1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Емануел Макрон: Од реформатор до кочничар на ЕУ

БГ
4 ноември 2019

Макрон не си создаде многу пријателства во Брисел последниве недели. Сам против сите се обидуваше- со повеќе или со помалку успех- да ја наметне својата волја во однос на Брегзит, проширувањето и Европската Комисија

https://p.dw.com/p/3SRu7
Frankreich Macron Rede bei der jährlichen Botschafter-Konferenz
Фотографија: Getty Images/AFP/Y. Valat

Имиџот на Емануел Макрон како конструктивен про-Европеец доживеа повеќе удари, пишува во анализа интернет-страницата на австриската државна телевизија.
„Макрон беше познат како голем реформатор- како некој кој заедништвото во ЕУ го става пред поделбите. Уште по победата на изборите во 2017 година тој ја промовираше својата проевропска позиција: Дури и на победничката прослава најпрво се свиреше „Одата на радоста“, а дури потоа „Марсељезата“.
Макрон знаел да биде особен, но се чини дека во последно време ужива во имиџот да се однесува деструктивно и арогантно кон другите земји-членки. Најјасно тоа го стори со спротивставувањето на речиси сите шефови на држави и влади- освен на Данска и Холандија- во однос на проширувањето на ЕУ. Токму францускиот претседател беше оној кој не сакаше да дозволи да започнат одамна планираните преговори со Северна Македонија и Албанија“, пишува ОРФ.

Разочараност од Макрон во ЕУ
„Француската новинарка и експерт за Европа Флоренс Отре смета дека Макрон не е само против проширувањето кон Западниот Балкан, туку генерално против проширување на ЕУ. ’Тој смета дека ЕУ е преголема. Мора најпрво да се размисли што се има во моментов и повеќе да се соработува со соседите’. Како пример таа ја наведува Норвешка која економски блиску соработува со ЕУ. ’Тој не сака да ја затвори вратата, но не гледа причина за да ја прошири куќата’, вели Отре.
Аргументите дека запирањето на проширувањето ќе им ги отвори портите на Кина и Русија во регионот, Отре исто така ги отфрла со став дека „ни членството во ЕУ не штити од странско влијание, како што покажуваат врските на Италија со Русија“.
„Мнозинството ЕУ претставници беа длабоко разочарани од ставот на Макрон за проширувањето, но само неколку дена подоцна Франција повторно настапи изолирани, овојпат за прашањето на Брегзит. Макрон сакаше на Британија да и даде само кус рок од две до четири недели за заминување. (...) ’Тој смета дека Британците треба да си заминат. Другите посакуваат да има втор референдум. Но тој го прифаќа тоа“, вели Отре.
„Макрон тврди дека не се работи за тоа да го блокира пролонгирањето на рокот туку, како и за проширувањето, да го зачува единството на ЕУ. Но, откако беа закажани изборите во Британија за 12 декември, Париз објасни што ќе значи продолжувањето на рокот за Лондон до 31 јануари. Секако нема да биде без услови кои ги поставува Франција. Макрон инсистира, и покрај заминувањето од ЕУ, Лондон да именува еден ЕУ комесар“, пишува ОРФ.

Брутален политичар
Во третиот случај, со одбивањето на кандидатката на Макрон за комесар на Европската комисија, Софи Гулар, Париз ја префрли вината врз претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.
„Макрон сега за функцијата го предложи поранешниот министер за финансии Тиери Бретон. Тој не е толку спорен како Гулар, но сепак е бизнисмен и директор на повеќе компании. Само во една голема ИТ компанија поседува акции во вредност од 34 милони евра.
’Можеби е провокација или едноставно порака. Мора да се изгради посилна европска индустриска политика, и тоа веднаш’, вели Отре. На тој начин, Макрон сака да и порача на ЕУ: ’Да размислевте двапати за Гулар, можеби подобро ќе поминевте на крај’, вели Отре.
Експертката смета дека Макрон сепак не е кочничар. Таа се уште го смета за целосен про-Европеец, но не е човек за компромиси. ’Меркел прави компромиси. Макрон вели: Јас знам што ни треба’, објаснува Отре. 'Но не мислам дека прави сопки, туку дека преговара’. Поради тоа што Франција во последните години беше релативно пасивна, Макрон сега се чувствува приморан да го искажува своето мислење уште погласно.
Конечно, Макрон се бори за буџетот на еврозоната, за заедничка европска армија и за фер распределба на бегалците. ’Само методите му се проблематични', ги оценува Отре навиките на Макрон во последниот период да мафта со вето. ’Брисел е попарламентарен. Тоа е нешто на што францускиот претседател, кој е семоќен дома, мора да се навикне’, вели експертката. ’Тој е премногу брутален“, пишува австрискиот ОРФ.