Западот и Русија во битка за балканскиот гасен коридор
17 јули 2017Москва доживеа серија неуспеси на Балканот. Црна Гора се придружи кон НАТО, додека новата влада на социјалдемократите во Македонија, се чини, се дистанцира од претходните про-руски ставови.
За разлика од Западот кој на балканските земји може да им понуди поволности како шансата да станат членки на ЕУ или локални инвестиции, Русија може да игра на енергетската карта.
Гасот достигнува околу една четвртина од енергетската потрошувачка на ЕУ, а во 2016 година рускиот Газпром обезбеди околу една третина од европскиот гас.
На Балканот, зависноста од гас ќе се зголемува со оглед на забрзаното затворање на електраните на јаглен поради притисокот од ЕУ.
Хрватска е веќе членка на ЕУ, но останатите ткн. западнобалкански земји- Албанија, БиХ, Македонија, Црна Гора, Косово и Србија- сите се на различно ниво во напорите да му се приклучат на блокот.
„Во Србија, Босна, Бугарија и Македонија, Русија се обидува да ја конвертира зависноста од достава на гас во политичка зависност и ја опструира нивната интеграција со Западот“, вели Тимоти Лес, прв човек на “Нова Еуропа“ консултантска куќа за политички ризици.
Ограничено руско влијание
Сепак, барем во моментот, руското влијание врз балканскиот енергетски сектор е ограничено поради недостатокот на инфраструктура. Без гасоводи, таа не може да го снабдува регионот, вели Лес. Токму на тоа поле Западот се надева дека ќе го запре маршот на Москва, поддржувајќи ривалски проекти.
Конкурентските интереси на Западот и Русија за балканскиот гасен пазар само го зголемуваат геостратешкото значење на регионот.
„Југоисточна Европа се наоѓа на крстосница на енергетски коридори кои ги поврзуваат истокот и западот“, вели поранешниот албански министер за надворешни работи, Паскал Мило.
„Регионот не ги интересира како економски ресурс, но станува позначаен како транзитна територија за другите стратешки пазари во Европа и за складирање на гас“.
Според аналитичарите, Западот почувствува дека мора да одговори на користењето на енергијата од страна на Москва како потпора за контрола на регионот.
„Откако Русија неколку години победуваше во енергетската игра, Западот сега како да добива предност“, вели Лес.
Конкурентни проекти
Повеќе проекти за пренос на гас кои треба да ја намалат зависноста на регионот од Русија се во изградба.
Трансатлантскиот- јадрански гасовод (ТАП) поддржан од ЕУ, кој треба да носи гас од Азербејџан преку Турција до Грција, Албанија и преку Јадранското Море до Италија се очекува да почне со испорака во 2020 година. Во однос на капацитетот- 10 милијарди кубни метри годишно- 87- километри долгиот ТАП не делува како многу значаен во економска смисла.
„Тоа е повеќе геополитички проект кој ќе ја зголеми, иако минимално, сигурноста за прилив на гас на ЕУ“, вели Николас Мацуки, истражувач во францускиот тинк-тенк ИРИС.
Западот се обидува да стигне до Кавказ, и еден ден можеби да успее да црпи од каспискиот или блискоисточниот гас, заобиколувајќи ја руската територија, вели тој.
ЕУ и САД се заинтересирани да го рашират ТАП и да создадат „гасен прстен“ кој би го опфатил целиот балкански регион, сѐ до Хрватска.
Паралелно со планираниот терминал за течен гас на хрватскиот остров Крк, делумно финансиран и од ЕУ, тоа ќе создаде силна конкурентност меѓу Западот и Русија.
Во мај, седум балкански држави- Албанија, БиХ, Бугарија, Хрватска, Косово, Македонија и Црна Гора- потпишаа договор за заеднички развој на гасовод кои ќе треба да ја намали зависноста од Русија.
Проектот е поддржан од американската агенција за развој УСАИД.
Истовремено, Европејците го поддржуваат и Јонско-Јадранскиот гасовод (ИАП), кој треба да започне од Албанија и преку Црна Гора и БиХ, да стигне до Хрватска.
Од друга страна, Русија потпиша договор со Турција во октомври 2016 година за изградба на гасоводот Турски тек, со кој рускиот гас преку турски води треба да пристигнува до Европа.
При посетата на Турција овој месец, српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека сака гасоводот да биде поврзан со неговата земја.
Но експертите велат дека проектот е многу чувствителен во геополитичка смисла и технички бара многу. Ќе бидат потребни градежни активности во длабочина од два километри под морето. Притоа, проектот ќе зависи од цела лепеза прашања, вели Игор Деканиќ, професор на загрепскиот Факултет за рударство, геологија и нафтен инженеринг. Меѓу нив: врските меѓу Турција, Русија и ЕУ, мигрантското прашање и Сирија, вели експертот.