„Норвешки модел“- врапче во раката за Скопје и соседството?
4 ноември 2019Гералд Кнаус би морал да знае што се случува. Тој е директор на Европската иницијатива за стабилност, тинк-тенк кој е многу влијателен во Брисел. Кнаус беше главниот творец на бегалскиот договор меѓу ЕУ и Турција со кој значително е ублажен бегалскиот бран преку Балкан. Ветото со кое Емануел Макрон го блокираше почетокот на преговорите со Скопје и со Тирана - а всушност го закочи целиот процес на проширување на ЕУ - Канус го нарекува „прекратување на маките“ (Coup de grâce). „ЕУ би требало да им понуди на сите држави од Западен Балкан можност да се приклучат на единствениот пазар, како Норвешка или Исланд“, додава влијателниот аналитичар во текстот објавен минатата недела.
Макрон ја запре играта
Кнаус не е единствениот. Има сѐ повеќе гласови кои велат дека чукнал нултиот час за европската политика на Балканот, момент да се погреба одамна мртвиот концепт за проширување на ЕУ и да се пронајде нешто ново. Нешто помалку од проширување, но доволно примамливо да ги задржи државичките на Балканот во дворот на ЕУ. Во мај ќе се сретнат лидерите во регионот на самитот со ЕУ во Загреб. Дали на маса ќе биде норвешкиот модел? „Ветото на Макрон го торпедираше целиот процес за проширување. Мислам дека тоа и му беше намерата“, вели Андреас Ернст, искусен новинар на „Ное цирихер цајтунг“, кој со години беше дописник за весникот од Белград. „Но, предност е тоа што така стана очигледна лажната природа на односот меѓу ЕУ и Западен Балкан.“
Меѓу редови се чита дека Макрон го зема Западен Балкан како заложник додека не ја протурка својата визија за Европа. Тој ја сака ЕУ со повеќе брзини или концентрични кругови. Јадрото би гравитирало околу оската Париз-Берлин, надвор би биле земјите интегрирани во пазарот, а сосема надвор придружните земји, меѓу нив можеби Србија и соседите. Макрон доби тивка поддршка од Холандија и од Данска. Критиките од Берлин на сметка на Макрон стигнуваат со намигнување - требаше да ги пуштиме Скопје и Тирана да преговараат, ионака нема да влезат во ЕУ најмалку 10 години. Оваа германска игра, вели Ернст, е уште поперфидна. Правилата, вели швајцарскиот новинар, со години се вакви: ЕУ божем сака да ги прими балканските земји во членство, а раководството во овие земји демек спроведува реформи. „Тоа можеше да трае уште 10 години или вечно. Целиот тој театар, и политички новоговор за 'европска перспектива' и 'европски вредности' сега доби тежок удар и тоа е добро“, додава тој за ДВ.
„Сега мора да стигне нова понуда и таа мора да биде добра.“Сепак, треба да се забележи дека Макрон не го образложи ветото со недостаток на реформи туку со внатрешни проблеми во ЕУ. Според веќе строгите критериуми на Европската комисија, С. Македонија и Албанија заслужија да се отворат преговори, како што Косово одамна заслужи визна либерализација.
Повеќе на темата:
-Доста беше плачење: соработка и реформи, а не опседнатост со датуми
-Македонски маратон на 35 километри или статус кво?
-По француското вето: Шест паметни опции за Скопје и Тирана
Наместо натапканата патека по која кон ЕУ - и тоа со многу послаби критериуми - одеа Бугарија, Романија или Хрватска, сега на Западен Балкан му се нуди нешто за што медиумите се' уште бараат најдобро име. Се зборува за привилегирано партнерство, 'лајт' проширување, но најчесто за норвешкиот модел.
„Тоа не е губитнички модел“
Што е норвешкиот модел? Нордиската земја, со Исланд и со Лихтенштајн, е членка на Европскиот економски простор (ЕЕП), механизам формиран во 1992 година, во кој се и сите членки на ЕУ. Една опција е, кога Велика Британија конечно ја напушти ЕУ, сепак да остане дел од ЕЕП. Пазарот е отворен, постои слобода на движење, нема царини - освен за храна и пијалок, производи кои се силно субвенционирани во ЕУ, па Норвешка не сака сосема да им отвори врата.
„Косовскиот пасош во ЕЕП би имал иста вредност како и норвешкиот, а српската ракија од слива би имала ист пристап на европскиот пазар како швајцарското бренди“, пишува косовскиот публицист Ветон Суриј за весникот „Коха Диторе“. „Белгискиот инвеститор би имал иста правна сигурност во БиХ, Албанија и во С. Македонија како на Исланд.“
„Тоа никако не е губитнички модел за Балканот“, вели и новинарот Андреас Ернст. „Подобро во кус рок да се направат интеграциски чекори отколку да се надеваат на влез во ЕУ за 10 или 20 години.“
Швајцарскиот новинар е уверен дека норвешкиот модел е доволен за ЕУ да не им го препушти Балканот на други играчи.
„Пристапот кон ЕЕП е суштински- тоа е пристап кон инфраструктурните фондови, тоа е инструмент кој , да речеме, ги прави помалку привлечни кинеските инфраструктурни проекти или пак договорот со Евроазиската унија. Значи тоа за ЕУ носи моќ и влијание“, вели тој за ДВ
Равенката има премногу непознати. Дали Германија ќе биде подготвена да легне на брашното? Како балканските стабилократи ќе им ја продадат приказната на граѓаните. Дали за Западниот Балкан е подобро да има врапче во рака или гулаб на гранка?
Како и да е, статус квото е разбиено, а ваукум во политиката нема. Нешто ново доаѓа. Еден познавач на регионот деновиве потсети на зборовите, кои му се припишуваат на Черчил: „Штета е напразно да се пропушти добра криза“.