Крајот на германското претседавање со ЕУ
7 октомври 2021Пред се, тој однос никогаш и не беше романса на искрено заљубени, за да крајот биде проследен со размрсулени звуци на Мантовани. Одредницата за крајот може да се однесува единствено на епилогот на германскиот курс во односите помеѓу ЕУ и нас. Пригодно одбележан со признанието и заклучокот на Ангела Меркел, канцеларка на Германија и Европа во последната декада, дека ниедна земја од регионот не заслужува членство во ЕУ. Во овој час.
Искреноста на Меркел
На Ангела можеме да ѝ замериме единствено што толку долго одолговлекуваше со искреноста, до последниот миг пред нејзино заминување. За сѐ друго, можеме само да се согласиме со очигледното. Доколку ги ставиме настрана вистинските мотиви на Франција, Холандија, Данска, Белгија во одбивањето на Балканот, реалноста е дека во овој час, земјите во регионот не само што не заслужуваат ниту членство, ниту преговори, туку е прашање дали би ги исполниле критериумите за Стабилизација и придружување според стандардите од пред десет-петнаесетина години.
Проблематичноста на заклучокот на канцеларката Меркел не е во отсликувањето на реалноста на теренот, т.е. ширум Балканот. Тежината на нејзината изјава е во изнуденото или фројдовско признание дека нејзината државна и униска политика, стратегија, пристап и методологија аплицирана кон Балканот била погрешна, непродуктивна и по многу прашања разорна по регионот. За таа констатација секако се виновни сегашните и претходните лидери од регионот, сите познати по блискоста со канцеларката во заминување. Во духот на транзиционалната логика при смени на кормилото, ставот на Меркел беше своевидна реплика на праксата „за сите промашувања, обвини го претходникот” како услуга на нејзиниот де-факто наследник на кормилото на ЕУ, францускиот претседател Макрон. Доколку остане на чело на сопствената земја.
Менаџирање на кризи и крахови
Децениското претседавање на Германија со ЕУ заврши, прилично неславно. Ќе остане запаметено по успешното превенирање и менаџирање на кризи во мошне турбулентен период. Од менаџирање на глобалниот финансиски крах, бранот на тероризам низ Европа, воените агресии на Русија во блиските соседства, Брегзит, ерозијата на демократијата и Трамп. Ќе кажете дека можеле и подобро од пусто менаџирање и спречување. Секако, но со оглед дека добар дел од предизвиците беа наметнати однадвор и вон контролата на Берлин и Брисел, може да се укаже дека можело и полошо.
Таквата критична забелешка повеќе може да се употреби во нашиот балкански контекст, како регион речиси во целосна ексклузива на германско-европското портфолио, притоа со американска подршка. Балканот е боиштето на кое Европа под германското водство не само што доживеа целосен крах, туку ќе биде запаметено како период на изгубено време и ретроградно движење назад. Притоа, крахот на интеграциите е на второ или трето место во листингот на обвинувања и замерки за несфатливо миопичниот пристап на Берлин и Брисел со кој слепата трка за исполнување на фиктивни, европски фантазмагорични вредности ги збриша и тие малку трошки на реални демократски успеси во регионот.
Да се земеме себе си, како пример за инаку сеопштите стандарди во регионот. И да започнеме со прашањето: зошто ниедна промена на власт кај нас и пошироко е веќе речиси незамисливо да се одвие без големи, драматични, често насилни промени на власта? Почнувајќи од 2006 година и обидите за наметнување на волјата врз демократски избраните првенци, надополнета со крвавите настани од 2017 година. Зошто секоја нова влада, избрана како реформистички надежна, по само неколку години владеење ја обесмислува класичната борба помеѓу власта и опозицијата, наметнувајќи судири помеѓу државата и општеството како единствен происход на целосните партизации на институциите? Токму како што сега се однесува Владата предводена од Заев и СДСМ.
-претходни колумни од авторот: Кого претставуваат Пендаровски, Заев, Османи, Димитров?
Состојбите не се воопшто поинакви и во соседствата, со различни опсези и драматики. Така беше во Црна Гора, со падот на Ѓукановиќ и доаѓањето на новата надеж која се испогани уште пред да ги згрее фотељите. Така беше и во Албанија, со маратонските пребројувања и сегашни драматични обиди за целосно обезглавување, фракционирање и збришување на опозицијата. Прашање е дали и во Косово изборите ќе беа сосема мирни и демократски, доколку претходно од сцена не беа брутално елиминирани старите кадри на војната. Во Босна и Херцеговина, заканата да изборите прераснат во повод за судири е толкава што и САД и ЕУ мораат да наметнуваат превентивни инструменти за навремено разрешување на изборните предизвици.
Во Србија, ионака безглавата опозиција веќе не знае дали за противник го има Александар Вучиќ или комплетниот дипломатско-политички апарат на Берлин и Брисел. Насекаде низ регионот, темата одамна веќе не е дали заслужуваме интеграции и преговори, туку дали можеме навистина да се сметаме како држави водени од демократски избрани институции кои го почитуваат стекнатиот мандат дури и кога волјата на граѓаните им го одзема правото на владеење. До толку базични, прото-демократски дилеми стигнавме на нашиот пат за бивање Европа.
Црно-бели очила
Нашите западни, евро-американски партнери, сеуште претпочитаат да состојбите во регионот ги согледуваат низ црно-бели очила за добри момци и лоши дечки, каубојци со бели и црни шешири. И било каков обид за ставање нијанси во тие детски сликовници се пречекува со дрска ароганција, презирно клештење на евро-германските „познавачи на состојбите” или прекорно, надмено мудрување на „информираните Американци”. Но нивната неспремност и инает за признавање на сопствените глупави избори, препотентни реторики и персонални опсесии не треба да бидат пречка за укажување на нивниот мнозински удел во ерозијата на демократијата кај нас и во регионот.
-претходни колумни од авторот: Отворен Балкан како трета историска (не)среќа за регионот
Доминацијата на евро-американскиот пристап преку импонирање на фондациски-либерализам и фондациски-конзервативизам неприемчив за домашното тло доведе до чудни и накарадни девијации на општеството. Па така денес наместо судир на антидемократски и демократски сили, имаме судир помеѓу десно-конзервативен орвелизам на автократија со „голем брат” на чело и во постојана одбрана и заштита од надворешни закани. Персонифицирано во ликовите на Вучиќ, Груевски, Ѓукановиќ. Парирано од хакслиевска лево-либерална автократија на „доблесен нов свет” исполнет со забави, промиускуитет, сексуализација, насилен позитивизам и прозак-оптимизам, персонифициран во ликови како Заев, Ахмети, Рама, Абазовиќ. Заедничкото на двата тоталитаризми е одбивноста кон реалноста во која живее мнозинството и општеството. Оттаму и перпетуалното рециклирање на судирот на киднапираните држави со општествата кои ги одбиваат „ослободувачките” екстреми на фондациските идеологии.
Крајот на германското претседавање со ЕУ има и една добра страна. Извесно е дека ваквите лицемерни Самит дружби помеѓу европските и балканските лидери ќе мируваат до следниот октомври, зависно од епилогот на изборите во Франција. Доволно време да и тие, а посебно ние во регионот, си расчистиме со заблудните претстави за самите себе. И разбереме дека изборот сведен помеѓу две дистопии, неминовно и секогаш ќе води кон Европска утопија.