Дали ЕУ ќе се соочи со недостиг на храна?
19 април 2022Како што продолжува војната во Украина, домаќинствата ширум светот го чувствуваат товарот од зголемените цени на вообичаените прехранбени производи како пченица, масло и шеќер. Црноморскиот регион е „глобална корпа за леб“, а Русија и Украина учествуваа со 29% во глобалниот извоз на пченица, со 19% од извозот на пченка и со 78% од извозот на сончогледово масло.
Сепак, војната го наруши производството на храна и дополнително ги зголеми цените на храната. Русија го забрани извозот на жито, а жетвата во Украина е неизвесна.
Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) истакна дека глобалниот индекс на цените на храната достигнал највисоко ниво во март оваа година, кое е и највисоко од формирањето на ФАО во 1990 година до сега. Во рамките на Европската унија, цените на храната, алкохолот и тутунот се зголемиле за 4,1% во февруари, по растот од 3,5% во јануари.
„Мора да имаме на ум дека вистинската закана за снабдување со храна е во сиромашните земји, и особено во земјите кои се многу зависни од увозот од Украина, како на Блискиот Исток и Северна Африка,“ вели Ариел Брунер, експерт по земјоделие од организацијата Бирдлајф Европа и Централна Азија, која се занимава со зачувување на природата.
„Во Европа е повеќе проблем со инфлација“, вели тој за ДВ. „Може да има проблеми со снабдувањето со житарки, сончогледово масло и неколку други производи, но тоа ќе биде само во блиска иднина и краткорочно,“ вели тој.
Трговска размена со храна на ЕУ со Русија и Украина
ЕУ им беше клучен трговски партнер за различни земјоделско-прехранбени производи и на Русија и на Украина. Според извештај на Европскиот парламент, пред војната ЕУ испраќала 3,7 отсто од својот вкупен извоз на земјоделско-прехранбени производи во Руската Федерација, а околу 1,4% од увозот доаѓал од Русија. Додека ЕУ извезувала соја, зрна какао, маслодајни семиња и мед, од Русија се увезувале маслодајни семиња, пченица, состојки за добиточна храна и ѓубрива за земјоделство.
Во меѓувреме, на Украина отпаѓаше 36% од увозот на житарки во Европската унија и 16% од маслодајните семиња. За возврат, ЕУ во Украина минатата година извезла повеќе од 3 милијарди евра земјоделско-прехранбени производи. Сепак, според Европската комисија, блокот лесно може да ја надмине нестабилноста предизвикана од војната во Украина.
„ЕУ во голема мерка може самостојно да ги задоволи потребите на храна, со огромен суфицит на земјоделско – прехранбени производи, а единствениот пазар на ЕУ може да се очекува дека уште еднаш ќе ја докаже својата способност да апсорбира шокови“, се вели во соопштението на Комисијата. Комисијата објави и извештај на почетокот на април, кој вклучува мерки за помош на земјоделците од ЕУ да го зголемат домашното производство на житарки како пченица, пченка и маслодајни семиња.
Повеќе: Зејтин само на лажиче - се ограничува продажбата на сончогледовото масло во продавниците
Зомер Акерман, млада фармерка и активист за заштита на климата која во моментов е во Финска, за ДВ вели дека ЕУ не треба да стравува од недостаток од храна поради војната.
„ЕУ е нето извозник на земјоделско-прехранбени производи. Сепак, нападот на Путин врз Украина доведе до инфлација во цените на производството на храна. Големо влијание во ова има и растот на цените на енергијата, поради кои имаме поскапи горива потребни за производство и извоз на храна и земјоделски производи“, вели таа. Комисијата претходно веќе предупреди дека високите трошоци за производство може да продолжат да ги зголемуваат цените на храната, што најмногу ќе ги погоди ги најсиромашните заедници во ЕУ.
Акерман нагласи дека безбедноста на храната надвор од ЕУ, исто така е засегната. „Има земји во Северна Африка кои во голема мера се потпираат на увозот од Русија и Украина во однос на обезбедување храна. ЕУ треба да го пренасочи снабдувањето со храна и во овие региони“, вели таа.
Повик за будење за земјоделците?
Војната во Русија ги зголеми и цените на ѓубривата, поради што поскапеа и трошоците во синџирот на снабдување со храна, што ги иритираше земјоделците во многу европски земји. Земјоделците во Грција и Франција веќе одржаа демонстрации барајќи од ЕУ да ги поддржи во справувањето со високите трошоци за ѓубрива, за кои многумина стравуваат дека ќе влијае на производството на храна. Додека Европската комисија најави дека земјоделците ќе добијат повеќе субвенции од ЕУ за да се справат со зголемените трошоци за гориво и ѓубрива, Пека Песонен, генерален секретар на европската лоби групација за фарми Копа – Когеца, за ДВ изјави - „го гледавме овој филм веќе, и пред војната имаше огромно зголемување на цените на ѓубривата, енергијата и цената на трудот“.
Тој додаде дека „е многу тешко дополнителните зголемени трошоци да им се објаснат на другите делови од вредносниот синџир: преработувачката индустрија и трговците на мало“.
Повеќе: Германците трупаат залихи на масло за јадење, храната поскапува
Ариел Брунер од „Бирдлајф“ тврди дека иако е јасно дека фармерите се под притисок, оваа војна ги извади на виделина и проблемите на сегашниот земјоделски систем во ЕУ. „Големата зависност од фосилните горива станува очигледен проблем и некои земјоделци сега исто така почнуваат да сфаќаат дека треба помалку да се потпираат на вештачки азотни ѓубрива и да користат повеќе еколошки земјоделски практики. Тоа исто така ја покажува ранливоста на хиперспецијализацијата, процес во кој многу земјоделците преминаа од мешано земјоделство на одгледување на само еден вид производ“, вели тој за ДВ.
„Многу е јасно дека голем дел од нашиот земјоделски систем е доведен во ќош каде што земјоделците се крајно ранливи, без разлика дали се работи за вакви геополитички пресврти или климатски промени, кои остануваат голема реална закана за производството на храна“.
Со оглед на тоа дека снабдувањето со храна во ЕУ не е под ризик, блокот всушност е заинтересиран да се справува со глобалниот недостиг од храна далеку од неговите граници.
Еврокомесарот за кризен менаџмент, Јанез Ленарчич изјави дека „зголемените цени на храна ќе ги доведат најранливите категории во светот во уште полоша ситуација. Руската инвазија врз Украина го зголеми притисокот врз системите за храна што претставува закана од глад за милиони луѓе низ светот. Сега сме на пресвртна точка и потребна е итна акција“, побара еврокомесарот Ленарчич.