1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција со нови задолжувања ја враќа довербата

Јанис Пападимитриу
9 март 2019

За првпат од 2010 година Грција успеа да издаде десетгодишна обврзница. Експертите сепак предупредуваат: ова е далеку од голем успех. За земјата остануваат уште многу домашни задачи.

https://p.dw.com/p/3EZ7P
Griechenland bekommt Kredite für 3,5 Prozent Zinsen
Фотографија: picture alliance/dpa/B.Roessler

Високо задолжената земја сакаше од пазарот да позајми 2,5 милијарди евра. На крајот доби понуди вредни над 11 милијарди. Според грчките медиуми, интересот за обврзницата бил толку голем што куферите биле наполнети уште во вторникот попладне. Најголем бил интересот кај доверители од Европа и САД. Каматата изнесува 3,9 проценти. Лошата вест: Тоа е далеку повисоко од останатите земји од еврозоната. Добрата: Со тоа се достигнува нивото од пред почетокот на кризата. Ни во минатото Грција не успеваше да се задолжува со многу пониска камата. За споредба, уште во 2003 година беше понудена 10-годишна обврзница на која се плаќаше камата од 3,91 отсто.

„Заемот беше позитивен исчекор, но не би зборувал за голем успех’, вели Панајотис Петракис, професор по економија на Универзитетот во Атина. Тој објаснува дека земја како Португалија, со слични структурни проблеми како Грција, во моментов плаќа 1,2 отсто камата за своите долгорочни државни обврзници. Според Петракис, ќе беше подобро да се почека уште малку и да се излезе на пазарот следната година.
Финансискиот експерт Костас Ступас има слично мислење. „Тоа што Грција пласираше долгорочна обврзница е добро; но каматата е далеку повисока во споредба со другите земји со висок долг“.

Демонстрација на нормалност

Уште пред истекот на програмата за помош од ЕУ, премиерот Алексис Ципрас ги тестираше меѓународните финансиски пазари со петгодишна обврзница која беше издадена во 2017 година. На почетокот на 2019 тоа беше повторно сторено, но овојпат се работи за десетгодишна обврзница која се смета за вистински стандард кога е во прашање кредитната веродостојност на една држава.
За Владата во Атина од клучно значење беше преку издавањето на обврзницата да се демонстрира нормализација на состојбата. И моментот делуваше поволен откако американската рејтинг агенција Мудис го зголеми рејтингот на Грција за две нивоа на Б1. Притоа, Мудис го подобри и бонитетот на три грчки банки - што пак делува како изненадувачка одлука. Имено, грчките банки веќе со години страдаат од лоши заеми и губење на приходи. Т.н. „лоши заеми" на банките - кредити кои не се враќаат како што е договорено - претставуваат повеќе од 40 отсто од сите дадени заеми. Водечките грчки банки затвораат филијали и штедат на персонал.

Неодамна и Комисијата на ЕУ побара реформи во банкарскиот сектор. При неговата последна посета, на почетокот на месецов, комесарот за економија Пјер Московиси ги критикуваше одложувањата во овој сектор и побара јасни политички одлуки.