ЕУ ги разочара С. Македонија и Албанија
19 октомври 2019Во Северна Македонија и во Албанија владее големо разочарување. А тоа е и разбирливо. Според мислењето на Европската комисија, Европскиот парламент и на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, двете земји од Западен Балкан ги исполнија условите за започнување на пристапни преговори со Европска Унија. Уште од 2003 година ним и на останатите балкански земји им се ветува европска перспектива. С. Македонија своите услови ги исполнува уште од 2009 година, а Албанија од 2018 година. Откако С. Македонија го реши спорот околу името со Грција, во Скопје многумина поаѓаа од тоа дека на овој самит конечно ќе добијат зелено светло за почеток на преговорите.
Само еден шеф на држава, францускиот претседател Емануел Макрон, тоа целосно го отфрли. Тој им рече НЕ на кандидатите и НЕ за пристапниот процес. Уште двајца, холандскиот премиер и данската премиерка, се сокрија зад него и отфрлија разговори со Албанија. Неразбирливото вето на Макрон ја турна ЕУ во двојна криза на веродостојност, не само на Балканот туку и во Брисел. Колку вредат ветувањата на ЕУ ако по сите спроведени реформи и сите напори на кандидатите тие на крајот да не бидат исполнети? Зошто стручњаците од Европската комисија, која не е некритична, со години ги проверуваат кандидатите ако на крајот е доволно НЕ од Париз за бројните резултати од проверките да ги направи безвредни?
Повеќе:
-ЕУ самит: Македонија извиси, следна рунда- самитот во Загреб
-Еден циничен Макрон и пропуштен датум не се крај
-Самит на ЕУ: Франција и дава шест месеци на Македонија да спроведе реформи
Новата претседателка на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен, која е за прием на балканските држави, во иднина ќе има големи потешкотии со францускиот отпор. Тука не помага тоа што Макрон најпрво ѝ овозможи да дојде на таа позиција, а сега е навреден што не помина неговата кандидатка за позиција во Европската комисија. Макрон е лут на Брисел. Не помогна ни уверувањето на сојузната канцеларка Ангела Меркел која и самата е за проширување на ЕУ.
На Макрон му е важно нешто сосема друго
Веродостојноста на ЕУ и последиците во балканските земји, имено фрустрацијата и падот на подготвеноста за реформи, на францускиот претседател очигледно не му се толку важни како внатрешнополитичките аргументи кои ги изнесува. Секако дека во вратот му дише десничарско-популистичката опозиција која не сака повеќе доселеници во Франција и која ионака постојано ја критикува ЕУ. Но, поради тоа сигурно не би требало да ја поткопува заедничката политика на ЕУ. И во Германија десните популисти ги критикуваат настојувањата за проширување на ЕУ. Сојузната канцеларка тоа, меѓутоа, не ја импресионираше.
Аргументот на Макрон дека Албанија не може да започне преговори бидејќи многу Албанци бараат азил во Франција исто така е шуплив. Во Франција во 2018 азил добиле точно 74 Албанци. Останатите осум илјади во секој случај се економски мигранти и можат да бидат вратени назад. Повеќе е прашање зашто економската состојба во Албанија е толку лоша за толку многу луѓе да заминуваат од земјата. Пристапниот процес, кој сигурно би можел да трае десет години и повеќе, би можел да биде искористен за таа земја економски да се зајакне и да се приближи до стандардите на ЕУ. Албанија и Северна Македонија не би пристапиле во Европската унија утре и не би важела веднаш слободата на движење на работна сила, туку ќе биде токму спротивното.
ЕУ несомнено извлече поука од грешките што ги направи при пристапните преговори со Бугарија, Романија и со Турција. Денес постапката е поопсежна и построга. Натамошните прилагодувања, кои францускиот претседател со право ги бара, се случуваат за време на преговорите, а не пред нив. Процесот на пристапување никогаш не бил крута проверка на исполнувањето на критериумите туку процес во кој се реагира на развојот на ситуацијата во земјите кандидати. Најдобар пример за тоа се преговорите со Турција, кои траат веќе 14 години и кои поради автократското однесување на претседателот Реџеп Таип Ердоган се практично замрзнати.
Без перспектива дека еден ден ќе припаѓаат кон ЕУ, загрозен е мирот меѓу балканските земји. Влијанието на Русија, Кина, но и Турција би можело да порасне. Францускиот претседател тоа сериозно не може да го посакува.
Аргументите на Франција се слаби. Емануел Макрон мора да го преобмисли неговото вето, освен ако и самиот не сака да се покаже како популист. Наредна шанса е на самитот на ЕУ во декември.