Битка за украинското жито: ЕУ пред голем предизвик
23 мај 2022„Нема решение за (глобалната) прехранбена криза без повторно интегрирање на земјоделското производство на Украина“, предупреди генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш во Њујорк. Тој се надева на договор со Русија и покрај војната. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен зборуваше за најголемата „криза со храна“ на денешницата, а шефот на Светската програма за храна на ОН додаде дека не станува збор само за Украина, туку и за најсиромашните меѓу сиромашните. „Го молам претседателот Путин, ако воопшто има срце, отворете ги овие пристаништа (...) за да можеме да спречиме глад, како што правевме во минатото“, апелираше Дејвид Бизли.
Клучни се пристаништата на Црното Море
Светската програма за храна досега купуваше половина од своите резерви на жито во Украина. Но, од почетокот на војната, извозот е запрен, бидејќи пристаништата на брегот на Црното Море се блокирани. Во Одеса ништо не се поместува од почетокот на војната, „бидејќи морската врска не е безбедна“, изјави Петр Обучов од градскиот совет на пристанишниот град за Франс 24. „Некои товарни бродови беа погодени од Русите (...) и има многу морски мини пред Одеса, пловидбата не е безбедна“.
Тој смета дека и напорите за воспоставување хуманитарен поморски коридор, краткорочно речиси и не можат бидат решение: „Дури и да заврши војната денес, ќе ни требаат најмалку шест месеци за да го исчистиме морето и повторно да го активираме пристаништето“. Украина вообичаено транспортира околу 6 милиони тони жито и маслодајни семиња месечно преку своите пристаништа. Но, сега силосите на копно се преполни, бидејќи извозот е целосно запрен.
Покрај тоа, 57 бродови натоварени со повеќе од милион тони жито, според украинскиот министер за земјоделство, Микола Солски, се заглавени кај Одеса. Но, дури и нивните капетаните не знаат колку долго ќе истрае житото. По три месеци „почнуваат проблемите и дел од товарот може да се расипе“.
Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, во минатата недела посведочи за ситуацијата на лице место:
„Видов силоси во пристаништето Одеса полни со жито, пченица и пченка подготвени за извоз. Овие многу неопходни прехранбени производи се заглавени поради војната на Русија и блокадата на пристаништата на Црното Море. Ова има драматични последици за посиромашните нации. Потребен ни е глобален одговор“.
Косопственикот на товарното пристаниште Јужне, во близина на Одеса, Андри Ставницер смета дека е можно воспоставување на заштитен поморски коридори, бидејќи веќе постојат такви примери во Сомалија или во други конфликти: „Турски воени бродови би можеле да го придружуваат нашиот транспорт. (...) ОН би можеле да го организираат тоа, еден вид хуманитарен коридор за транзит“, вели Ставницер.
Проблем се огромните количества
Најблиското црноморско пристаниште на картата е Констанца во Романија. Таму сега се обезбедува итна помош. 240.000 тони жито од Украина веќе пристигнаа и беа транспортирани со товарни преку делтата на Дунав, како и со воз и камиони. „Успеваме во тоа со големи напори“, вели шефот на компанијата-сопственик на пристаништето Комвекс. Но, транзитните рути за толкави огромни количини не може да се заменат преку ноќ. „Итно ни треба опрема“, изјави Виорел Панаит за новинската агенција Ројтерс.
Повеќе: Војната во Украина го враќа фокусот на македонските ниви
Потребна е помош од ЕУ за кранови, машини за товарење и друга опрема за транспорт на жито. Вообичаено, преку Констанца се транспортира околу 25 милиони тони жито годишно од Унгарија, Србија и од Австрија. Ако пристаништето треба да ја замени и Одеса, ќе треба да се направат огромни инвестиции во инфраструктурата. На пример, владата во Букурешт сака да ги стави во функција старите железнички системи во Констанца - но работите на тоа ќе започнат дури налето.
Главниот проблем во секој поглед е огромниот обем на украинскиот извоз. Еврокомесарката за транспорт Адина Валжан предизвикот го нарече „гигантски“. „Од суштинско значење е да се оптимираат логистичките синџири, да се воспостават нови рути и да се избегнат тесните грла“. Во следните три месеци, 20 милиони тони жито ќе треба да се изнесат од Украина пред да пристигне новата жетва, да се исцрпат складирачките капацитети на земјата и да настапи глобална криза со храна.
ЕУ сака да отвори нови транспортни рути
Во меѓувреме, Европската комисија апелираше до земјите членки да обезбедат камиони, железнички вагони и машини за товарење со цел да се овозможи алтернативен копнен и железнички транспорт. Потребна е логистичка поддршка при преминување на границата, треба да се разјаснат прашањата за осигурувањето и да се ангажира персонал за царинење.
Сепак, тешкотиите започнуваат со растојанието меѓу шините за возовите: во Русија и Украина тоа е околу 10 сантиметри пошироко отколку во останатиот дел на Европа. Тоа значи дека вагоните треба да се претоварат на граница или да се префрлат во соодветни шасии.. Покрај тоа, железничката мрежа на ЕУ не е подготвена за такви количества, вели техничкиот директор на украинските железници Валериј Ткачев. „Во Украина, 65 отсто, додека во ЕУ само до 35 отсто, од товарниот сообраќај се одвива преку железницата“.
Полскиот министер за земјоделство, Хенрик Ковалчек, во меѓувреме призна дека од Украина е возможно да се транспортираат само еден до два милиони тони жито, и дека за поголеми количества недостасува техничката опрема. А во моментов при транспортот кон Запад има огромен сообраќаен метеж на границите, со време на чекање помеѓу 16 и 30 дена. ЕУ апелира до земјите членки итно да ги забрзаат формалностите.
Транспортот преку Полска би можел да биде проследен до пристаништето во Гдањск на Балтичкото Море. Литванија нуди друго решение. Доколку Белорусија се согласи да дозволи пратките со жито да се движат по хуманитарен коридор до соседната балтичка земја, проблемот со растојанието меѓу шините ќе се надмине. И Литванија го нуди своето пристаниште Клаипеда на Балтичкото Море како место за натамошен транспорт на украинското жито.
Меѓутоа, овие алтернативни транспортни правци се само вонредно решение и се исклучително скапи за Европа, а да не зборуваме за дополнителните трошоци за другите земји увозници, особено во Северна Африка, но и за организациите на ОН.