Непознатите соседи – Македонците и Грците
25 март 2019Како да се помират тие кои дури и не се познаваат вистински? Тие, кои никогаш не успеале ниту лично да се скараат. Тие, кои немаат заедничко паметење, затоа што немаат ниту заедничко културно и социјално искуство. Затоа што никогаш не живееле заедно и не доживеале блискост и меѓусебна доверба – како вистински соседи. Тие, кои се однесуваат како скарани, затоа што на тоа ги научила пропагандата на политичките партии. Тие, меѓу кои долго постоеше најзатворената граница на Балканот. Како да станат пријатели тие кои три децении биле индоктринирани со омраза кон „туѓинецот сосед“? Затоа што тој сакал да му ја украде историјата, културата и идентитетот, славата на небаре праисториските цареви и освојувачи? Како да го сторат тоа два народа кои дури немаат ниту реално сличен јазик, а камо ли симболички заеднички јазик?
Секако, станува збор за денешните Грци и за денешните Македонци. За волја на вистината, откако беше потпишан Преспанскиот договор во македонската политика е сеприсутен зборот „помирување“. Политичарите разбраа дека нема европска интеграција без „помирување“ со соседите. Помирувањето е навистина европскиот модел за мир по Втората светска војна. За да можат еден ден да се помират, соседите најнапред треба да се соочат едни со други. Тие треба да сфатат дека соседот не е фикција, туку реалност. Дека не се исплати да го игнорираат неговото постоење. Затоа што, кога-тогаш, соседот ќе им се појави на патот. За да дојде до средба, тие треба да имаат смелост да се погледнат в очи. За вистинска средба треба секој да ја помине својата половина од патот. Тоа, пак, значи дека на помирувањето му претходи не само соочување со реалноста, туку и со сопственото потиснато минато. Тоа минато кое и двата соседа повеќе би сакале да го заборават. Тоа минато во кое на соседите им се вкрстил патот на военото поле.
Речиси триесет години современите Грци и современите Македонци спореа за името Македонија. Во двете земји имаше вистинска „индустрија“ за производство на национализам. Таа сега, откако се постигна компромисот на државно ниво, почна да го поларизира и грчкото и македонското општество. Граѓаните во двете земји се длабоко разединети. Во таква ментална состојба во двете општества на помирувањето мора да му претходи критичко соочување со ненадминатите трауми. Грчката јавност реагираше 1991-та на независноста на Република Македонија небаре тоа да ја беше загрозило нејзината стабилност. Иако Република Македонија реално беше нејзин сосед од крајот на Втората светска војна па се‘ до 1991-та. Зошто Грција не разбра кој, всушност, е нејзиниот сосед? Одговорот лежи во минатото, тоа по Граѓанската војна во Грција. Тоа беше времето во кое официјална Грција сакаше да верува дека таа граничи само со Југославија. А обичните грчки граѓани сакаа да веруваат дека малечката република на Југот на Југославија, низ која тие секое лето патуваа по автопатот „Братство-единство“ во правец кон татковината, се вика „Србија“. Германскиот историчар со грчко потекло, Адамантиос Скордос, во обемната студија за поврзаноста на „проблемот со името” со ненадминатата траума од Граѓанската војна во историското паметење на Грците, пишува дека по 1991-та грчкото општество целосно се „македонизирало". Во колкава мера таа војна длабоко го потресе и го обележа грчкото општество станува јасно од тоа што истата војна не постоеше во грчките историски читанки се‘ до 1967-та година. Таа војна во Грција беше долго табуизирана. Таа беше потисната, но не и избришана од паметењето на тогашните Грци, кои беа и сведоци и жртви. Во исто толкава мера, барем официјално, за грчката перцепција од тој миг не постоеше вистински ниту соседната земја, која беше длабоко поврзана со Граѓанската војна. Дури во времето на воениот режим, што значи, дури по 1969-та, Граѓанската војна се појавува во историскиот и политичкиот дискурс во грчката јавност, но во еден нов политички контекст – имено, како одбрана од „комунистичко-словенската агресија“ до Северот. Во паметењето на грчкото општество за таа војна повеќе не постоеја „славомакедонските борци“, кои се бореа заедно со грчките. Само така станува јасно каков „шок“ беше говорот на грчкиот премиер Алексис Ципрас во парламентот, во кој тој ја спомена „Славо-Македонката” Мирка Гинева критикувајќи ги сегашните грчки комунисти. Тие, имено, имаат „амнезија“ за улогата на КПГ во Граѓанската војна.
Други колумни од Кица Колбе:
-Ревизијата на учебниците и визијата за мир
-Траума и вина - сенката на Граѓанската војна во Грција
Зошто грчките граѓани веруваа дека може засекогаш да заборават кој е, всушност, соседот на северната граница? Затоа што тоа долго им го ветуваше политичката констелација. Не само таа во времето на „студената војна“. Туку, пред се‘, таа во времето кога Југославија беше стабилна и пријателска држава. Имено, уште во екот на Граѓанската војна 1948-тата, под притисок на САД, Грција воспостави дипломатски односи со Југославија. Со таа Титова Југославија која дотогаш активно ја помагаше Граѓанската војна. Грција го прифати договорот под еден услов: Белград во иднина повеќе да не го споменува македонското малцинство во Грција. Во Граѓанската војна Македонците во Егејска Македонија имаа големо значење за Југославија. Преку нивната борба за малцински права требаше да се оствари планот на Тито, Димитров ( а на почетокот и на Сталин) за голема балканска федерација. Граѓанската војна не само што беше последната „жешка и жестока“ епизода од Студената војна, која само што беше започнала. Граѓанската војна беше и трагичната епизода од борбата на политичките интереси на „големите играчи“ во која најмногу изгубија тие, кои во сите војни се колетерална штета – обичните луѓе. Не само што Грција по крајот на Граѓанската војна им го одзеде државјанството на сите свои пребегани граѓани, туку таа во договорите со Југославија бараше од неа тие бегалци и нивното нерешено прашање да бидат ставени под мраз. Во самата Грција нивното постоење стана траума и табу-тема.
Ставањето под мраз на „македонското прашање“ ги поправи грчко-југословенските односи до таа мера, што Југославија и Грција 1953-та потпишаа заедничка спогодба за пријателство и со Турција. Една година подоцна следи договор за воена соработка. Во грчко-југословенските односи доаѓа до криза само 1961-1962-та. Таа се решава со нов договор за пријателство, познат како Gentelmen's Agreement. Го потпишаа грчкиот министер за надворешни работи Авероф и југословенскиот колега Коча Поповиќ. И во тој договор беше истакната важноста да се молчи во Југославија „за македонскиот проблем“. Тоа, всушност, значеше да се молчи за постоењето на егејските бегалци во Југославија и за нивните роднини во Грција, која дотогаш нив уште ги нарекуваше „Славо-Македонци“. Двете страни се договорија повеќе да не ги нарушуваат односите со јавни изјави на таа тема. Белград и Скопје беа спремни да се откажат од изјави за правата на македонското малцинство во Северна Грција, доколку за возврат Грција се откаже од својата пропаганда против „македонската псевдо-држава“. Еден момент, притоа, дозволува да се разбере „грчката логика“ во инаку за сите ирационалниот спор за името Македонија. Имено, во договорот Авероф-Поповиќ се вели дека Грција го прифаќа постоењето на НР Македонија само како „внатрешна работа на Југославија“.
Овие договори успешно ги регулираа односите на Грција и Југославија се‘ до 1990-тата. Дури и кога, одвреме-навреме, при официјалните посети југословенските политичари укажуваа на проблемот на македонското малцинство во Грција, тоа никогаш не ескалираше до отворен конфликт. Така двата соседни народа, Македонците и Грците, останаа во сенката на ненадминатото минато. Тие никогаш не успеаја вистински да се видат и да се прифатат. Затоа што меѓу нив стоеше политички табуизираното минато – Граѓанската војна во Грција. Затоа не е чудно зошто националистите во двете земји се фиксираа за најдалечното минато – за потеклото на античките Македонци и за Александровата слава. „Александроманијата“ за нив имаше доволно силна привлечна моќ за да ги оддалечи од траумата на најблиското минато. Двете земји не ќе можат да го започнат вистинскиот европски процес на помирување пред да се соочат со ненадминатата траума од минатото. За да почнат критички да се соочуваат со него, тие треба да најдат, барем симбилично, заеднички јазик. Тоа е концептот на европското надминување на националистичката реторика во учебниците по историја. Денешните децата и младите се оние кои еден ден ќе имаат вистински заеднички јазик. Тие ќе бидат оние идни Грци и оние идни Македонци кои ќе ја победат омразата и стравот од туѓото, што ја шири национализмот, со љубопитноста за непознатото и туѓото. Денешните деца во двете земји еден ден ќе можат да учат македонски јазик во Македонски културен центар во Солун или во Атина и грчки во Грчки културен центар во Скопје или во Охрид. Затоа што нема вистинско пријателство меѓу две земји без признавање и познавање на нивниот јазик, литература, филозофија. Денес звучи како утопија да се помисли дека во македонските училишта би можело да се учи грчки, а во грчките училишта македонски. Кога ќе се случи тоа, тогаш Грција и Северна Македонија ќе станат вистински европски земји.