1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев: Бугарија не се однесува ни европски, ниту братски

БГ
9 декември 2020

Остри критики од премиерот Зоран Заев на сметка на Бугарија по ветото во ЕУ. Тој одбива преговори со ЕУ доколку цената е ревизија на македонскиот идентитет со условите кои ги наметнува Бугарија.

https://p.dw.com/p/3mU8A
Premierminister Nord-mazedoniens Zoran Zaev und Bulgarische Premierminister Boyko Borisov
Фотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

„Преговори со ЕУ да, но не по цена на ревизија на македонскиот идентитет. Не под условите кои сега ги наметнува Бугарија“, порача денеска премиерот Зоран Заев во обраќање до нацијата. Официјална Софија вчера, по вторпат за неполн месец стави блокада за одржувањето на првата Меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ.
„Бугарија стави вето, го прекрши Договорот за добрососедство и пријателство и со тоа застана на патот на нашата европска интеграција за која во повеќе наврати институциите на ЕУ и земјите-членки, вклучувајќи ја и Бугарија, потврдија дека целосно ги исполнуваме условите", рече Заев.

„Тоа не е европски начин. За жал, Бугарија не собра сила да се однесува европски. Бугарија дозволи, да испорача гест кој не покажува ни пријателство, ни братство."
Официјална Софија денеска преку соопштение на министерството за надворешни работи и префрли на македонската влада дека на јавноста и' „презентира лажни информации во врска со бугарската позиција во ЕУ".
„Со наследен тоталитарен историски наратив, тешко е да се најде поддршка од Бугарија“, се наведува во соопштението на бугарското МНР. 

Добро е што сојузниците не молчат

Официјална Софија ја оценува како „манипулативна“ тезата дека Бугарија го оспорува правото на самоопределување и идентитетот на граѓаните на Република Северна Македонија или нивното право да го нарекуваат својот јазик како што сакаат. 

-повеќе на темата: Бугарски интелектуалци: Не може да се очекува една страна во преговорите да изврши самоубиство

Според Заев, пак, ставот на Бугарија е „целосно ирационален и навредлив за Македонците и за целиот наш народ".
„Во 21 век, не е европски, ниту демократски, да му кажете на друг како да се чувствува, како да се самоопределува. Не е европски да му ја пишувате историјата на друг народ. Да му наметнувате идентитет на друг народ и да го убедувате дека треба да го прифати", рече македонскиот премиер, додавајќи дека Скопје нема намера да преговара за идентитетот, јазикот или темелот на државноста- АСНОМ.
Заев им се заблагодари на сите останати земји-членки на ЕУ, и особено на Германија, за поддршката во процесот и ставањето на темата за проширувањето на дневниот ред и покрај бројните други проблеми со кои се соочува Унијата.
„За жал, процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ го запре Република Бугарија, од позиција на земја-членка. Станува збор за неодговорна и тешка геостратешка грешка. И добро е што нашите меѓународни пријатели и сојузници не ја премолчуваат оваа грешка."

Заев: Каракачанов ја сака Македонија „на погрешен начин“

Критики кон опозицијата

Заев ја обвини опозицијата во земјата дека „го воспева поразот на европските вредности како своја победа".
Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ беа единствените кои навиваа Северна Македонија да не добие датум за почеток на преговори, единствените кои блокираа реформи и структурни закони важни за интеграцијата во ЕУ“, рече Заев. 

-повеќе на темата: Шлагерот на нашиот неуспех

Тој ветува дека земјата ќе продолжи да работи на исполнување на барањата и стандардите на ЕУ, и нема да  дозволи разочараноста од ветото да прерасне во антиевропско расположение во земјата.
„Немаме намера да ја исправиме државата пред неизвесност. Еднаш поминавме низ тоа. Знаеме до каде не донесе национализмот. Нема да дозволиме ни нов, ни стар груевизам како оној после ветото од Букурешт во 2008 година“, порача Заев.
„Владата на Република Северна Македонија останува на истиот стратешки колосек. Испорачавме полноправно членство во НАТО, ќе ја придвижиме земјата и кон ЕУ!"

Обраќањето на Заев се случи непосредно по првата средба на специјалниот претставник за Бугарија Владо Бучковски во Софија, каде разговараше со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева. Бучковски оцени дека состанокот бил конструктивен и пријателски.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема