1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Западот 20 години мижеше пред реалноста во Авганистан

23 август 2021

Сѐ што сега се случува во Авганистан, можеше да се предвиди и е последица на грешките во пристапот кон таа земја. Вистинските победници во војната не седат во Белата куќа, туку во Кабул, смета Емран Фероз.

https://p.dw.com/p/3zGDe
Afghanistan | Taliban Kämpfer in Kabul
Фотографија: Rahmat Gul/AP/picture alliance

На импровизираната конференција за печат која ја организираа талибанците по преземањето на власта, еден од командантите за катарската телевизија Ал Џазира раскажа дека „Американците“ осум години го држеле и го мачеле во логорот Гвантанамо. Случајност? Напротив, јасно беше дека американската „војна против тероризмот“ радикализираше бројни луѓе во Авганистан и дека многумина од нив тоа до денес не го заборавиле. 

Место само за белите Американци?

За тоа време на кабулскиот аеродром се одвиваа немили сцени, маси луѓе се обидуваа да влезат во авионите на воздухопловството на САД, дојдени да ги евакуираат американските државјани. Луѓето очајнички се држеа за авион при полетување и така смртно настрадаа. Американските војници пукаа во масата насобрани Авганистанци.

„Еден мој роднина беше убиен, беше лекар“, ми раскажа подоцна Сангар Пајкар, холандско-авганистански новинар и подкастер. А авганистанско-американската писателка и активистка, Надија Хашеми, тврди дека американските војници делумно во авионот не пуштале американски Авганистанци. Причина: не биле бели Американци.

Последните сцени од Кабул посилно од било кога досега покажаа дека ангажманот на Западот во Авганистан е - неуспех. За време на својот говор пред неколку дена, претседателот на САД Џо Бајден со ниеден збор не ги спомена Авганистанците убиени во американската војна против теророт. Наместо тоа, од неговите зборови избиваше одбивање да се погледне во очи на реалноста. Вистинските победници во војната не седат во Белата куќа, туку во Кабул.

Emran Feroz
Емран Фероз, новинар и публицистФотографија: privat

Како можеше да се случи ова?

Има повеќе причини поради кои ова можеше да се случи. Многу причини за неуспехот на Западот со години беа потиснувани и игнорирани, не само за Западот да го зачува својот образ, туку и затоа што тој ни по толку години, не го познаваше Авганистан. Практично сите дистрикти на провинциските престолнини кои паднаа пред Кабул, веќе со години беа под контрола на талибанците. Тие се зацврстија таму и дејствуваа, па и владееја- од сенка. Во тие селски региони екстремистите можеа да ги зацврстат своите позиции меѓу другото и поради големата корупција во главниот град и поради бројните операции на НАТО и нивните авганистански сојузници.

Жртви на Западот

Зашто, во нападите со дронови и бруталните ноќни рации редовно имаше многу цивилни жртви во авганистанските села. Многу членови на семејствата на загинатите, на овој или оној начин, им се приклучија на талибанците. Така беше и во околината на Кабул. Одамна пред сево ова беше доволно од главниот град да се тргне со автомобил и по 20 до 30 минути возење можеше да се стигне до територија контролирана од талибанците.

-повеќе:

Good Morning, Afghanistan 

Зошто авганистанската армија падна како кула од карти пред талибанците?

Авганистанците во Германија ужаснати од ситуацијата во татковината

Дебакл на Американците во Авганистан

Со таквата реалност претставниците на западните влади не сакаа да се соочат. Наместо тоа, се залажуваа со самопофалби, зборуваа за „нашите убедливи вредности“ и се фокусираа на наводните напредоци воведени во Авганистан од 2001 година наваму. Зборуваа за демократија, иако во последните дваесет години во Авганистан немаше ни една единствена демократска смена на власта.

Корумпирана елита

Тоа секако не беше така поради оние Авганистанци кои го ризикуваа животот и одеа да гласаат, туку поради корумпираните елити кои САД ги доведоа на власт во Кабул. Луѓе како Хамид Карзаи или побегнатиот Ашраф Гани го користеа новиот систем за свои цели и постојано прибегнуваа кон фалсификување на изборните резултати за да останат на власт. Слично се однесуваа и други актери, на пример бројни локални господари на војната и нарко босови кои станаа најтесни сојузници на Запад на Хиндукуш. Тие, благодарејќи на обилната парична помош од странство, успеаја да се збогатат и да префрлат милијарди долари во други земји.

Тие се претворија во вистински профитери благодарејќи и на сопствени приватни фирми за обезбедување, кои ги создаваа за да ги бранат единиците на НАТО од напади – кои фактички сами ги фингираа. Така потпишуваа вносни договори со НАТО.

Сето тоа беше познато

За сево ова знаеше и Вашингтон, а знаеја и други. На крајот на 2019 година „Вашингтон пост“ ги објави т.н. „Авганистански документи“, во кои околу 400 високи американски функционери помалку или повеќе со јасни зборови признаваат дека САД целосно потфрлија во Авганистан. Деталите за тоа со години се држени под клуч.

Но, ни денес за тоа никој не сака да зборува. Наместо тоа се тврди дека талибанците, како да стигнаа од никаде, одеднаш ја прегазиле државата.

По погрешната интервенција која траеше 20 години, чинеше животи на стотици илјади Авганистанци и милиони луѓе претвори во бегалци и ги турна во сиромаштија, Западот не само што загуби интерес за Авганистан, туку не се чувствува ни одговорен за бедата. „Тоа е едноставно така. Тоа не е наша вина!“, така можат да се сублимираат коментарите кои деновиве хорски одѕвонуваат насекаде.

Емран Фероз е Австриец со авганистански корени. Со години известува за медиумите на германски јазик како „Ди цајт“, „Тагесцајтунг“ или меѓународни, како „Њујорк тајмс“ и СиЕнЕн.