Како Заев ја обедини Македонија
27 ноември 2020Пискотници ечат од Паљурци до Слатино, од плоштадот ВМРО број 1 во Скопје до Пиротска номер 5 во Софија... Обединети во своите сличности, сите во еден глас порачуваат: Заев ја пр(о)едаде Македонија. Набрзина се преоблекуваат униформите, се заменуваат шлемовите на војската на Александар со партизански капи „титовки“, на штитовите сјае црвената петокрака наместо шеснаесеткракото сонце, „античките“ воини се преобраќаат во асномци, и обратно.
Едно, благо речено, несмасно интервју на Зоран Заев ја обедини нацијата во нејзината хистерија. Нема што да се брани во тоа интервју освен, можеби, добрата намера на премиерот да пресретне некои бугарски закоравености и да ја одоброволи Софија да попушти во безумниот спор не со Северна Македонија, туку со основните европски вредности и начела на кои почива и Европската унија и целиот демократски свет. Серија непромислени, лошо аргументирани ставови и изјави, придружени со понизност непримерна за премиер на една држава, оставија лош впечаток и чувство на горчина во домашната јавност, и предизвикаа потсмев во околните. Тоа е критиката што заслужено му се упатува на Заев.
Тотемите на хистеријата
Но, во хистеријата која, еве, веќе трет ден ги обзема и медиумите и социјалните мрежи и целиот јавен дискурс, за жал, не остана простор за никаква дискусија- далеку било- некаков глас на разумот. Омразата повторно ги обедини Македонците, како што интересите ги обединија живите структури на УДБА и бугарското КДС (Бечев).
Како што се мразеа и се уште се мразат Албанците, Грците, Бугарите, сега се мрази и Заев. Секој што ќе чепне во нечиј „тотем" се распнува инстантно и без размислување. Оние кои во времето на груевизмот активно се бореа против „антиквизирачките“ митови денес се најгласни во одбрана на сопствените. Оние кои изградија кариери тврдејќи дека „сичките сме един народ“ денес најгласно протестираат и плукаат врз „бугарашите“. Оние кои администрирајќи со транзицијата предизвикаа страдање колку за две светски војни, денес повторно го окупираат јавниот простор јавајќи на бранот на „антифашизмот“.
-повеќе на темата: Заев: Фашизмот нема етничка боја, не заборавајте дека и во Македонија имаше соработници
Од сета врева не сфатив како се минимизира или отфрла антифашистичката борба ако се каже дека бугарските војски заедно со македонските го ослободувале Скопје? Како е загрозен идентитетот на Македонците денес, ако некој каже дека не сите Бугари биле фашисти во 1941, а не се ни денес? Па белким не почива тој идентитет само на негација, само на тоа „што не сме“ како во народните песни, и на стереотипизирање на соседите?
Што е спорно ако во Софија го сметаат Гоце Делчев за Бугарин, а ние го сметаме за македонски револуционер кој се борел за автономна Македонија и си го чествуваме пред гробот во Скопје?
Заев практично го стори невозможното и сега ги собира „честитките“. Она што, за жал, не му успеа, е да ги обедини граѓаните околу една модерна, европска идеја. За тоа е и самиот виновен. Сега има нова шанса за тоа.
Не се сомневам во искрената желба на Заев да го отвори патот кон ЕУ и, како што самиот вели, да ја жртвува својата политичка кариера на тој пат. Но, нема потреба од жртви, ниту од патетика и понижување. Веќе имаше повеќе од три години време, а ќе има и уште некоја, доколку навистина сака да продолжи по европскиот пат, првиот чекор да го направи дома. Никаков компромис со Бугарија, особено во актуелните услови, нема да го олесни тој пат, доколку Заев и неговата влада не почнат сериозно да ја реформираат државата внатре. Почетокот на преговорите со ЕУ не смее повеќе да биде изговор на тој пат, без оглед што многумина денес ќе речат: да имавме капацитет за такви реформи самите, и досега ќе ги направевме.
Никој не може да и помогне на Бугарија
Доколку и декемврискиот самит на ЕУ не донесе решение за проблемот, време е да се остави Бугарија самата да си ги преживува своите „влажни“ историски соништа. Во изминативе 70 и кусур години видовме дека за тоа не и треба голема помош од оваа страна на границата, а секој сигнал на добра волја од Скопје се злоупотребува и враќа како бумеранг од Софија.
Заев, како што тоа му го посочи и министерката за култура Ирена Стефоска, не може да и помогне на Бугарија, бидејќи бугарското општество, како и секое друго, мора самото да се справува со темните страни од своето минато.
Но, Заев може да и помогне на сопствената држава да почне да расчистува некои нејаснотии од подалечното и поблиското минато, така што ќе ги остави упатените и експертите во мирна атмосфера да дискутираат на таа тема.
Ова „симпатично" друштво на опоненти кое деновиве најде нов импетус за сопственото политичко преживување и ривајвал во земјата, му дава на Заев голема шанса, доколку преживее политички, да се постави директно против нив и на тој фон да ја води проевропската политика. Тоа е идеалниот антипод на се она што претставува отворена, инклузивна политика.
Затоа што хистеријата и омразата кои тие ги шират се испразнети од било каква содржина и суштина и не можат да опстојат во актуелните геополитички и интеграциски процеси во регионот. Тие се осудени на пораз. Но, тој пораз не смее да дојде низ „груевистички“ процес од типот на „последната пресметка со остатоците од транзицијата“ како во 2009, туку токму низ отворена, издржана, демократска размена на мислења. Доколку тоа успее, ќе имаме навистина европска Македонија.
А дали Заев ќе успее да се извлече како победник, ќе зависи само од него... и од тоа колку интервјуа и изјави ќе избегне во следниот период.