1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еден информатичар заработува колку двајца рудари

ДТЗ
22 април 2021

Компјутерското програмирање и консултантски услуги повторно се најдоа на врвот на листата на највисоки просечни плати исплатени во февруари годинава

https://p.dw.com/p/3sLAS
Taschenrechner Währung Euro
Фотографија: Fotolia/alexandro900

Фирмите од областа на компјутерско програмирање, и консултантски услуги, фармацевтската индустрија, компаниите од областа на телекомуникациите и вработените во воздухопловниот транспорт имаат највисоки просечни плати во Северна Македонија, кои се движат од 40 до над 70 илјади денари. Најплатени и на почетокот на оваа година се информатичарите. Компјутерското програмирање и консултантски услуги повторно се најдоа на врвот на листата на највисоки просечни плати исплатени во февруари годинава, која што ја објави Државниот завод за статистика. Порастот на платите во неколку области ја крена и просечната нето плата во земјата. Според Државниот завод за статистика, просечната плата во февруари изнесува 27.948 денари и бележи раст од 2,7 проценти споредено со истиот период минатата година. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Информации и комуникации (10.1 %), Други услужни дејности (8.2 %) и Рударство и вадење на камен (7.5 %).

-повеќе на темата: Ни две плати во Македонија не се доволни за гол живот 

Покрај информатичарите, со подобри просечни плати од 55.895 денари на листата се најдоа вработените од стручни научни и технички дејности, фармацевтите – со просечна плата од 46.720 денари, вработените во воздухопловниот транспорт каде просечните месечни приходи на вработените се 43.372 денари, потоа вработените во компании за снабдување со електрична енергија и гас, каде просечната плата е 41.443 денари,  а малку повисока просечна плата земаат и вработените во телекомуникациите – 41.742 денари. Во областа на информациите и комуникациите, пак, просечните плати се 53.104 денари.

За разлика од овие области, забележано е намалување на просечната месечна нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, и тоа во областа на  Рударство и вадење на камен (9.0 %), Уметност, забава и рекреација (6.4 %) и Дејности на здравствена и социјална заштита (4.1 %).

-повеќе на темата: Јавноста сега може да ѕирне - колку се богати македонските политичари

Па така, во рударството просечната плата се движи околу 34. 491 денари, во преработувачката индустрија - 23. 690, во правните и сметководствени дејности - 35. 153 денари , а во научно истражување и развој -  36. 975 денари.

Оние коишто се занимаваат со маркетинг (реклама и пропаганда) и истражување на пазарот – просечно во февруари земале плата од 36.566 денари, а за нијанса помала плата добиле вработени во здравствената заштита – 35.859 денари.

Просечната плата во образованието е  27.546 денари, додека малку е повисок просекот на плати во библиотеки, архиви, музеи и останати културни дејности - 29. 311 денари.

Филмска дејност, продукција на видео и телевизиска програма и дејности на снимање звучни записи и музичко издаваштво има просечни плати од 27. 750 денари, додека вработените во коцкарници и обложувалници во просек земаат по 23.169 денари.

Најниски просечни плати во февруари годинава имале вработени во туристички агенции, организатори на патувања (туроператори) – 16. 818 денари, оние коишто работат на подготовка на оброци и служење на храна -  17. 991 денари, како и услуги поврзани со одржување на згради и дејности на уредување и одржување на животната средина и природата – 17. 792 денари.