1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Епохален чекор на ЕУ

Бернд Ригерт
21 јули 2020

Европејците направија епохален чекор. Заедничките долгови, договорени во мугрите, ќе предизвикаат силни промени во ЕУ, смета Бернд Ригерт.

https://p.dw.com/p/3fe0M
EU Gipfel in Brüssel | Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/AA/D. Aydemir

Последните четири дена од вонредниот самит на ЕУ беа мачни. На крајот, сепак, постигнат е стабилен договор. А токму тоа е важно. Споредено со другите потраги по компромиси во ЕУ, сегашните буџетски преговори се одвиваа дури супер брзо. Поттикнати од корона-кризата, тие траеја само три месеци, од изнесувањето на предлогот за корона-обврзници до договорот постигнат во раните утрински часови.

Можеби овој поим не треба пречесто да се употребува, но овој договор е навистина историски. Првпат ЕУ презема заеднички долгови заради заедничка амортизација на економската криза во земјите-члени. Она што пред неколку месеци беше незамисливо, заеднички обврзници и должничка унија, сега стана можно. Историски исправниот чекор го овозможи пред сѐ промената на ставот на Германија и нејзиното преминувањето од таборот на „штедливите" во поддржувач на концептот пропагиран од францускиот претседател за поопштествување на буџетската политика и финансискиот суверенитет. Овој пресврт веројатно е најголемиот европско политички успех на германската канцеларка Ангела Меркел.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт

Последиците на пандемијата ги принудија 27-те членки на таква соработка, која донеодамна ја сметаа за невозможна. Заедничкото задолжување притоа е добредојдено средство, зашто тоа речиси не ги оптоварува денешните буџети, туку ќе го плаќаат идните генерации. Тоа мора да се знае и исто така да им се каже на младите луѓе. Тие некогаш мора да ги отплаќаат овие долгови. Од друга страна, со корона-обврзниците се осигуруваат нивното образование и работните места. 

Епохална промена во ЕУ

 

Брзиот успех на вонредниот самит му покажува на светот дека ЕУ, без оглед на старите јазови и раазликите во мислењата може да дејствува кога е тоа потребно. ЕУ во случајов е некој вид заштитен чадор каков што не постои никаде во светот. Ниту во Америка, Азија или Африка, државите никаде не добиваат солидарни наднационални заеднички конјуктурни инјекции.

Повеќе:

Постигнат договор на самитот на ЕУ – „Историски ден за Европа“

Самит на ЕУ: Новата дарежливост на Германија во корона-кризата

Следната генерација Европејци ќе плаќа за актуелната криза

Иако „штедливите" сакаа да дадат помалку, а примачите сакаа да добијат повеќе, на крајот победи солидарноста и чувството за заедништво. Пакетот од 1,8 билиони евра е енормна прераспределба од посилните кон послабите. На крајот, вонредниот самит во Брисел не е само успех на германското претседателство, туку ќе влезе како епохална промена во историјата на ЕУ.

Постојат и извесни недостатоци: не успеа обидот Полска и Унгарија, кои ги кршат принципите на владеењето на правото, да бидат условувани со финансиски средства. Усвоените правила за проверка на постоењето на правна држава не се доволно ефикасни. Тоа беше нужно за да не се загрози едногласноста во вкупниот компромис. Проблемите со Полска и Унгарија, кои дрско ја користат солидарноста на другите без да обезбедат противуслуги, останаа нерешени. Вонредниот  самит во Брисел не можеше да ги затвори сите пукнатини.

Корона-обврзниците се само дел од нужните заштитни мерки во корона-кризата. Бројките се чинат џиновски, но уште повеќе пари потекуваат од националните програми и пред сѐ од обврзниците кои ги купува Европската централна банка. Но, за да се постигне навистина посакуваниот спектакуларен „кик", како што германскиот министер за финансии го нарекува посакуваниот ефект, од фондовите мора да потечат пари што поскоро. Планираната исплата од 2021 до 2023 година може да биде предоцна и пребавна.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија