1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Итна евакуација на македонските државјани од Кабул

ДТЗ
16 август 2021

Седумдесет и пет македонски граѓани чекаат да бидат евакуирани од Авганистан, по ескалацијата на ситуацијата, првата група од 25 македонски граѓани наскоро ќе полета со авион на американската војска за Катар

https://p.dw.com/p/3z3Ig
Nord-Mazedonien PK Bujar Osmani
Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

По ескалацијата на ситуацијата во Авганистан, откако талибанците ја презедоа контролата врз Кабул, започна итна евакуација на македонските државјани коишто се наоѓаат во земјата. Седумдесет и пет македонски граѓани чекаат да бидат евакуирани од Авганистан. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, информираше дека првата група од 25 македонски граѓани наскоро ќе полета со авион на американската војска за Катар, а уште 25 се регистрирани за некој од следните летови. Третата група од 25 македонски граѓани моментално е во американска база во близина на аеродромот во Кабул. Проценката е дека тие се на безбедно и се на листата на чекање за трансфер до аеродромот и евакуација.

-повеќе на темата: Хаос во Авганистан

Во изминатите 72 часа нагло се влоши безбедносната ситуација во Авганистан. Северна Македонија уште во јули го повлече целиот свој воен, дипломатски и цивилен персонал и државата веќе нема свои претставници таму. Но, има македонски граѓани кои биле работно ангажирани или по некоја приватна основа се затекнале во Авганистан. 

Уште во саботата во МНР е формирана работна група која работи на евакуација на македонски државјани кои се работно ангажирани во Авганистан. Воспоставен е контакт со компаниите од кои се работно ангажирани, испратени се формални барања до сите земји кои имаат присуство во Авганистан за нивна асистенција при евентуални летови за евакуација, за што од голем број земји е потврдно одговорено дека ќе будат земени предвид барања на земјата. Османи информираше дека воспоставил директни контакти со колегите од Турција, Катар, како  и со САД.

-повеќе на темата: С. Македонија ќе ги отвори границите за цивилното население од Авганистан

Министерството за надворешни работи нема информација дека има други македонски граѓани во Авганистан. „Дел од граѓаните заминале за Доха со комерцијални летови пред падот на Кабул, па затоа во прв момент немавме прецизна бројка колку македонски граѓани има во Авганистан“, рече Османи.

Северна Македонија ги информирала САД дека стои на располагање да помогне за да се спасат животите на цивилното население од Авганистан. Северна Македонија е подготвена да обезбеди сместување во хотели и одморалишта, а оперативата и трошоците за време на нивниот престој до обезбедување трајна дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД.  Османи вели дека тоа ќе бидат Авганистанци кои биле вклучени во демократските промени во земјата и работеле во меѓународни организации и агенции.

„Од Обединетите нации побараа да примиме шест лица, главно жени и деца на вработени во канцеларијата на ОН во Кабул и очекуваме тие да стигнат“, рече Османи.