ЕУ бара дејствување, Русија набљудува
1 октомври 2018Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан соопштија денеска дека по референдумот во Македонија „парламентот треба да ги направи наредните чекори околу примена на договорот за името и да одлучи за усвојување на уставните промени“.
На прашањето од новинарите дали Европската Комисија смета дека референдумот во Македонија е успешен или не, наведоа оти на референдумот „големото мнозинство од оние кои го остварија своето право на глас рекоа 'да' за договорот од Преспа за името и за нивниот европски пат“.
Повеќе:
-Резултатите од Македонија ја тресат Грција
-Горчлива лекција во Македонија
-Ниска излезност и нова неизвесност
Во соопштението се наведува дека „граѓаните на Поранешна Југословенска Република Македонија имаа можност да гласаат за иднината на својата земја“, подвлекувајќи оти тоа е „историска можност не само за помирување во регионот, туку и за одлучувачки чекори на нивниот пат кон Европска унија“.
Лидерот на социјалистите во Европскиот парламент, Удо Булам, истовремено соопшто дека оваа политичка групација е „задоволна оти мнозинството (на референдумот) го поддржа договорот меѓу премиерите Заев и Ципрас... со што на Скопје му е отворена вратата кон ЕУ и НАТО“, иако „за жал референдумот не достигна 50 отсто“ гласачи.
Булам во име на европските социјалисти наведува дека „невидената кампања на дезинформации“ обесхрабила многу луѓе да гласаат и оти делови од опозицијата која припаѓа на Европската народна партија и претседателот на земјата го бојкотираа референдумот и повторно покажаа дека се опортунисти и кратковиди националисти.
Во соопштението на социјалистите се наведува и „особената загриженост поради извештаите за руско мешање во изборниот процес“ и се додава оти „овие извештаи мораат да се проверат“.
Во меѓувреме стигна и првата реакција од Русија. Кремљ внимателно ја следи ситуацијата во Македонија по референдумот за промена на името на земјата и смета дека сите процеси кои се одвиваат таму мора да бидат во рамките на законот, изјави портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков.