1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конечно еден бегалец кој е добредојден кај Орбан

БГ
15 ноември 2018

Медиумите на германски јазик претежно пренесуваат агенциски извештаи за бегството на поранешниот македонски премиер Никола Груевски во Унгарија. Клучната дилема гласи: како стигна Груевски без пасош кај Орбан?

https://p.dw.com/p/38Hyz
Mazedoenien, Skopje: Nicola Gruevski und Viktor Orban
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Груевски доби политичка заштита од Виктор Орбан кој во него гледа духовен брат“, пишува швајцарскиот Ноје цирхер цајтунг во текстот под наслов „Конечно еден бегалец кој е добредојден во Унгарија“.

„Дали, како што шпекулираат медиумите, Орбан му понудил заштита уште во септември 2017, ќе покаже постапката за азил. Но самото тоа не оправдува заштита за Груевски, затоа што Будимпешта ја смета Македонија за земја со сигурно потекло“.

„Останува мистерија како Груевски поднел барање за азил без пасош: надвор од транзитните зони на границата смеат да се движат само имигранти со важечки патни исправи. Но Унгарија ја интерпретира својата тврда доселеничка политика и флексибилно понекогаш - кога касата се полни. Па така, повеќе десетици илјади богати странци добија 'златни визи'. Оттука и Груевски би можел да се надева на ВИП третман“, пишува НЦЦ.

Швајцарскиот весник го анализира и бегството на Груевски од Македонија:

„Сомнителни се околностите на неговото бегство: Груевски успеа да избега и покрај очигледната опасност дека тоа ќе го стори. Можно е да бил предупреден - или Владата била среќна поради заминувањето на штетникот. Во кавгата околу компромисот за името со Грција, таа е под голем притисок, а Груевски е гласноговорник на опозицијата“.

Зиддојче цајтунг во текстот со наслов „Под закрилата на Орбан“ ги анализира можните последици за унгарскиот премиер поради приемот на Груевски.
„Оваа полит-криминална приказна го става Орбан во тесно. Доколку Унгарија му даде азил на осуденикот, тоа веројатно дополнително ќе ги растревожи европските партнери, кои и онака веќе долго гледаат опасност за владеењето на правото во земјата. Доколку му биде одбиен азилот, ќе замириса на предавство во десничарскиот камп. Уште поважно, и рускиот претседател Владимир Путин би можел да се вознемири, затоа што тој изгради силни врски со Груевски за време на неговото владеење.  Бегството е последната етапа од длабокиот пад на Груевски откако ја загуби власта. Со бегството тој предизвика уште една тешка државна криза“, пишува Зиддојче цајтунг.