1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Кога ќе заврши Ковид-пандемијата?

Стефани Хепнер
22 мај 2021

Многу луѓе копнеат по концерти, полни кафеани и живот без маски, брзи тестови и страв од зараза. Кога ќе заврши корона-пандемијата? 

https://p.dw.com/p/3thYD
Symbolbild Absacker
Фотографија: picture alliance/dpa/S. Schuldt

Корона-пандемијата покажува две лица: Во Нов Зеланд го гледаме она по кое веќе речиси сите копнеат – земјата на своите жители им дозволува да водат нормален живот. И не само тоа, слики од рок-концерт во главниот град Велингтон кружат низ светот. Десетина илјади луѓе стојат заедно и ги пеат своите омилени хитови – без маска и без дистанца. 

Од друга страна сликите од земји како Индија, покажуваат колку е и натаму разорен вирусот. Здравствениот систем колабираше како последица на вториот бран, има недостаток на кислород, а трупови пловат во реката Ганг. Бројот на смртни случаи од корона го достигна врвот во средата (19.05) – 4500 лица починале како последица од Ковид-19. Во ниту една друга земја до сега немало регистрирано толку починати во еден ден, а со оглед на бројните непријавени случаи темната бројка е веројатно уште поголема. 

Експертите будат надеж – не само во Германија 

Повеќе од една година се дискутира за тоа кога конечно ќе заврши пандемијата. Одговорите досега беа од нејасни до отрезнувачки, но сега тоа се менува, не само благодарение на водечките германски виролози и здравствени експерти кои веќе зборуваат за „добро лето“ што кај многу луѓе ја разбуди надежта дека доаѓа крајот на пандемијата. Седумневната инциденца во Германија на 100.000 жители според Институтот Роберт Кох падна под 100, а истовремено се зголемува бројот на вакцинирани. Се наѕира ли крајот? 

И експертите во САД се оптимисти. Епидемиологот Џастин Леслер од Џон Хопкинс Универзитетот за „Вашингтон Пост“ вели дека се чини оти „вакцината ќе победи“. Вирологот Ентони С. Фаучи кој е и советник во Белата куќа, со сличен став за „Вашингтон пост“: „Ковид-19 како пандемија ќе заврши.“ Ако до есен се вакцинираат 70% од населението во САД тогаш „ќе се излезе од фазата на епидемија и ќе се влезе во фаза на ставање на вирусот под контрола,“ смета Фаучи. 

Повеќе:

Студија: Колку полесна Ковид-инфекција, толку поограничен имунитет

Ковид: По третиот бран, европско лето со колективен имунитет?

Вакциниран и заразен – што ми се случи по вакцинирањето со Спутник V 

И покрај тоа што овие зборови веројатно може да бидат причина за оптимизам во многу западни земји, цела ситуација не е така едноставна. Кога и дали оваа пандемија ќе заврши зависи од многу фактори, а на некои од нив е тешко да се влијае. 

Се зголемува процентот потребен за постигнување имунитет на стадо 

Научниците прво сметаа дека е потребно 60% до 70% од населението да има имунитет на вирусот за да се постигне имунитет на стадо. Тогашната претпоставка гласеше: ако околу 66% се веќе имуни на вирусот поради прележаната болест или вакцина, Р факторот на пренесување на заразата паѓа под 1. Статистички гледано, во таков случај еден заразен би заразил помалку од едно лице со што пандемијата би завршила. 

Патување во ЕУ

Но, сега се претпоставува дека корона вирусот е сепак позаразен отколку што претходно се проценуваше. Научниците поради тоа сега сметаат оти е потребно 80% од населението да стекне имунитет, како прележани или со вакцина, за да се победи пандемијата. Во одредени ситуации – како на пример случајот со ширење на заразата за време на карневалската средба во германскиот град Хајнсберг – имунитетот на стадо мора да биде и поголем за да се спречи ширење на вирусот во услови на гужва, играње и гласно пеење, смета германската новинарка Маи Ти Нгиен-Ким која е експерт за оваа тематика. 

Мутантите доаѓаат 

Новите варијанти на коронавирусот од Велика Британија, Јужна Африка, Бразил и Индија предизвикаа дополнителна неизвесност и загриженост, бидејќи според експертите тие се пренесуваат за 30% побрзо од првобитниот вирус. Проценките се дека речиси 90% од луѓето мора да бидат вакцинирани за да се достигне имунитет на стадо. Покрај тоа ефикасноста на вакцините може да е намалена, посебно кога е во прашање јужноафриканската варијанта. Векторските вакцини, како што е АстраЗенека покажуваат од 10% до 57% ефикасност во однос на оваа мутација, додека другите вакцини како на пример мРНК вакцината на Бионтек даваат малку подобра заштита. Се уште не е до крај јасно и колку вакцинацијата помага против пренесувањето на заразата. Досега резултатите на производителите покажуваат намалување на пренесувањето на вирусот од страна на вакцинирани лица за 67% до 94% во зависност од вакцината.

Се зголемува квотата на вакцинирани лица, но до кога?

Квотата на вакцинирани лица на дневна основа расте во многу земји, во Германија на пример според информации на платформата за податоци „Our World in Data" се даваат околу 37 вакцини на 100 лица. Во Израел, една од земјите кои предничат со квотата на вакцинирани, се 60 вакцини на 100 лица. Прашање е дали во наредните месеци ќе може да се дојде до 80 проценти вакцинирани лица. Проблемот е што дури и да има доволно вакцини ќе има се повеќе луѓе кои не сакаат да се вакцинираат. Меѓу нив се и лица за кои СЗО актуелно не препорачува вакцинација, како на пример бремени жени, деца или пак лица кои би можеле да покажат алергиска реакција на вакцината. 

Нема секој желба да се вакцинира 

Во САД се покажа дека кампањата за вакцинација може и во еден момент да се успори. Имено, бројот на дневно дадените дози од средината на април годинава се повеќе се намалува. Околу осум проценти од вакцинираните не се појавиле за втората доза. Некои сојузни држави затоа нудат награди, како на пример учество во лотарии, слободен влез во музеи или храна и пијалоци. И во Израел бројот на вакцинирани од март наваму веќе не бележи толку голем раст. 

Истото може да се случи и на други места. Во Германија на пример според студијата Ковимо на Институтот Роберт Кох подготвеноста за вакцинирање зависи во голема мера и од тоа која вакцина е понудена.

Расположението е значително поголемо за мРНК вакцини како онаа на Бионтек/Фајзери Модерна отколку за Астра Зенека. Колку постари се луѓето, толку поголема е подготвеноста за вакцинација. Тоа може да значи дека квотата на вакцинирани кај помладите лица може да биде помала и да стагнира севкупниот број на вакцинирани. Згора на тоа, постои и можност да има потреба од освежување на вакцинацијата. Медицинскиот екперт на Социјалдемократите, Карл Лаутербах, наведува дека имунитетот по прележана инфекција постои до шест месеци.

По пандемијата е пред ендемската појава 

И покрај сите лоши вести, сепак експертите сметаат дека ќе има еден вид олеснување и дека вирусот ќе стане ендемски. Тоа значи дека ќе се претопи во сезонските настинки и веројатно ќе стане детска болест, ако до тогаш не се вакцинираат и децата. Додека да се случи тоа ќе мора да имаме уште малку трпение. Вирологот од берлинската болница Шарите, Кристијан Дростен, претпоставува дека тоа ќе се случи за околу една ипол година.