С. Македонија нуди помош за бегалците од Авганистан
16 август 2021Македонските државјани коишто работат во Авганистан се очекува наскоро да пристигнат дома. По влошувањето на безбедноста состојба во Авганистан, таму сѐ уште има околу 100 македонски државјани, кои засега се на безбедни локации. Од Министерството за надворешни работи информираа дека будно се следи ситуацијата и дека некои држави веќе изразиле подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат опфатени и македонските државјани.
Според информациите на МНР, компаниите кои ги ангажираат работниците не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер во Северна Македонија не е спорен. На дежурните телефони во МНР се јавиле неколку граѓани кои имаат роднини или пријатели во Авганистан и се интересирале за состојбата таму, но не побарале асистенција за нивно извлекување.
-повеќе на темата: Талибанците го опколуваат Кабул, западните земји го евакуираат дипломатскиот персонал
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, остварил контакт со турскиот колега Мевљут Чавушоглу од кого добил уверување дека доколку има потреба ќе помогнат при извлегување на македонските државјани од Авганистан.
„Со оглед дека Република Турција има широко дипломатско и логистичко присуство во Кабул, побарав евентуална асистенција доколку се појави потреба за извлекување и на нашите граѓани таму. Добив уверување од колегата Чавушоглу дека нивното присуство во Кабул е стабилно, дека располагаат со доволно логистички капацитет за трансфер на нивните граѓани и дека ќе имаат предвид, доколку се појави потреба, да помогнат и при извлекување на наши граѓани“, објави Османи на Фејсбук.
Страотни слики го обиколија светот
Во меѓувреме страотни слики го обиколија светот. Талибанците освојуваат провинција по провинција. Илјадници Авганистанци избегаа кон главниот град Кабул во надеж дека таму ќе пронајдат сигурно засолниште, но попусто. Во меѓувреме и Кабул е во рацете на талибанците. Преплашени Авганистанци се обидуваат да се качат во авион и да побегнат од хаосот во земјата. Агенциите јавуваат за десетици илјади Авганистанци кои бегаат од Кабул и се обидуваат да го фатат и последниот авион, пред да се затворат аеродромите за сообраќај.
Во меѓувреме повеќе од 60 земји објавија заедничка изјава, во која се вели дека на Авганистанците и странските државјани кои сакаат да ја напуштат земјата мора да им биде дозволено да заминат и дека аеродромите и граничните премини мора да останат отворени. Северна Македонија ги информирала САД дека стои на располагање да помогне за да се спасат животите на цивилното население од Авганистан.
-повеќе на темата: Авганистан: Крај на сонот за извоз на демократија
„Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите“, изјави вчера премиерот Зоран Заев. Со цел да се спасат животите на локалното население, според Заев, земјата е подготвена да преземе и прифати цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на АРМ, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан.
Северна Македонија е подготвена да обезбеди сместување во хотели и одморалишта, а оперативата и трошоците за време на нивниот престој до обезбедување трајна дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД. Поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт, на Твитер им се заблагодари на Албанија, Канада, Косово и Северна Македонија што се согласиле да им дадат засолниште на жените и децата на лидерите на цивилното општество.
Побогатите да покажат солидарност
По вчерашните најави на премиерот Зоран Заев дека Македонија е подготвена да прими цивилно население од Авганистан, лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски на Фејсбук напиша дека власта во Македонија не е способна да обезбеди грижа за сопствените граѓани, не пак за бегалци од трети земји. Мицкоски повика побогатите држави од Македонија да покажат солидарност и да бидат пример за хуманост, а не само „да ја тапкаат Македонија по рамо“.
„Зоран Заев не е способен да обезбеди грижа и заштита за нашите граѓани, не пак тоа да го прави за граѓани од трети земји. Македонија е една од најсиромашните земји во Европа, во ваква една ситуација, добро е да видиме пример на солидарност од побогатите земји од нашата Македонија, со пример да покажат вредности, да прифатат бегалци од Авганистан, а не со тапкање по рамо. После да размислуваме дали и кој ќе го плати“, објави Мицкоски на Фејсбук.
Протест за прифатните центри
Жителите на селото и населбата Бардовци повторно повикуваат на протести против почетокот на изградбата на прифатниот центар за странци во нивна близина. Тие неодамна дознаа дека на само стотина метри од селото ЕУ почна да гради прифатен центар за странци. Жителите бараат од општина Карпош, но и од МВР објаснување за што точно се работи и велат дека се против изградбата на прифатен центар, зашто сметаат дека мирот и сигурноста ќе им се нарушат и бараат за тоа да се организира референдум.
-повеќе на темата: Доста со лицемерието во Авганистан!
Од МВР денеска ги објавија плановите за изградба на нов прифатен центар за странци, кој, според нив, нема никаква врска со мигрантите, бидејќи за таа намена функционираат два транзитните центри во Гевгелија и Табановце. „Прифатниот центар за странци е наменет за привремено задржување на странци во случаи кога се исполнети условите содржани во одредбите на Законот за странци односно за сместување на странци кои не можат да се отстранат од територијата на државата во рок од 24 часа, од кои било причини, па се сместуваат во него во период од неколку дена, додека да се создадат услови да бидат отстранети од земјата“, велат од МВР за МИА.