Деца на колапсот
10 декември 2018Каде и да отидам, а многу се движам низ земјите од регионот, го слушам истото: состојбата е лоша. Тогаш се прашувам- зарем е можно да нема масовен политички отпор кон лошата состојба? Или кога го има, зошто често издувува како балон не оставајќи подлабока трага во општеството?
Треба да се има на ум дека протестите кои веќе доведоа до некоја промена, како петто-октомврискиот бунт на граѓаните против изборната кражба на Милошевиќ и автократското владеење меѓу двата милениуми, најпрво разбуди очекувања, особено на младите, дека вистинската демократија, а со неа и исчекорот кон благосостојбата, се на дофат на раката. Следуваше тежок политички мамурлук.
Загорка Голубовиќ пред десетина години околу истражувањето „Разбудени надежи- изневерени очекувања“ собра група автори чии резултати ги забележа во истоимената публикација. Таму го најдов клучот за разбирање на поинаквиот вид револт- апстиненцијата: „Најблиску сме до оценката дека се работи за апстиненција како револт, предизвикана од незадоволството што не беше продолжен почетниот процес на демократизација“.
Значи, изневерените очекувања водат до политичка пасивизација на револтираната младина. На оние меѓу нив на кои ќе им се пружи шанса да заминат во средените општество каде ги ценат нивните способности, тоа го прават без многу двоумење. Статистиките за иселувањето се еднакво поразителни во сите постјугословенски држави. „Белата чума“ додуша е последица на проблемот на војните и криминалната економија, но ќе предизвика нови долгорочни неволји.
Во континуираното заминување на оние кои не се согласуваат со состојбата во земјата треба да се бара една од причините за недостаток на политички потенцијал за вистински промени.
Етничко чистење од етничкото чистење
Во Босна и Херцеговина во повеќе наврати избиваа демонстрации кои добиваа размери на масовен револт. Во нив спаѓаат социјалните протести од 2014 година, кои доведоа и до изливи на насилство, но и протестите „Правда за Давид“ кои во пролетта 2018 започнаа како бањалучки бунт на очајниот татко на настраданиот Давид Драгичевиќ, за потоа да прераснат во масовен протест против институциите.
Тие протестите покажуваат дека чувството за социјална или правосудна неправда е онаа енергија која може да ги мотивира луѓето да се здружат и да побараат правда. Зошто овие обиди завршуваат само со делимичен успех или неуспех?
Сараевскиот политолог Нерзук Ќурак смета дека на тие движења им недостасува некој вид авангарда, политичка платформа која не би правела никаков компромис со национализмот и која би била подготвена на големи гестови. Ќурак објаснува дека тоа би било „постјугословенско здружување без хегемониски субјект, развластување на баграта која ги покраде фабриките, директна демократија низ хоризонтално поврзување на градовите односно на градското мноштво, солидарснот, социјална правда, бесплатно образование и библиотеки како јавно добро, етничко чистење од етничкото чистење...“
А зошто таква политички авангардна платформа нема? „Нашиот голем проблем е што е сѐ со краток здив, а тоа е обележје на инфантилните заедници“, вели Ќурак. Причините ги гледа во поданичкиот менталитет, десубјектизивираната свест која не верува во сопствената сила и- во примамливоста на национализмот во однос на сите други идеологии.
Крахот на југословенската модернизација
Таквата лоша реалност околу нас има свои корени во тоталниот пораз на една идеја- идејата на модернизација.
„Во Југославија не беше неуспешна само социјалистичката варијанта на модернизацијата, туку модернизацијата воопшто, а во националистичката борба не се работи за ништо атавистичко, туку за нешто крајно современо, имено, се работи за черечење на руината на модернизацијата“. Вака Ернст Лохоф во книгата „Трет пат во граѓанска војна“, го опишуваше распадот на Југославија.
На друго место во книгата Лохоф, во 1996 година, прогнозира дека на местото на Југославија нема да стапат „животно способни национални држави“. Конечно, во делот за политичката економија на граѓанската војна тој ја анализира логиката која е во темелот на постјугословенската ограбувачка економија. Таа логика, според авторот, не е ексцесивна туку парадигматична.
Според него, постои закономерност која се крие зад секој колапс на модерната. Лохоф, значи, во целата југословенска приказна препозна модел по кој ќе се случуваат несреќите на општествата чија модернизација завршува во крах.
Сега, 22 години по појавувањето на неговата книга, изгледа дека нејзините тези се остваруваат. Западниот модел на економија проследен со демократска политичка култура и пакет вредности кои во повеќето случаи не беа докрај преносливи ни на оние земји кои Западот ги одведе во својата орбита, како Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, и конечно Словенија и Хрватска. Таму владеат номинално истите правила на игра, но општествата се однесуваат надвор од нив. Склоноста кон илибералниот политички модел е очигледна. Истовремено, старите западни демократии одвнатре се соочени со притисокот на антиимиграцискиот национализам.
А постјугословенскиот простор ни економски, ниту политички не постигна иреверзиблна стабилност. Особено е воочлива немоќта на западните обиди во повоените протекторати како Босна и Херцеговина и Косово да се наметнат било какви модели на политичка и економска модернизација кои би воделе кон опоравување. Напротив. Таму каде што Западот најмногу вложи- состојбата е најлоша, омразата е најголема, лошо замрзнатиот судир како да се претвора во перпетум мобиле, во совршен механизам кој се храни со сопствената енергија.
Залуден оптимизам?
Секако, овој текст не може да биде целосен без споменување на „Шарената револуција“, која Александар Вучиќ помалку потценувачки, но и помалку со страв ја нарекува „македонско сценарио“. Неизвесно е дали импулсите кои таквата револуција ги даде во македонската политичка арена ќе имаат одржливи позитивни последици за луѓето кои излегуваа на протестите.
Запознав цела низа луѓе кои, иако далеку од секое политичко мнозинство, се борат не само за своите туку и за туѓите социјални и граѓански права бидејќи знаат дека капучиното кое некој го пие додека соседот го исфрлаат од станот е многу скап напиток. Вистинската сметка доаѓа кога еднаш ќе дојдат и по него, рамнодушно загледан во пената на кафето.
Не треба да се потценува сиот тој отпор на коруптивната дехуманизирана пракса на постјугословенските криминогени елити и циничното неолиберално сфаќање на правдата и солидарноста како непотребен трошок во пазарната калкулација на концерните. Треба како „чувари на огнот“ да се сочува видливоста на гандиевскиот орпор додека граѓаните не се разбудат од медиумско-конзумеристичката хипноза.