Добредојде за Ципрас и новите односи Скопје-Атина
2 април 2019Првата официјална посета на грчки премиер на Република Северна Македонија, однапред го доби епитетот „историска“. Алексис Ципрас и неговиот македонски колега, Зоран Заев, кои имаа храборост и визија да го решат тридеценискиот спор за името, од денеска заеднички отвораат и нови хоризонти за добрососедство и соработка меѓу двете земји. Ципрас доаѓа во придружба на десет грчки министри кои ќе потпишат низа договори за соработка во различни области - економија, енергетика, одбрана, надворешна политика, инфраструктура, транспорт, земјоделие, дигитална политика и здравство, а потоа ќе се одржи и првиот бизнис форум меѓу бизнисмени од двете земји.
Сето ова до пред три години наликуваше на невозможна мисија. Иако владата на Груевски покажуваше подготвеност да разговара за решавање на спорот, една од последните оценки дадена од нејзиниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, беше прилично песимистичка: „Во однос на спорот со името, меѓу двете земји остануваат планини“.
Денес, кога планините се пробиени, пред Заев и Ципрас стојат нови предизвици.
„Наша одговорност - моја и на Зоран, е да покажеме дека нашите народи може само да добијат од патот што се отвори. Исто така, наша одговорност е да им одговориме на силите на национализмот кои во денешниот свет се зајакнуваат и целат кон тоа да нѐ вратат во мрачните времиња“, изјави во интервјуто за МИА, грчкиот премиер.
Историјат на политичките контакти
Иако ова е прва официјална посета на грчки премиер, историјатот на контактите меѓу политичарите од двете земји во последните три децении, покажува дека контактите на високо ниво никогаш не биле згаснати поради спорот за името. Две години по потишувањето на Времената спогодба меѓу Македонија и Грција (1995 г.), во ноември 1997 година, тогашниот македонски претседател Киро Глигоров се сретна со грчкиот премиер Костас Симитис на островот Крит, каде се одржа првиот самит на државите од Југоисточна Европа.
Средба со грчкиот премиер Костас Симитис на 22 февруари 2001 година имаше и поранешниот претседател Борис Трајковски, кога Македонија беше домаќин на Самитот на државите од ЈИЕ. На маргините на тој самит, Симитис се сретна тет-ат-тет со македонскиот премиер Љубчо Георгиевски, а во периодот подоцна се шпекулираше дека токму на таа средба за првпат од грчка страна бил спомнат предлогот „Северна Македонија“.
Повеќе:
Ципрас во историска државна посета кај поранешниот државен непријател
Алексис Ципрас – идниот Вили Брант на Балканот?
Непознатите соседи – Македонците и Грците
Во посета на Скопје доаѓаа и шефовите на грчката дипломатија Теодорос Пангалос и Јоргос Папандреу во време на владеењето на грчките социјалисти. Во 2009 година грчката министерка за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Дора Бакојани најави дека планира ги посети сите 19 мисии на ОБСЕ, вклучително и во Скопје. Нејзиниот македонски колега Антонио Милошоски ја покани да ја посети Македонија во рамките на нејзината балканска турнеја, но иако вети - таа не дојде во Скопје по посетата на Белград и Приштина.
Најмногу контакти се реализирани во мандатот на владата на ПАСОК. Во периодот од 2009 до 2011 година на премиерско ниво имаше осум средби меѓу тогашниот премиер Никола Груевски и неговиот грчки колега од редовите ПАСОК, Јоргос Папандреу. Се среќаваа главно во Брисел, но и на една средба во Преспа (ноември, 2009 г.).
Средби со Папандреу имаа и Слободан Чашуле и Александар Димитров, како шефови на македонската дипломатија во владите на ВМРО-ДПМНЕ и Демократска алтернатива.
Покрај официјалните, одржани се и неколку средби без назнака јавни и официјални. Според дипломатски извори, имало најмалку две такви посети на Атина од страна на македонски функционери, по одредени изјави кои ја нарушувале атмосферата за разговори околу спорот за името. Една таква посета е реализирана во 1998 година, веднаш по изјавата на грчкиот министер Пангалос со која ги навреди Македонците од „Виножито“.
Шанса за бизнисмените
Таквите епизоди остануваат во историјата. Односите меѓу двете земји се целосно отворени и деблокирани. Блокирани денеска ќе бидат само дел од улиците по кои ќе се движи делегацијата со гости од Грција. Официјалниот пречек на Ципрас со државни и воени почести ќе биде на платото пред зградата на Владата. По тет-а-тет разговорите Заев -Ципрас и меѓувладиниот состанок, двајцата премиери ќе одржат заедничка прес-конференција. Грчкиот премиер ќе има средба и со претседателот на Собранието, Талат Џафери. Попладне ќе се одржи Бизнис форум, на кој ќе се обратат двајцата премиери. Во делегацијата што ќе го придружува Ципрас се и претставници на десетици најголеми и средни грчки компани, кои тој ги повика да ги искористат можностите за соработка создадени со Преспанскиот договор
„Грчкото претприемништво има потенцијал да игра водечка улога во економскиот развој на Северна Македонија, со важниот и позитивен моментум создаден со Договорот за Преспа“, им порача Ципрас на бизнисмените неколку дена пред посетата на Скопје.
Посетата на Ципрас денеска ќе ја следат стотина акредитирани новинари, а во живо ќе биде пренесувана од националните телевизии на Грција и на Северна Македонија, вклучувајќи го пристигнувањето на скопскиот аеродром и свечениот пречек пред Владата.