Има ли зрели гласачи да пресудат на „Циркус Медрано“ избори
25 септември 2021Задутре почнува кампањата за претстојните локални избори што ќе се одржат на 17 октомври. Ако по утрото, денот се познава, минатонеделното соочување нa лидерите на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ може да се земе како лакмус проба за тоа каква реторика може да очекуваме од најголемите партии во кампањата.
Поразително е што во дуел наречен „за иднината", ние не чувме никаква визија, ниту идеја за каква иднина се залагаат лидерите.
Во изборот на семантика при дискусијата влегоа зборови како „ниски страсти", „тропате од ракав", „лажете" и сл. Главно лидерот на опозицијата го напаѓаше премиерот, кој не успеа да излезе од дефанзивно расположение.
Отсуството на здрава дебата околу идеи, проекти и дефинирање на рамката која на Македонија треба да и обезбеди вистинска перспектива, е сериозен предизвик во однос на креирање иднина за земјата. Исто како и отсуството на консензус околу стратешките интереси и проекти.
Дуелот веќе беше предмет на анализа во медиумите, па не би одела во детали, но би го опишала само со еден цитат на Еленор Рузвелт: „Големите умови зборуваат за идеи, просечните умови дискутираат настани, малите умови дискутираат луѓе."
Досегашното искуство
Ако се вратиме на локалните избори, досегашното искуство за тек на кампањите, вклучително и за парламентарните избори покажува дека она што клучно недостасува се вредности и идеи.
Партиите се претворија во трговски друштва за вработување и делење на бизниси, а изборите, „Циркус Медрано" паради.
Веќе сум пишувала дека за да има системски промени кон функционално општество, прво нешто што треба да се реформира се политичките партии, а таму најмногу недостасува зрело лидерство со капацитет за реформи.
Искуството вели дека во недостиг на визија и кадри, партиите делегираат популарни ликови кои треба да „лепат" гласови.
Кореографијата на дебатите се сведува на лични напади и креирање афери. Дури аферите и да се цврсто аргументирани и со понудени докази, искуството покажува дека нема ни да дојде до разврска, туку употребната вредност ќе се ограничи на 20-те дена кампања каде е клучен „сценскиот настап".
Друга колумна од Ида Протугер Вељковиќ:Кога системот се темели на лични интереси, наместо општествени вредности
Здрава дебата на идеи тешко е можна ако кандидатите за градоначалници и советници до пред почетокот на кампањата не ни чуле за локален развој, урбанистичко планирање, зелен развој и сл.
Ако отидете на нивните профили на социјалните мрежи ќе видите дека нивниот интерес за општината каде се кандидираат почнува буквално во последните три недели. Тука не мислам дека само некој што е стручен во област тесно поврзана со надлежности во општината, треба да претендира на функција. Напротив, моето гледање на луѓето е холистичко, дека нивните внатрешни ресурси се се она што го поседуваат како знаење, таленти, вештини, искуство, вредности.
Секој може да стекне вештини и знаења во она поле што му е од интерес и „learning by doing" процесот е непроцелниво искуство.
Имам пријателка психијатар која на 45 години почна да се занимава со хоум дизајн. Јас бев новинар, по образование психолог, сега работам како коуч.
Сѐ може да се научи, но ако некој има идеја за некаква додадена вредност во областа од негов интерес. Но тука е проблемот дали кандидираните ликови имаат интерес за развој на општините или за функцијата и моќта која може да се исползува за лични или партиски цели?
Впечатокот е дека кандидатите немаат прво идеја, па да бараат доверба од партијата, туку партијата има идеја во недостиг на идеи да профитира од нивното име, небитно во која сфера го стекнале, и да лови гласови на нечија популарност.
Таквата досегашна пракса сериозно ја поткопува довербата дека вложување на сопствените ресурси ќе се насочи во подигнување на квалитетот на живеење во една општина. Искуството покажува дека личните ресурси се вложуваат во оддолжување кон партијата која го кандидирала и користење на привилегиите од функцијата.
Ако гласачот би имал можност да ѕирне во штабовите на партиите, најверојатно ќе може да чуе „да го ставиме овој на список, проверен наш кадар, сработил многу за партијата" дека е главната референца за позициите каде ќе седнат луѓе кои всушност треба да преземат одговорност со предложените политики а ја креираат иднината на општината или државата.
Друга колумна од Ида Протугер Вељковиќ: Граѓански листи на локалните избори – лакмус за трета опција?
И не само за градоначаници, бидејќи градоначалникот е само менаџер, а вистинската моќ ја има Советот на општината, односно советниците.
Истата пракса важи за избор на кадри за советници, како и за пратеници во парламентот. Тие луѓе кои седат во советите на општините јавноста после денот на изборите веќе никој не ги видел. Како Јети или Неси, за нив може да се чуе дека постојат, но никој не ги видел. Тие понатаму си комуницираат со „базата" која од нив има очекувања за тоа што ги поставиле на тие позиции. Односно, стануваат запчаник плус на клиентелизмот кој го гуши општеството и не носи прогрес.
Таквата кадровска политика и начин на организирање изборни кампањи го понижува и потценува гласачот кој по гаснењето на светлата за крај на кампањата, повторно е ставен на последно место за политичарите, заедно со неговите интереси и потреби. Потоа веќе парадерите стануват ненадлежни за она што е од интерес на јавноста, а проблемите „комплексни".
Но дали е дојдено време граѓаните да дадат зрел и соодветен одговор на таа партиска политика на делегирање „пери-носи" кадри за партиска употреба, а на гласачите да се гледа како на циркуска публика која треба да се воодушеви дека се појавил „зајак во шеширот"?
Како поинаку?
За да се промени нешто, треба да се појават на сцена лидери со визија, одговорност и план за иднината, а не јакнење на сопствената „фирма-партија".
Второ, политичките партии да работат на развој на човечките ресурси. Да привлечат луѓе кои знаат или сакаат да дадат, наместо да земаат. Да се согледаат ресурсите на членовите, нивните преференци не во смисла на функции, туку за промени во општеството.
Граѓаните да ги знаат најмалку шест месеци пред почеток на некои избори преку тоа што тие би ги комуницирале своите вредности и визии за развој на некој сектор. Така гласачите ќе имаат можност да видат како некој потенцијален функционер размислува, кои вредности ги комуницира и каква визија за иднината на некој сектор има. Така може и да донесе зрела одлука.
Парадирање на инстант кадри кои во период од 20 дена кампања ќе се сликаат по препорака на ПР експертите „во семејна атмофера", „со другарите", „на планина", нуди се, само не автентичност и искрена заложба. Се е тоа во корист на сценскиот настап пред гласачите и таргетирање на нивните емоции. Тоа е суштината на тие „циркус Медрано" избори.
Друга колумна од Ида Протугер Вељковиќ: Цвеќињата ќе процветаат и ако законски се укине пролетта
Има нешто што се вика личен бренд кој го градите и го комуницирате со јавност. Вредностите што ги носите и ги комуницирате со јавноста се важен дел од тој личен бренд. На пример, некој вози точак постојано како начин да комуницира вредности како на пример, да не придонесува за загадување на воздухот. И возењето велосипед станува негов личен бренд. Тој личен бренд е најчесто е идентиетот што го комуницираме со јавноста.
Што е тој поавтентичен, тоа поавтентично ќе биде биде прифатен. Што е поголема глумата, поблескава може да биде само претставата.
Ако дебатата ја вратиме кон процеси, а не на личности, ако личностите претставуваат вредности, а не интереси, а ако интересите на гласачите за развој и функционалност станат идеја водилка, можеби и ќе имаме шанса.