1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Граѓанскиот активизам наспроти политичкиот дилетантизам

Костадин Делимитов8 февруари 2016

Процесот на будење и активирање на граѓаните не е ни лесен, ниту брз, но се случува и во Македонија зема се` поголем замав.

https://p.dw.com/p/1Hr5O
Фотографија: Reuters/M. Djurica

Цивилниот сектор во Македонија се мобилизира во битката за демократија и ослободување на општеството од политичките стеги. Активностите на терен кои посебно се изразени последнава година се засилуваат, се заговараат разни методи на делување со единствена цел - мобилизација на граѓаните. Граѓанските активисти стануваат се` погласни, но дали се реално и доволно моќни навистина да станат предводници на промените? Процесот на будење и активирање на граѓаните, според активистите, е тежок и нималку лесен процес, посебно во Македонија. Причините се повеќе фактори, но клучниот е целосната целосната партизација на општеството:

„Ние во Македонија сме сведоци на тоа дека партиите на власт, во изминатите десет години, целосно ги партизираа државата и државните институции, а граѓаните ги ставија или во улога на пасивни набљудувачи или во улога на нивни покорни послушници и извршители. Политиката е за граѓаните и на граѓаните, но партизацијата ги крши нивните основни права и слободи, и води кон колективизација, во која нема место за човекот и граѓаните, туку само за некоја празна форма која се вика народ. Во една таква ситуација, кога власта постојано 'труби' дека политиката им е иманентна само на политичките партии, граѓанските организации и граѓанските активисти се соочени со еден голем предизвик, а тоа е мобилизацијата и активирањето на граѓаните. Мислам дека не постои само еден начин и само еден пат на мобилизација и активирање на граѓаните. Потребно е тие да се охрабрат, да се поддржат, да се информираат, да се едуцираат, да се поврзат меѓусебно и така, да бараат директно учество во креирањето политики и да почнат да веруваат дека промените зависат токму од нив. Годината што е зад нас покажа дека се` повеќе луѓе се ослободуваат од стравот и дека се подготвени да се борат против режимот, а за промени кои значат слобода, правда, благосостојба. Процесот на будење и активирање на граѓаните не е ниту лесен, ниту брз, но се случува и зема се поголем замав. Во сето тоа граѓанските организации и активисти имаат своја значајна улога особено оние кои со години ја следат работата на власта и укажуваа на злоупотребите", коментира Билјана Бејкова, граѓански активист.

Свесни, но без верба во својата моќ

Во услови на повеќе од очигледни случаи на загрозеност на човековите права и суспензија на демократските принципи и механизми, невладини активисти чувствуваат не само потреба, туку и должност да делуваат. Клучниот предизвик не е само да се анимираат граѓаните за своите права, туку и да се поттикнат на поголема активност во битката за своите права. Силната антикампања и „демонизација" на невладиниот сектор можеби ги ослабува, но дополнително и мотивира во заложбите да се надминат сите програмски и идеолошки разлики, за да може сите различности да се искористат во создавање на подобро и подемократско владеење и општество:

„Нашето искуство покажува дека директната работа со граѓаните на терен покажува дека тие се добро информирани. Она што е потребно е обезбедување на основни демократски услови за учество во политичките процеси за да умеат да влијаат и на институциите, но и на политичките партии воопшто. За жал поради социјалната неизвесност и сиромаштијата, како и заробеноста на државата од владејачките политички партии, граѓаните, иако целосно свесни за тековните злоупотреби на власта, немаат верба во својата моќ. Она каде невладиниот сектор може да влијае е во насока на тоа граѓаните да бидат покритични, да се обиде да ги заштити, да ги информира, да влијае повеќе да се вреднуваат себеси и да изберат итна промена на корумпираните владејачки структури. А подоцна да го сменат и на начинот на кои делуваат партиите во Македонија, односно нивната контрола врз јавните институции, непотизмот и корупцијата. Мобилизирање на организациите и во поширок фронт можеби е нешто што е препорачливо во моментов - искористување на капацитетите и знаењата од различните полиња на делување на организациите. Ова е момент во кој е потребно да се надминат сите програмски и идеолошки разлики, за да може сите различности да се искористат во создавање на подобро и подемократско владеење и општество. Како што видовме со годината на протести, која започна со студентските, а имаше кулминација со протестите на 5 мај и големиот граѓански протест на 17 мај, можно е граѓаните да делуваат на промените. Она што ни недостига во овој момент е свест па можеби и волја да се разбере дека битката за граѓанско општество во кое граѓаните подеднакво можат да влијаат на одлуките, е постојан и долг процес, секојдневно делување", коментира Драшко Костовски, програмски директор на ХЕРА.

„Треба да си го најдете својот пат“

Ако домашниот притисок и еден вид пресија врз цивилниот сектор одмага, тогаш пораките на поддршка кои што доаѓаат однадвор, посебно од видни политички авторитети дефинитивно помага. Посебно од типот на оние како последната на германскиот министер Михаел Рот, кој ги охрабри младите и граѓанското општество да го кренат гласот и да бидат поактивни при своите барања:

Deutschland Michael Roth Staatsminister
Михаел Рот го охрабри граѓанското општествоФотографија: Jänicke Knoll

„Вие треба да си го најдете својот пат, но политичарите мора да прифатат дека студентите, младите имаат повеќе амбиции и очекувања за иднината на општеството. Многу сум горд што сте инволвирани во процесот за да обезбедите подобра иднина на вашата земја и продолжете напред. Би сакал да ве охрабрам да бидете и погласни. Ви ветувам дека кога ќе имам можност за средба со европските претставници, со господинот Хан ќе ги охрабрам да го вклучат повеќе цивилното општество во процесот, да стане круцијален дел од овој реформски процес. Вие сте добредојдени, но борете се за својот живот не чекајте и немојте да се воздржувате во тоа. Немате повеќе време за губење, кризата трае предолго, вие заслужувате повеќе", нагласи Рот.

Граѓанските организации во Македонија деновиве се мобилизираа во барањето и за одложување на изборите сѐ до моментот додека не бидат исполнети сите суштински одредби од политичкиот договор. Во писмената иницијатива која ја доставија до меѓународните претставници во земјата, тие изразија загриженост и поради постојаните атаци врз граѓанските активисти и слободоумни граѓани кои сè уште се мета на говор на омраза и закани од страна на провладини новинари и медиуми. Граѓанските активисти предупредуваат дека надлежните институции реагираат бавно и неефикасно во спречувањето и санкционирањето на овие појави што создава слика во јавноста за неказнивост и недопирливост на определени поединци под заштита на власта, кои постојано сеат говор на омраза и закани.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема