Притисокот во котелот на крајот беше преголем. Инфлацијата, која сè повеќе навлегуваше во еврозоната, сепак не беше „привремен феномен“, како што од почетокот на годината повторуваат чуварите на валутата во кулите на Европската централна банка (ЕЦБ) на истокот на Франкфурт. Не, зголемувањето на ценитена енергијата и храната, кои сè повеќе ја оптоваруваат индустријата и потрошувачите, стана опасност - за економијата, економскиот раст и општеството во целина.
Владите ширум Европа се обидуваат да преземат контрамерки. Берлин, на пример, реагира со доплата за енергија за секое домаќинство, попуст за гориво и билет од девет евра за локалниот превоз. Но, единствените кои навистина можат да направат нешто за да го запрат растот на цените се централните банкари. Само тие можат да ја одвртат каматната завртка. И само кога каматите ќе се зголемат, постои надеж дека цените ќе престанат да растат. Тоа е вообичаеното решение - освен во Анкара, но тоа е друга приказна. Таму семоќниот претседател смета дека високите камати се виновни за поскапувањето.
Одлуката на Управниот совет на Европската централна банка меѓутоа изгледа чудно. По единаесет години каматните стапки повторно ќе се зголемат. И, иако централните банкари, на чело со Кристин Лагард, неколкупати во последните недели ги подготвуваа пазарите за тоа, тие ја пропуштија можноста да го сторат тоа овој четврток и ја одложија за следниот состанок, закажан за 21 јули. Изгубено време!
Зошто да се губи време?
Изгубено, зашто со секоја недела која изминува се зацврстуваат очекувањата на потрошувачите дека цените и натаму ќе растат. „Секој кој флертува со инфлацијата, со неа и ќе се венча“, има изјавено еден поранешен претседател на Бундесбанката во 1970-тите. Со други зборови, растот на цените е двигател на инфлацијата. Сега синдикатите во одреден момент ќе треба да бараат значително повисоки плати, што ќе резултира со повисоки цени. Оваа таканаречена „спирала цени-плати“ може да се забави само со големи маки и тешкотии. Оттука, потегот што го најави ЕЦБ е исправен, но може да дојде предоцна и да не биде доволен.
Се разбира, берзата веднаш реагираше со пад на курсевите, за тоа беше доволна и самата објава. Јасно е дека зависникот, ако му ја одземеш дрогата, ќе реагира доста бурно. Во овој случај, „дрогата“ е купувањето на сите видови обврзници, што ЕЦБ го прави прекумерно со години, за да ги поддржи пазарите и на задна врата да уфрли свежи пари. Според проценките на економските истражувачи од манхајмскиот Центар за европски економски истражувања (ЗЕВ), Европската централна банка на тоа потрошила огромни 4,4 билиони евра.
Не се потребни нови програми за помош
Дилемата со која се соочуваат монетарните власти е секогаш изборот помеѓу чума и колера. Со повисоки каматни стапки го забавуваат растот на цените, но во исто време, доколку тоа го направат премногу енергично, ризикуваат да ја уништат малата и нежна билка на економски раст по корона-пандемијата. И уште една работа: повисоките каматни стапки ги отежнуваат работите за оние земји кои треба да се справат со тежок должнички товар (да ги земеме само Грција и Италија како пример). Тие можеа да живеат добро со политика на нулта каматна стапка, бидејќи задолжувањето беше евтино.
Не мал број фирми се исто така високо задолжени и би можеле да бидат „однесени“ од бранот камати што наскоро ќе стартува. Тоа го најави Кристин Лагард овој четврток (9.06): зголемувањето на каматните стапки во јули ќе биде само почеток. Уште едно, поголемо, би можело да следи во септември.
Тоа значи и дека правилата за задолжување што си ги постави Европската унија (само за постојано да ги прекршува или става вон сила, како во моментов), треба да се вратат во сила што е можно поскоро. Во моментов нема потреба од огромни програми за стимулирање на економскиот раст, бидејќи прво е потребно разумно да се инвестираат средства од постоечките пакети помош воведени поради короната. На крајот на краиштата, и таквите масивни програми за помош се - двигатели на инфлацијата.