Самитот на ЕУ го одлага процесот на проширување
6 октомври 2021По повеќенеделен спор околу формулацијата, неспоредно пред самитот во Љубљана ЕУ-земјите постигнаа согласност околу општа потврда на идно можно приклучување на шесте западнобалкански држави. Но, притоа не се споменува датумот - 2030 година, кој беше предложен од страна на словенечкото претседателство со ЕУ. Временскиот период останува отворен, а напредокот кон ЕУ ќе зависи од напредокот на секоја од земјите кандидати. Постигнат е минимален консензус, скандал е избегнат за влакно.
Притоа, ЕУ-дипломатите не знаат како би можел да се надмине спорот за јазикот кој го иницираше Бугарија, а кој во моментов ги блокира преговорите со Северна Македонија. И Албанија се чувствува како заложник, затоа што двете земји би требало да напредуваат само заедно. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во текот на нејзината блиц-турнеја минатата недела потврди дека двете земји кандидати ги исполниле „сите услови“ и дека го исполниле својот дел. Но, во Бугарија во моментов на власт е преодна влада која не сака да носи одлуки. Секаков напредок е блокиран од 2019 година, кога Тирана и Скопје добија ветување за почеток на преговори.
Слично е и со проблематичниот случај на Косово, кое и натаму не е признато како независна држава од повеќе ЕУ-членки. Тука исто така нема придвижување. Минатата недела на ЕУ ѝ успеа посредувањето во спорот околу регистарските таблички помеѓу Србија и Косово, но надвор од тоа сѐ е заглавено.
И натаму задршки во дел од ЕУ-земјите
Франција веќе подолго време е меѓу оние кои го блокираат проширувањето. Дипломатите во Париз сега потврдуваат дека напредокот во преговорите во моментов е замрзнат, но мразот не би требало да остане вечно. Владата, значи, се согласи со последниот компромис за да се спречи генерална дебата за тоа дали ЕУ воопшто сака проширување и дали е способна за интегрирање нови членки.
Оваа тема е уште еднаш одложена со најдениот компромис околу формулацијата. Што, пак, не менува ништо во лутината кај погодените премиери, кои сметаат дека поради долгогодишното кршење на ветувањата е доведена во прашање веродостојноста на Европа.
И Холандија во принцип е дел од земјите кои се противат на проширувањето, а преодната влада во Ден Хаг во моментов не сака да одлучува за промена на правецот. Но, дипломати таму велат дека проширувањето не е сосема запрено, туку се придвижува полека напред. Со драго срце би сакале да видат побрзо придвижување, но реформските напори на земјите кандидати се „такви какви што се“. На крајот проширувањето би морало „да биде успешно“.
Тоа значи дека мора да се води сметка за сомнежите на скептичните земји членки. Не е тајна дека Холандија има пред сѐ страв од натамошно ширење на организираниот криминал со дрога од Албанија. Албанските банди сѐ повеќе се вкотвуваа во земјата и оттаму, како што се смета, ја контролираат трговијата со дрога ширум Европа.
Сомнежи има и во Германија, каде има барања за делумно враќање назад на визната либерализација. Премногу граѓани од одделни балкански земји поставуваат безизгледни барања за азил или бескрајно ги пречекоруваат роковите што се предвидени во нивните визи за престој. И во Берлин е придушена воодушевеноста во врска со преговорите за проширување, дотолку повеќе што одлуките би требало да ги донесе наредната германска влада.
Можат ли пари да го решат проблемот?
Врвот на ЕУ сака недостигот на политичка волја и напредок да го реши со пари. Девет милијарди евра би требало да се слеат во Западен Балкан во наредните години. Освен тоа, треба да се иницираат 30 милијарди евра за инвестиции. Со тоа се сака да се поттикнат итно неопходни инфраструктурни проекти, да изгради патна и железничка инфраструктура, да се модернизираат телекомуникациите и здравството. ЕУ сака да се ангажира и во борбата против короната и при доставувањето вакцини.
Меѓутоа, во студија на фондацијата Бертелсман и Виенскиот институт за меѓународни економски студии, ЕУ добива лоши оценки за својата досегашна политика на поттикнување. Авторите зборуваат за „калкулиран оптимизам“ и објаснуваат дека ветениот економски пакет нема да промени многу во лошата економска ситуација на Западниот Балкан, туку „ќе донесе повеќе од истото“, смета коавторот на студијата Ричард Гривесон.
„Досегашната стратегија на ЕУ, преку регионална економска интеграција да се форсира процес на економско надоместување на западнобалканските држави и да се решаваат политички конфликти, не беше успешна“, смета Штефани Вајс, ЕУ-експертка во фондацијата Бертелсман во Брисел. Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, како што се вели, економски каскаат многу зад источните и југоисточните членки на ЕУ.
Во студијата се оценува дека иако се зголемила регионалната интеграција, тоа не се одразило којзнае како на економскиот развој. „БДП на регионот е и натаму многу мал, вкупно отприлика колку оној на Словачка“, вели Гривесон. „Јазот кон новите членки на ЕУ од источна Европа се зголеми, што е загрижувачки, зашто сиромашните земји би требало да бележат побрз раст од богатите.“ Значи, од процесот на надоместување, за кого имаше многу заложби, досега речиси и не може да стане збор, вели експертот за Источна Европа од Виена.
За да се поттикне економскиот развој на западнобалканските држави авторите на студијата препорачуваат што е можно поопширно економско врзување со ЕУ. „Токму поради тоа што полноправното членство од политички причини станува сѐ подалечно, Брисел мора да им понуди алтернатива.“
Со оглед на ниското економско постигнување на западнобалканските држави од нецел 1% од брутодомашниот производ на ЕУ, тоа речиси и нема тежина за нето-плаќачите во ЕУ. Европа не сака да им го препушти Западен Балкан на кинеските инвеститори, само што овој геостратешки аргумент во моментов изгледа како само маргинално го одржува во живот процесот на приклучување.