Над една милијарда евра воена помош за Украина
16 април 2022Притисокот врз канцеларот Олаф Шолц и врз германската влада на Украина да ѝ се пружи поголема воена помош во последните денови постојано растеше и од редовите на политичарите од владеачката коалиција. Сега Шолц реагираше и најави дека обезбедил вкупно два милиони евра дополнителна воена помош - од што значително повеќе од милијарда евра ќе одат директно во Украина, јави првата програма на германскиот јавен сервис- АРД.
Дополнителни средства
Украинците овие пари ќе можат да ги користат за купување оружје кое го сакаат - во консултации со САД и со другите партнери.
Ако купат оружје од Германија, извозот мора да го одобри сојузниот министер за економија, Роберт Хабек. Од пакетот, 400 милиони евра се наменети за European Peace Facility, кој купува оружје за Украина. Останатите 400 милиони евра се за други земји...
Повеќе: Војна во Украина: Германската надворешна политика на столб на срамот
Овие две милијарди евра за набавка на оружје за Украина не се дел од претходно најавениот посебен фонд за модернизирање на Бундесверот од 100 милијарди евра, туку се работи за дополнителни пари, зголемување на овој годинешнен буџет. Министерот за финансии, Кристијан Линднер, ја потврди оваа одлука во петок вечер. „Медиумските извештаи се точни“, напиша тој на Твитер. „Канцеларот Шолц благовремено побара зголемување на буџетот.“
Барањата на Украина
Украина од германската влада постојано бара да ѝ испорача тешко вооружување вклучувајќи и тенкови. Така украинскиот министер за надворешни работи, Димитро Кулеба, во четвртокот во едно интервју за германската телевизија побара од Шолц брза испорака на германско оружје.
„Се надевам дека Шолц ќе донесе позитивна одлука“, рече Кулеба додавајќи оти аргументите против испораката на ова оружје не се цврсти. Противниците за испораката на тешко вооружување на Украина главно како причина ја наведуваат опасноста од натамошна ескалација на војната, евентуално и надвор од границите на Украина.
Притисок врз Шолц
Шолц досега на овие барања реагираше многу воздржано, што во Германија предизвикуваше сѐ поголемо незадоволство. Така, канцеларот неодамна јавно беше критикува поради својот неодлучен став од страна на коалициските партнери Либералите и Зелените, а сѐ повеќе критички гласови пристигаа и од Социјалдемократската партија на канцеларот.
„Канцеларот е проблем“, изјави за магазинот Шпигел претседателот на Европскиот одбор во германскиот парламент, Антон Хофрајтер од партијата Зелените. „Германија мора да преземе одговорност во Европа - а, тука пред сѐ е канцеларот на потег“, рече Хофрајтер и додаде оти без разлика во кои европски земји патува, секогаш се среќава со прашањето: Каде е Германија?
И сојузниот министер за економија, Роберт Хабек, е за зголемување на испораката на оружје за Украина. „Мора да стигне повеќе оружје“, изјави овој политичар.