1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Бранот на Омикрон веќе е незапирлив

Александер Фројнд
16 декември 2021

Омикрон варијантата на коронавирусот е толку заразна што наскоро ни се закануваат стотици илјади заразени дневно. Експертите од политичарите бараат итни мерки. 

https://p.dw.com/p/44Lyc
Symbolbild Illustration | Coronavirus-Krise auf der ganzen Welt
Фотографија: Waldemar Thaut/Zoonar/picture alliance

Ова нема да биде среќен Божиќ! Прашањето веќе не е дали, туку кога со полна сила ќе нѐ удри Омикрон бранот – вака гласат најтемните прогнози од тројца водечки германски научници. 

Најдоцна до средината на јануари  Омикрон ќе стане доминантен сој и во Германија, вели професор д-р. Кристоф Нојман – Хефелин, имунолог од Универзитетската клиника во Фрајбург. Според него, овој сој ќе ја истисне варијантата Делта со што бројот на инфекции може драматично да се зголеми. Се стравува дека ќе има по повеќе стотици илјади заразени на ден. 

Основа за ваквите мрачни прогнози се актуелните бројки од Велика Британија каде бројот на заразени со Омикрон се удвојува на секои два до три дена. Ова е три до четири пати позаразна варијанта од досегашните, вели проф. д-р. Дирк Брокман, физичар од Хумболт Универзитетот во Берлин. 

Пресметките на британските експерти покажуваат дека се можни 400.000 до 700.000 новозаразени дневно во периодот од декември до април, со што само во Велика Британија би можеле да се заразат до 34 милиони луѓе - што значи половина од населението и сето ова и покрај држење дистанца, маски, затворање на училиштата и слично. 

„Би било вистинско чудо ако немаме вакво сценарио и во Германија,“ предупредува Брокман. 

Политиката мора веднаш и доследно да преземе мерки

Политичарите мора веднаш да подготват, а потоа и да ги спроведуваат плановите за итно делување во случај на различни сценарија: „Мораме да го запреме темпото на ширење на заразата за да ја ограничиме штетата. Развојот на ситуацијата не може да се спречи,“ вели физичарот Брокман. 

Според експертите, контактите мора да се сведат на минимум и да има големи ограничувања на движењето, слично како за време на првиот локдаун, вели Брокман и додава дека  „поради големата вирулентност на овој сој сега сиот тој напор мора да биде повеќекратно посилен.“ 

Spanien Madrid Corona Welle
Бустер вакцината спречува тежок тек на болестаФотографија: Paul White/AP/picture alliance

Може да се заразат и да заразуваат и оние со „бустер“ доза 

Омикрон не само што е многу позаразен од останатите варијанти туку овој нов вид на вирусот може да ја пробие имунолошката заштита. Тоа значи дека е можно и веројатно ќе се заразуваат и лица кои имаат примени две дози вакцини, но и  „бустер“ доза. 

Секако  „бустер“ дозата  ја зголемува имунолошката заштита на 70% до 75% и веројатно го намалува ризикот од развој на тешка форма на болеста. 

„Па сепак, тоа значи дека ни со ‘бустер’ доза не треба да бидете понесени од лажно чувство на сигурност,“ вели вирологот проф. д-р. Сандра Чизек, директорка на Институтот за вирологија на Универзитетската клиника во Франкфурт. И оние со три дози вакцини можат да се заразат, но и да ја шират заразата. Поради тоа е погрешно да се укине обврската за нивно тестирање како што планираат министерствата за здравство на покраинско ниво, вели вирологот Чизек. 

Автобус за вакцинирање: Трка со времето

Секако и понатаму е многу важно  невакцинираните да се вакцинираат.  Но, лица кои ќе примат само прва доза вакцина веќе не се заштитени од Омикрон. „Потребни се неколку недели додека организмот да изгради заштита,“ посочува Чизек. “А, вирусот е дефинитивно многу побрз.“ 

Омикрон е поопасен отколку што многумина мислат 

Чизек нагласува дека Омикрон, спротивно на првичните проценки, е многу поопасен, речиси како Делта сојот. Првичните податоци од  Велика Британија  и Данска покажуваат дека стапката на хоспитализација и не се разликува многу споредено со Делта-сојот. 

На почетокот вестите од Јужна Африка даваа надеж, бидејќи многумина заразени со Омикрон таму имаа  лесна форма на болеста.  Но, во меѓувреме има доста заразени со Омикрон кои завршуваат во болница, а во Велика Британија е регистриран и првиот случај на починат од оваа варијанта на коронавирусот. 

Дополнително, начинот на живот во Јужна Африка, каде населението во просек е многу помладо и луѓето веќе поминале низ инфекција, речиси и да не може да се спореди со европските услови, вели Чизек. 

Можен колапс на здравствените системи  

Ако бројот на заразени од Омикрон навистина порасне вака драматично, тогаш се заканува колапс на здравствените системи. Ако се водиме според проценките за 3000 до 5000 хоспитализации во Велика Британија на дневна база, „целата машинерија би била засегната“, оценува Брокман. 

Веќе преоптоварените болници нема да можат да опслужат толку многу пациенти, особено што веројатно ќе има доста заразени и меѓу медицинскиот персонал. Тоа може да предизвика домино реакции кои засега не се ниту предвидливи, вели Брокман. Поради ова научниците ги повикаа политичарите да преземат соодветни мерки и да делуваат доследно. На политичарите им истекува времето за преземање контра-мерки, предупредува физичарот Брокман. И вирологот Чизек со загриженост оценува дека Германија не е добро подготвена за тоа што претстои. 

Тројцата експерти се едногласни дека не е доволно само да се надеваме дека Омикрон сојот на крајот ќе се покаже како помалку опасен. „Да се потпираш само на таа надеж е исто како свесно да влетуваш во катастрофа,“ гласи итниот апел од Кристоф Нојман – Хефелин, имунолог од Универзитетската клиника во Фрајбург.