1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакциниран и заразен – искуства со „Спутник V“

Сергеј Сатановски
30 јануари 2021

Дописникот на ДВ Сергеј Сатановски доброволно учествуваше во тестирањето на руската вакцина „Спутник V“. По двете примени дози, бил во посета кај бабата и имал контакт со коронавирус, не без последици. 

https://p.dw.com/p/3oaxm
Russland | Coronavirus | Impfung
Фотографија: Sergej Satanowski/DW

Паралелно со вакцинацијата, во Русија се спроведува и третата тест фаза на вакцината „Спутник V“. Меѓу доброволците кои се пријавија за тестирање на вакцината беше и дописникот на ДВ, Сергеј Сатановски кој во декември пишуваше за неговото искуство по првата и втората примена доза од вакцината. Тестовите за вакцината „Спутник V“ официјално ќе бидат завршени дури во мај оваа година. Но, Сатановски решил да се информира за успехот на своето учество во клиничката студија и да направи тест за присуство на антитела против Ковид 19.

Уште пред тестот за антитела се чувствував добро, двете дози примени вакцини ги поминав без поголеми нуспојави. Затоа на Нова година решив да отпатувам кај мојата 74-годишна баба во близина на Санкт Петербург. Иако немав никакви симптоми, сепак на денот на патувањето направив ПЦР тест. Резултатот беше негативен.

Природен лек против Ковид-19?

Баба ми пред една година се пресели од Санкт Петербург на село и од тогаш го избегнува големиот град поради пандемијата. Еднаш неделно оди на пазарење во поголемото поблиско место со 17.000 жители. Но, ни на 300 километри од Санкт Петербург таа не беше поштедена од коронавирусот. 

Повеќе на темата:

Лична приказна 2. дел : Како ја поднесов втората доза на Спутник 5

Лична приказна: Моето искуство со Спутник 5, руската вакцина против Ковид-19

Дали Русија ги манипулирала податоците за вакцината „Спутник”?

На новогодишната ноќ почна да кашла, продолжи и утредента. На почеток не помисливме на коронавирусот, мислевме деека настинала поради минусните температури. На 3 јануари отидов во Санкт Петербург и вечерта веќе кренав температура 37,4, а имав болки во грлото. И баба ми на село имаше слични симптоми. Кај мене исчезнаа за два дена, но баба ми на третиот ден качи температура и чуствуваше голема омалаксаност. Се јави на лекар кој дојде да и направи ПЦР тест. Резултатот позитивен. Немаше потреба од хоспитализација, но текот на болеста и беше навистина тежок – три недели температура, омалаксаност и покачен притисок. Од друга страна пак мојот ПЦР тест беше повторно негативен. 

Висок број на антитела

Вадим Линјев, раководител на лабораторијата во болницата Шадкевич, каде што бев вакциниран, вели дека реакцијата на вакцинирано лице на патогенот зависи од тоа на колкава количина вирус е изложено. Ако сте во контакт со лице со лесна клиничка слика, веројатно нема да има никаква реакција. Но, ако се соочите со голема количина на вирусот тогаш, доколку сте вакциниран, болеста ќе има поблага форма. Во мојот случај се случи изгледа токму тоа: кај баба ми бев конфронтиран со голема количина на вирус, но благодарение на антителата текот на заболувањето беше благ. На баба ми ѝ беше полошо, но во меѓувреме и таа доби негативен тест и повторно закрепнува.

Неколку дена по враќањето од Санкт Петербург повторно ми беше направен тест за антитела. 

Резултатот го добив веќе следниот ден: 310 единици на милилитар крв. Одличен резултат во споредба со она што го споделуваа другите во групата, си помислив. Тоа ми го потврди и Димитри Денисов, директор на лабораторијата Хеликс во Москва. „Имате прилично високо ниво на антитела во споредба со останатите вакцинирани или луѓе што прележале корона“, ми рече тој. Непобитно е дека констатираните антитела се резултат на вакцината. По заболувањето до моментот на тестирање не можеле да се создадат толку брзо, уште помалку во толкава количина.

Спречува ли вакцината да се разболите од Ковид? 

Денисов вели дека имунолошкиот одговор на вакцината може да се разликува кај секој поединец поради личните карактеристики на секој организам. „Имунолошкиот одговор на секое тело зависи од многу фактори: од коморбидитети, неодамнешни инфекции, начин на исхрана и личниот развој,“ објаснува директорот на лабораторијата Хеликс. 

Дали волку многу антитела колку што имам јас може да гарантираат стопроцентна заштита од корона, сепак не може да се каже со сигурност. „Ова првенствено се должи на фактот што вакцинирањето само што започна низ светот, а фазата на клиничките студии е сведена на минимум,“ појаснува Денисов.