Германската економија соочена со тешки времиња
30 јули 2020Бројката е впечатлива – минус 10,1 процент: никогаш досега во повоената историја економијата во Германија не доживеала таков пад како во вториот квартал од оваа 2020. година. Значи, ова е историски ден, и години подоцна ќе се навраќаме на оваа бројка, кога некогаш ќе тргне на подобро. Исто како што беше со оние 7,9 проценти од вториот квартал на 2009. година, кога светската економија се најде на работ на амбис како последица на големата финансиска криза.
Ова не е за чудење, зашто во фабриките не се произведува, големите бродови-контејнери не се товарат, услужните дејности не носат ништо, веќе не се одржуваат саеми, а рестораните мораа да бидат затворени. Прашањето дали падот на економскиот раст ќе биде двоцифрен или не, сега е барем одговорено. Секако, бројни прогнозери се обидуваат да гледаат кон иднината и укажуваат дека по олабавувањето на рестрикциите на речиси двомесечниот карантин, економскиот мотор повторно е активиран и се поместуваме од дното.
Излегување од подрумот на светлина
Економијата „со сигурност" во третиот квартал повторно ќе прикаже пораст, дури значен, некои анкети сигнализираат дури и „огромен скок" и враќање на лентата на економски раст. Други забележуваат „значително намалување на песимизот" во фирмите. За сево ова не е потребно длабоко стручно познавање на материјата: крајно, владата го понуди најголемиот замислив конјуктурен пакет, кој брзо ги прикажа првите резултати. Освен тоа, оној кој доаѓа од темен подрум, брзо го заслепува првиот светлосен зрак.
Лошата вест би била: засега тоа е крај на добрите вести. Зашто, без оглед колку се благодетни милијардите од државната помош и вонредните регулативи во моментов, тие често само ги кашираат проблемите кои многу фирми ги имаа и пред короната. Овој подмолен вирус не ги разболува само луѓето, па дури и ги убива, не, тој безмислосно ги соголува и проблемите на фирмите. На оној кој и пред короната едвај се одржувал на површина, нема можеби да му помогнат ни парите од Берлин. Но, кога ќе отпадне оваа поддршка (а тоа ќе се случи), за многумина ќе дојдат мрачни денови.
Планска наместо пазарна економија?
Зашто, се поставува следното прашање: колку долго државата може да ги држи распнати чадорите за помош, да ги штити претпријатијата од банкрот и да интервенира на пазарот? Фирмите доаѓаат и заминуваат, зашто не можат да му одолеат на кризните налети, што спаѓа во секојдевието на пазарната економија. Како завршуваат планските економии, во кои државата го регулира стопанството, се покажа пред децении во Германската Демократска Република.
Повеќе:
Германија ја продолжува вонредната дозвола за доаѓање на работна сила од Балканот
Корона-криза: Германската индустрија полека се опоравува
Ковид-19: Германско враќање во иднината
Колку се заработува во Германија и кои се најплатените професии
Сепак, секое петто претпријатие, според анкета на Ифо-институтот во Минхен, својата егзистенција ја смета за загрозена поради короната. Осигурителната компанија Ојлер Хермес прогнозира „досега невиден бран на банкроти" во Германија. А тој може да ги погоди сите бранши. Посебно загрозени се авиосообраќајот и туризмот. А бранша која уште одамна страда е трговијата на мало на пример. Надоаѓачката пропаст на германските традиционални трговски куќи, како на пример Галерија Карштат Кауфхоф, короната драматично ја забрза.
Слично мрачна, а за пазарот на труд вистинска закана, е состојбата во автомобилската индустрија. Таму бизнисот одамна оди лошо (дизелгејт и збогување со моторите на согорување), но и тука короната игра улога на катализатор. Синдикатот на металската индустрија, ИГ Метал гледа закана за околу 300.000 работни места. А тука не станува збор само за големите автомобилски производители, туку за бројни средни по големина лиферанти или производители на машини. Од областа на машиноградбата, речиси 80 проценти од фирмите сведочат за „забележителен и драстичен пад" на побарувачката. Само да споменеме, оваа бранша вработува преку еден милион луѓе, значи повеќе отколку автоиндустријата.
Што е сега неопходно?
Овие лоши вести не се доволни? Екстремно извозно ориентираното германско стопанство ќе трпи многу повеќе отколку важните увозни земји како САД, но и Бразил или Индија, кои не можат вистински да се справат со пандемијата на коронавирус. И уште еден проблем: бројот на претпријатија чии долгови се високи, а добивките ниски, драматично се зголемува. Не само во Германија, во останатите земји од Европа, туку и во САД. Што значи: добивките нема да бидат доволни за отплата на каматите. Ѓаволски круг. Иако долговите сами по себе не се нешто лошо: Фолксваген со 192 милијарди американски долари кредити е прв на светот на оваа листа, но засега може да ги опслужува своите доверители. Но, токму во тоа е проблемот, а многу фирми поради пандемијата на коронавирус не го можат тоа.
Што треба да се преземе сега за есента и зимата (земајќи предвид и евентуален втор корона-бран) да не станат уште помрачни? Германската влада мора да пронајде каде целно може да помогне, каде на пример можеби пакетот помош мора да се подобри. Првенствено мора да биде продолжена регулативата за скратено работење и да се приспособат законите за инсолвентност.
На крајот, можеби наскоро ќе биде пронајдена вакцина против коронавирус и сѐ ќе биде добро. За многу фирми кои имаат погрешен деловен модел, тогаш можеби сепак и тоа ќе биде предоцна.