ЕУ не увезува спорови, од Македонија се чекаат резултати
10 јануари 2018На крајот на месецот ќе има конкретен предлог за името, а сега не е време да се разговара за предлози, изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи по вчерашната средба во Атина со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас.
„Посветено работиме за во следниве шест месеци да изнајдеме решение“, рече Османи.
Но, според дипломатски извори, не е исклучено конкретен предлог да биде ставен на разгледување и на средбата што медијаторот Метју Нимиц ќе ја има со преговарачите на Македонија и Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис, на 17-ти јануари во Њујорк. Сепак, таа можност ќе зависи од неколку фактори: доколку се утврдат опипливи резултати од досегашните јавни контакти на официјалните лица од двете земји, од политичките разговори зад сцената, но и од анализи на експерти кои на неполитичко ниво учествуваат во „размена на идеи“ по прашањето за спорот и можноста за негово решавање.
Високи цели, кратки рокови
Македонија нема многу време на располгање доколку сака да ги фати роковите.
„До крајот на јануари ќе бидеме фокусирани на испорака на резултати по клучните области, пред објавата на Стратегијата за проширување за Западен Балкан до 2025 година од страна на Европската комисија на почетокот од февруари“, вели вицепремиерот Османи.
А во таа стратегија, која треба да биде усвоена на 14 февруари, според нацрт-текстот што го објави порталот „ЕУ Обсервер“, се вели: „ЕУ не може и нема да увезува билатерални спорови. Ова е причината зошто сите заинтересирани партнери од Западен Балкан мора да ги решат споровите како најитно прашање“.
Ова не е нов став на ЕУ, туку константен услов. Особено што листата на балкански спорови е долга и трае 20 години по завршувањето на војните. Хрватска и Словенија кои се членки на ЕУ не можат да се договорат каде поминува нивната поморска граница. Хрватска има отворени разговори за границата со Босна, Црна Гора и Србија, Косово има такво прашање со Црна Гора, а Македонија е заглавена во спорот за името што го наметна Грција, кој се очекува да биде решен до крајот на јуни, со надеж дека со тоа ќе биде тргната пречката за членство во НАТО пред одржувањето на јулскиот Самит на Алијансата.
На официјална Атина ѝ е јасно дека Македонија брза да го фати овој рок со решен спор за името, во надеж дека може да стане 30-та членка на НАТО, како што изјавува повеќепати премиерот Заев.
Повеќе на темата:
- Европската комисија се надева на „конкретни“ резултати во спорот за името
- Заев очекува решение за спорот за името до јули
- Името не се решава само со оптимизам
Запрашан за членство на Македонија во НАТО, шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас изјави дека „власта на земјата пријател“ знае дека не може да се интегрира во меѓународни организации, без да постои решение за името. На прашањето на новинарот дали тоа значи ново вето и повторување на она што се случи во Букурешт, шефот на грчката дипломатија за грчката телевизија „Антена“ одговори:
„Скопје нема да се интегрира во НАТО, ако не постигнат договор за името“, објаснувајќи дека целта на Атина е да се најде сложено име, кое може, но и не мора да биде со географска одредница.
Координирани процеси?
Во тој контекст, со големо внимание се очекуваат пораките со кои ќе дојде првиот „странски гостин“ во 2018-та година: Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Тој пристигнува во Македонија следната недела, на 17-ти јануари, а наредниот ден ќе има обраќање пред пратениците во македонското Собрание.
Во неговата агенда се предвидени се средби лице в лице со премиерот Зоран Заев, со претседателот Ѓорге Иванов, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и со министрите за одбрана и за надворешни работи, Радмила Шекеринска и Никола Димитров.
Според аналитичарите, посетата има за цел да ја истакне поддршката за интеграција на Македонија во НАТО и да ја охрабри Владата во обидот да најде решение за спорот за името. Упатените во дипломатската офанзива и поддршка од стратешките пријатели на Македонија, тврдат и дека не е случајно совпаѓањето на средбите (Нимиц на 17-ти јануари со преговарчите во Њујорк, Столтенберг во Скопје).
„Се испраќа порака дека спорот треба да се реши и дека членството на Македонија е важно за Алијансата. Тоа е поттик и за поддршка за наоѓање заемно прифатливо решение со Грција, кое на Македонија ќе и отвори нови перспективи. Соодветни пораки се испратени и до Атина. Соработката, разбирањето, дијалогот и добрососедството се главни стожери на мирот и безбедноста. Во таа насока сите мора да дадат придонес“, велат дипломатски извори за ДВ.
Столтенберг лани во јуни во Брисел се сретна со владина делегација предводена од премиерот Заев, а по три години ова е прва посета на Македонија од страна на Генерален секретар на НАТО. Во мај 2014 година Македонија ја посети тогашниот генерален секретар на НАТО, Андерс фог Расмусен. И тогаш пораката беше иста: тој изрази надеж за брзо изнаоѓање решение околу разликите со Грција за уставното име на Македонија.