Германски „Леопард“ тенкови за Украина?
14 април 2022Само што германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок се заложи за испорака на тешко оружје на Украина, германскиот концерн Рајнметал веќе објави своја понуда. На располагање, како што се вели, стојат 50 тенкови.
„Првиот 'Леопард 1' би можел да биде испорачан за шест недели“, изјави за весникот „Ханделсблат“ претседателот на управниот одбор на оваа компанија за производство на оружје, Армин Папергер. Во моментов се проверува состојбата на тенковите, изјави Папергер.
Испораката, според него, може да се изврши преку подружницата Рајнметал Италија и може да се заврши во рок до три месеци. Според Папергер, украинските војници би можеле да бидат обучени за употреба на „Леопард 1“ во рок од неколку дена.
Тенковите се стари залихи од други армии. Бундесверот, меѓу другото, долго време го користи моделот наследник „Леопард 2“, чија прва верзија беше претставена во 1979 година. Рајнметал има и деактивирани оклопни транспортери од типот „Мардер“. Компанијата од Диселдорф соопшти дека ќе може да испорача 70 примероци од нив во рок од шест до осум месеци. Според Рајнметал, првите десет би можеле да бидат испратени во рок од пет недели.
Бербок е за тешко оружје
Предуслов за таков трансфер би било одобрението од сојузната влада. Германија досега на Украина, меѓу другото, ѝ испорача ракети за противвоздушна одбрана, панцерфаусти и митралези. Тешкото оружје, како тенкови, борбени авиони, воени бродови или артилерија, не беа во игра. Сега, барем според министерката за надворешни работи, треба да следи и тешко вооружување.
Бербок на маргините на една средба на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург рече дека на Украина „ѝ е потребно пред сѐ и тешко оружје“. „Сега не е време за изговори, сега е време за креативност и прагматизам.“ Бербок не кажа кое тешко оружје може да биде испорачано од Германија во Украина, но таа сигнализираше своја согласност за зголемување на воената помош на ЕУ на 1,5 милијарди евра. Тоа го предложи Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел.
Владејачката коалиција сигнализира согласност
Политичарите од партиите од владејачката коалиција, кои се задолжени за прашања на одбраната, ја поддржуваат испораката на старите тенкови „Леопард 1“. Сара Нани, портпаролка за прашањата на одбраната од парламентарната група на Зелените, за германскиот весник „Ханделсблат“ изјави дека одлучувачко прашање е што навистина може да испорача Германија. Таа вели дека не е лесно да се употреби „Леопард 1“ на безбеден начин. „Но, Украина во овој случај подобро од мене знае дали тоа сепак ќе им помогне.“
Слична е изјавата и на експертот на Либералите (ФДП) во врска со прашања од одбраната, Маркус Фабер: „Факт е дека за 'Леопард 1“ мора да се помине нешто поинтензивна обука. Но, ако Украинците сакаат да го добијат тој тенк, а ми испратија такви сигнали, тогаш треба да се најде начин“.
Политичарот на Либералите кој е предложен за генерален секретар на партијата, Бижан Џир-Сарај, го поздрави барањето на Аналена Бербок. Тој за Првата програма на германската телевизија (АРД) изјави дека се надева оти „тешкото оружје ќе ѝ биде ставено на располагање на украинската армија брзо и едноставно.“ Џир-Сарај додаде и дека во случај да се исцрпат можностите на Бундесверот за испорака на оружје на Украина, тој очекува брзо наоѓање прагматични алтернативи.
Шолц е воздржан
Канцеларот Олаф Шолц е воздржан. Германија веќе ѝ достави оружје на владата во Киев и ќе продолжи да го прави тоа, изјави тој. Ќе се прават и дополнителни консултации во Европската Унија. „Нема да се прават самостојни потези“, вели канцеларот. За време на викендот (9/10 април), украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелник, побара итна испорака на тенкови „Леопард“ и „Мардер“, самоодни хаубици и уреди за лоцирање артилерија од типот „Кобра“.
„Според нашата анализа, Германија би можела да се откаже од сето ова, без притоа да се загрози одбраната на земјата или обврските во НАТО“, рече Мелник.
- повеќе: Светот се разоружува, Европа се вооружува
Претседателката на Комисијата за одбрана во Бундестагот, Мари-Агнес Штрак-Цимерман, во случајот на тенковите „Мардер“ предлага склучување зделка со источноевропските партнери: „Украинската армија прво би требало да биде обучена за тенковите. Затоа, предлагам нашите источноевропски партнери да го достават соодветниот материјал во Украина“, изјави политичарката на ФДП за весникот „Рајнише пост“. Таа објасни дека материјалот од поранешните руски залихи, кое останало од Варшавскиот пакт, може да се користи веднаш од страна на украинските војници.