, бил извршен претрес на 20 објекти во покраините Рајнланд-Фалц, Баден Виртемберг, Бранденбург, Баварија, Долна Саксонија, Северна Рајна Вестфалија, Саксонија, Шлезвиг-Холштајн и Тирингија.

Во спроведување на акцијата биле вклучени 270 полициски службеници, меѓу кои и припадници на специјалните единици.

Осомничените се Германци на возраст од 41 до 55 години, кои се соочени со обвинение за подготовка на тешки кривични дела на насилно загрозување на државата и прекршување на законите за оружје и за контрола на воено оружје. Лицата против кои се води акцијата припаѓаат на милјето на  антикорона протестите  и на  десничарското и движењето Граѓани на Третиот рајх.

При претресите се откриени и одземени оружје, муниција, пари во кеш, злато и сребро. Многумина од осомничените се приведени и против нив е побаран налог за апсење. Чет групата „Обединети патриоти“ конкретно планирала напади и уништување на објекти на мрежата на електрична енергија за да предизвика целосен прекин на струјата во земјата – комплетен „блекаут“. „Со тоа, според идеите на осомничените, би се предизвикала состојба слична на граѓанска војна и конечно би бил соборен демократскиот систем во  Германија“,  се вели во соопштението на Обвинителството и Криминалистичката служба на Рајнланд-Фалц. Освен тоа, составен дел од плановите на групата било „киднапирање на познати личности од јавниот живот. Поименично како цел е наведено името на сојузниот министер за здравство, Карл Лаутербах.

Gesundheitsminister Karl Lauterbach
Сојузниот министер за здравство Карл ЛаутербахФотографија: Bernd von Jutrczenka/dpa/picture alliance

„На некои од негаторите на коронавирусот не им е до борба против вакцинирањето или мерките за справување со  пандемијата.  Тие се борат против нашиот демократски уставен поредок. Но, тие нема да успеат, нема да дозволам да бидам поколебан, туку и натаму ќе се залагам за заштита на целокупното население. Овој пример ја покажува поделбата во нашето општество. Нејзиното надминување и повторното здобивање на довербата останува цел на мојата политика“, изјави Лаутербах за „Билд ам зонтаг“. 

Истрагата против членовите на групата траела од октомври минатата година.