1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Зошто е Северодоњецк толку важен?

Роман Гончаренко
2 јуни 2022

По пристанишниот град Мариупол, друг голем индустриски центар е Северодоњецк на истокот на Украина. Таму пред 20 години за прв пат се манифестираше и прорускиот сепаратизам во Донбас.

https://p.dw.com/p/4CB05
Ukraine | Kämpfe um Sjewjerodonezk
Фотографија: Aris Messinis/AFP

Речиси две недели откако се предадоа и последните украински борци во Мариупол во надеж за размена со руски заробеници, Украина би можела да го загуби и вториот голем индустриски центар во Донбас, Северодоњецк. Според информации на медиумите веќе се водат улични борби и руските војници навoдно веќе се продрени до центарот на градот.

Северодоњецк и соседен  Лисичанск се последните големи градови во регионот Луганск кои се под контрола на Киев. Според податоци на украинскиот Генералштаб, Русија сега се концентрира на освојување на  Северодоњецк.  Украинските сили кои го бранат регионот, се загрозени да бидат опколени исто како оние во  Мариупол.

Центар на хемиската индустрија 

Северодоњецк пред војната имаше повеќе од 100 илјади жители. Градот е настанат во советски времиња од населено место во близина на хемиската фабрика „Азот”, најголема од тој тип во Украина. Новиот град на границата кон Луганск, Доњецк и Харков во 50-тите години името го доби според името на реката Северен Доњецк. 

Сопственик на фабриката „Азот” е олигархот и медиумски магнат Дмитро Фирташ кој живее во Австрија од 2014 и кому му се заканува екстрадиција во САД поради сомнежи за корупција. Неговата компанија во Северодоњецк произведува хумус кој во најголем дел оди за извоз. Во изминатите години фабриката, како и многу други во регионот, имаше прекини во работата поради конфликтот во  Донбас

Покрај „Азот” во Северодоњецк има и други хемиски фабрики. Во соседниот град Лисичанск има нафтена рафинерија која порано им припаѓала на руски бизнисмени, но веќе долго е вон погон. 

Ukraine Brücke nach Severodonetsk
Урнат мост меѓу Северодоњецк и ЛисичанскФотографија: Aris Messinis/AFP/Getty Images

Сепаратизам во Донбас

Северодоњецк е познат и по тоа дека таму пред 20 години за прв пат имаше обид да се подели Украина. На 28.11.2004 во градот се состана т.н. „Сѐукраинскиот конгрес на пратеници од сите нивоа”, на кој главно учествуваа проруски претставници на „Партија на регионите”. Партијата настана во Донбас и доминираше во регионот. Во контекст на прозападната „Портокалова револуција” во главниот град Киев, се закануваше со проглас на автономија со центар во Харков. Автономијата требаше да се однесува на осумте источни и јужни региони на Украина, како и Крим и Севастопол. На конгресот како говорник настапуваше поранешниот московски градоначалник Јуриј Лупков, кој на помлади години работел во хемиската фабрика „Азот”. Лупков подоцна беше прогласен и за почесен градоначалник на Северодоњецк, иско украинските власти уште тогаш поради сепаратистичките ставови за Севастопол му забранија влез во земјата. Иницијаторите на конгресот во 2004 се задржаа на општите закани.

Страотните видеа од Мариупол на украинска болничарка

За многу аналитичари тој собир сепак важи за прв, па макар и неуспешен обид за да се постигне формална политичка поделба на Украина. Вториот следуваше по десет години, пролетта и летото 2014 година. Откако Русија го анектираше полуостровот  Крим,  локални вооружани сепаратисти заедно со Козаците кои дојдоа од Русија ги запоседнаа трите соседни градови Северодоњецк, Лисичанск и Рубишне. Украинската армија го ослободи регионот во втората половина на јули 2014. Потоа Северодоњецк стана центар на воено-граѓанската управа на регионот. Таму беа префрлени разни институции и универзитети од Луганск. Сега повторно седиштето е поместено во Западна Украина. 

Стратешкото значење на Северодоњецк

Северодоњецк и соседниот Лисичанск се од стратешко значење бидејќи овој дел од Донбас се поврзува со другите региони на Украина. Главниот фокус е на автопатот што го поврзува Лисичанск со Бахмут во регионот Доњецк. Преку него се снабдува украинската војска, а до неодамна се евакуираа и цивили, но поради гранатирањата, овој пат сега се смета за премногу опасен.

Заземањето на Северодоњецк и Лисичанск ќе ѝ овозможи на  руската армија  да стигне до административната граница на регионот, а оттаму би можела да напредува позападно кон Краматорск, уште еден административен центар во регионот на Доњецк. Краматорск е еден од последните големи индустриски градови во Донбас кој сè уште е целосно контролиран од Киев.