1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заев замина, СДСМ остана - до кога?

22 декември 2021

Заев си замина од кормилото на СДСМ, а многу скоро ќе биде заменет и од позицијата премиер, но она во што успеа, е да го остави СДСМ на власт. Заев замина, но СДСМ - остана. Прашањето е до кога? Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/44fbJ
Зоран Заев Северна Македонија
Зоран Заев, премиер на Северна МакедонијаФотографија: Nikolay Doychinov/AFP

Одговорот на ова прашање зависи од новиот лидер на СДСМ и нов премиер, од ВМРО-ДПМНЕ, но пред сѐ од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Со заминувањето на Заев од двете позиции, и со овозможувањето да се формира нова влада, во која, како што гледам, најголем дел од министрите на СДСМ ќе бидат заменети со нови, овозможи на новиот премиер една привидно изедначена позиција во споредба со неговиот политички ривал. Велам привидна, затоа што реалноста е дека ВМРО-ДПМНЕ во моментов ужива поголема доверба кај граѓаните од СДСМ, но самиот факт што ќе има нова влада, значи дека новата влада ќе започне од почеток, па граѓаните, одново ќе ја оценуваат нивната способност да ја водат државата и да се справуваат со клучните предизвици. Доколку новата влада престави, но што е уште поважно, примени нов и далеку поквалитетен начин на работа и донесе видливи резултати на краток рок, може да се надева таа привидна изедначеност да ја конвертира во реална урамнотеженост на силите. 

Кусо време за „Ќе“ 

Ова првенствено ќе зависи од тоа дали и новиот премиер ќе влезе во замката на бугарско-македонските односи и ќе креира очекувања за старт на преговори секој месец, а со тоа ќе книжи и разочарувања секој месец, или пак забрзано ќе отпочне со реализација на капитални инвестиции, пред се во патната, образовната и здравствената инфраструктура. Неговиот успех ќе зависи и од тоа дали ќе успее да постави функционален систем, да привлече неколку нови странски инвестиции, но и да ги поддржи домашните бизниси и дали ќе претстави и почне да спроведува реформа во судството која граѓаните ќе ја препознаат и почувствуваат. Енергетската криза, растот на цените и загадувањето како вечен проблем, ќе бидат исто така огненото крштевање за новата влада. 

Северна Македонија Димитар Ковачевски
Дали и новиот премиер ќе влезе во замката на бугарско-македонските односи и ќе креира очекувања за старт на преговори секој месец? Фотографија: Petr Stojanovski /DW

Накратко, ако има нов тим, што ќе прикаже нов начин на функционирање, особено во делот на капиталните инвестиции и функционалноста на системот, тогаш можно е да се креираат очекувања и надеж. Кај нас, креираното очекување носи повеќе политички поени од оствареното ветување, но затоа убивањето на надежта носи катастрофа. Сублимирано, на новиот премиер она „Ќе“ му е дозволено определен временски период. За негова жал овој период кај него не е 100 дена, туку околу 50-тина денови. Ако во првите два месеца покаже резултат, она привидно изедначување со опозицијата ќе стане реално, но ако не, ќе потоне толку брзо и толку силно, што слободно ќе можеме да констатираме дека започнала ерата на „ПАСОК-изација“ на СДСМ, по што Левица ќе стане најсериозен конкурент на СДСМ и ќе преземе доста од нивното членство и/или поддржувачи. 

Што ќе сработат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ? 

ВМРО-ДПМНЕ нормално е дека нема немо ова да го набљудува. Напротив, ќе се обиде оваа конкурентска предност да ја задржи и зголеми, со цел на следните парламентарни избори (кои по мене не им одговараат пред октомври 2022 година) да освои најмалку 60 пратеници. За тоа се клучни градоначалниците. Доколку тие испорачаат сериозен резултат, покажат дека имаат поставено функционален општински систем, со процент на реализација на капиталните инвестиции од минимум 90% и сериозно висок процент на реализација на изборната програма, тогаш ВМРО-ДПМНЕ нема од што да стравува на следните избори. Тука фактор е и тоа дали сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ вака ќе работат или само дел од нив. Ако 30-тина градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ работат вака, работата на следните избори е завршена. Ако не, тогаш и ВМРО-ДПМНЕ ќе потоне. Овој луксуз не смеат да си го дозволат, па затоа раководството буквално треба да им „дише во врат“ на сите градоначалници, да не ги „брани“ кога нешто нема добро да направат и да не ги покрива доколку опозицијата ги обвинува за неработа или неспособност, туку медиумскиот и политичкиот притисок да го засили и со свој притисок. 

Никола Тодоров
Никола Тодоров, поранешен вицепремиер и министер за здравствоФотографија: DW/B. Gerogvievski

Доколку некој од градоначалниците повторно е заспан и не покажува никакви резултати, се сврти кон коруптивно делување или пак стане локален „шериф“, тогаш ВМРО-ДПМНЕ треба да се откаже од тој градоначалник или градоначалничка. Нема втора шанса за прв впечаток, па така она што градоначалниците на ВМРО ќе го сработат во наредните 50-тина дена ќе биде клучно и за нивната политичка кариера, но и за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ победува на следните парламентарни избори. Од она што го гледам, некои градоначалници почнаа одлично, но некои, за кои јавноста имаше и подобра перцепција во тек на кампањата, како да ги снема и се загубија. Крајно време е оние кои се подзагубија да го сменат начинот на функционирање и да почнат да испорачуваат резултати. 

Што ќе биде најдобро за граѓаните? 

За граѓаните ќе биде најдобро во наредните 50-тина дена новиот премиер да отпочне со засилена реализација на капитални инвестиции, да постави функционален систем, да успее да привлече неколку нови странски инвеститори, силно да ги подржи домашните бизниси и да отпочне реформа во судството, а градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ да покажат дека имаат поставено функционален општински систем, со процент на реализација на капиталните инвестиции од минимум 90% и сериозно висок процент на реализација на изборната програма.

Тогаш надежта ќе се врати во државата, а политиката нема да биде мегдан за плукања и омаловажувања, туку поле за развоен натпревар, во кој ќе победи оној кој има подобри идеи и проекти, а не оној кој умее „посочно“ да го омаловажи противникот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема