1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа се кара за Брегзит и за бегалците

Барбара Везел
20 септември 2018

Германската канцеларка Ангела Меркел по прашањето на Брегзит бара соработка и почит, додека британската премиерка Тереза Меј од ЕУ очекува излегување пресрет.

https://p.dw.com/p/35DAH
Österreich Informeller EU-Gipfel der Staats- und Regierungschefs in Salzburg
Фотографија: Reuters/L. Niesner

Германската канцеларка Ангела Меркел посакува заемна почит во процесот на излегување на Велика Британија од ЕУ и добра атмосфера. Тоа се прилично големи очекувања од вакви контроверзни разговори. ЕУ-преговарачите и натаму постапуваат дипломатски, но меѓу Мишел Барние и британскиот преговарач наводно веќе избиле кавги. А британскиот министер за Брегзит, Доминик Раб, и на домашен терен радо жестоко ги напаѓа европските позиции. Меѓутоа, Меркел во Салцбург сака да зборува само за позитивното: „Во одредени сфери е можна и добра соработка“, вели таа. Како пример ја наведува темата безбедност, каде нема разлики. Она што не го споменува се идните економски односи. Тука Тереза Меј се залага за внатрешен пазар на стоки, што ЕУ не сака да ѝ го даде.

Британската влада ги развила своите позиции во текот на разговорите, тврдеше британската премиерка Меј пред заедничката вечера, на која упати апел до своите европски колеги. Сега и ЕУ мора да се придвижи, вели Меј, надевајќи се дека со својот личен ангажман ќе успее да обезбеди подготвеност за компромиси. „Уверена сум дека со добра волја и ангажман ќе можеме да склучиме договор, кој е добар за двете страни“, изјави таа. Меѓутоа, тоа е тешко поради тоа што двете страни во преговорите имаат делумно спротивставени ставови.

Повеќе:

Меј бара од ЕУ да ѝ излезе во пресрет

Тереза Меј: „Или мојот договор за Брегзит, или нема договор“

Разговорите се заглавени особено по прашањето на ирската граница. ЕУ-преговарачот Барние сака да поднесе нови предлози, според кои идните контроли на стоки би можеле да се вршат во пристаништа кои се далеку од границата или преку техничко регистрирање. Лондон, меѓутоа, останува на својот став и смета дека идно повлекување на границата во ирските води, дури и ако таа остане од теоретска природа, е неприфатливо.

Од друга страна, ЕУ смета дека предлогот на Меј за учество на внатрешниот пазар само за стоки, значи пречекорување на нејзините црвени линии. Тоа во Салцбург меѓутоа никој не го кажува толку категорично и јасно, зашто шефовите на влади сакаат Меј да ги преживее нападите од страна на Брегзит-хардлајнерите на партискиот конгрес на конзервативците во Велика Британија, кој ќе се одржи за десет дена. Тие сакаат да избегнат помена на влада и уште поголем политички хаос во Лондон. Шефовите на држави или влади на ЕУ денеска, како што во последно време е вообичаено, за актуелната состојба на Брегзит ќе разговараат во отсуство на Меј.

Временскиот план е јасен: на средината од ноември во Брисел би требало да се одржи одлучувачкиот самит за Брегзит. Тоа на британската влада ѝ дава уште шест недели време за разјаснување на своите позиции.

Österreich Informeller EU-Gipfel der Staats- und Regierungschefs in Salzburg
Фотографија: Reuters/L. Foeger

Доста со игри!

Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, во меѓувреме прави обиди да ги „освести“ шефовите на влади на ЕУ околу темата миграција. Годинава во Европа не се пристугнати ниту 100.000 бегалци. „Тоа е помалку отколку во времето пред бегалската криза“, потенцира Туск. Затоа, земјите членки сега би морале да работат на решенија на постоечките проблеми. Не смее да има поделби на оние кои сакаат решенија и оние „кои сакаат да ја искористат ситуацијата за политички игрички“. Притоа, иако не ги наведе земјите поименично, тој веројатно мисли на Унгарија, Полска и Италија.

Домаќинот Себастијан Курц се удира самиот по рамо поради тоа што рано препознал колку миграцијата може да биде експлозивна за Европа. За да се запре нелегалната ниграција преку Средоземното Море и особено криумчарите налуѓе, австрискиот канцелар бара спроведување на намерите за зајакнување на Агенцијата за заштита на границите, Фронтекс. Европската комисија даде предлог за финансирањето на Фронтекс, која би требало да се зголеми на 10.000 службеници. Но, Курц признава дека Италија, Грција и Шпанија сѐ уште имаат сомнежи, поради тоа што стравуваат од губење на суверенитетот. Против плановите на Фронтекс е и унгарскиот премиер Орбан: „Тоа е наша работа“, вели Орбан, додавајќи дека не му треба помош за заштита на границите.