Каква влада скроија Заев и Гаши по третата средба?
1 декември 2021Постигнат е напредок во преговорите за влез на Алтернатива во Владата. Ваквата вест ја соопшти лидерот на Алтернатива, Африм Гаши по неколкучасовната средба со премиерот Зоран Заев во Клубот на пратеници во Скопје.
„Имаме напредок, следуваат консултации во двете партии“, кусо изјави Гаши по средбата во рамки на разговорите за можно формирање заедничка Влада и заедничко парламентарно мнозинство.
Од Владата, исто така, потврдија дека е констатиран евидентен напредок во усогласувањето на ставовите околу дополнувањето на содржинскиот дел на програмата на Владата, а разменети се и идеи и видувања за споделување на одговорностите на највисоко ниво во институциите на централната власт.
„Разговорите продолжуваат водени од аспирациите за европската агенда на државата и од потребата за испраќање јасни пораки кон граѓаните и кон ЕУ за посветеноста во европеизирањето на Северна Македонија, за унапредувањето на економскиот стандард и квалитетот на живот на граѓаните“, се наведува во соопштението.
Се очекува до крајот на неделава да се остварат внатрепартиските консултации, „со цел да се постигне договор за можна заедничка Влада која ќе се посвети на предизвиците кои доаѓаат од пандемијата и глобалната енергетска криза и која без заддршка ќе ги остварува зацртаните стратешки цели на земјата“. Нема детали дали е постигнат договор за кадровските решенија.
Трета среќа
Ова е трета средба на Заев и Гаши, на која се крои новата влада. Двајцата на претходната средба која се одржа на 29 ноември постигнаа начелна согласност за програмските аспекти од можната соработка и најавија консултации околу кадровските решенија.
Гаши на средбите е придружуван од генералниот секретар на партијата, Беким Сали, кој се споменува како можен предлог на Алтернатива за нов министер за здравство. Премиерот Заев, пак, е придружуван од заменик-министерот за финансии, Димитар Ковачевски, кој денеска се кандидираше за нов лидер на СДСМ. Тој се споменува и како најсериозен кандидат за иден мандатар за состав на нова Влада, откако Заев неодамна го изнесе својот став дека треба ист човек да ги преземе двете функции.
Ковачевски денеска изрази уверување дека Алтернатива ќе направи добар избор и ќе одговори позитивно. „Ние имаме одредба во која сите кандидати ќе го чуваат дигнитетот на членовите и партијата. Ќе се посветам на промоција на мојата програма и комуникација со членовите во партијата. Разговорите ќе продолжат денеска. Оптимист сум, рационален оптимист и работам на решенијата. Длабоко верувам Алтернатива ќе стане дел од мнозинството, тоа ќе претставува стабилна влада“, рече Ковачевски.
Премиерот и лидерот на Алтернатива ги почнаа преговорите на 19 ноември кога ги започнаа разговорите околу можностите за соработка меѓу двете партии, откако Централното претседателство на Алтернатива го овласти Гаши да почне разговори со сите политички актери за излез од политичката криза.
Во меѓувреме Заев најави дека планира да остане премиер додека не ги заврши преговорите со Алтернатива и да се види развојот на настаните со Бугарија. Тој се повлече од лидерската позиција во СДСМ, но најави дека оставката од премиерката позиција ќе ја активира по разрешувањето на овие две состојби.
Погрешен чекор
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Битола оцени дека какво било учество на политичката партија Алтернатива во една ваква влада претставува погрешен чекор, но тоа останува на раководството и лидерот на таа партија.
-повеќе на темата: Колку е опасна најпосакуваната коалиција
„Нашиот став е јасен, оваа влада е најкорумпираната влада во изминатите 30 години и ја закова Македонија на дното според перцепцијата за криминал, односно е на врвот според степенот за криминал и корупција. Нашата држава е 111 и е најкорумпирана во Европа...Какво било учество на политичката партија Алтернатива во една ваква влада претставува погрешен чекор, но тоа останува на раководството и лидерот на таа партија, и јас не сакам да се мешам во работењето на другите политички партии, бидејќи тоа е политички некултурно“, изјави Мицкоски.