1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коронавирусот може да му се удри од глава на Доналд Трамп

БГ /АП
13 март 2020

Американскиот претседател е соочен со една од најтешките закани за неговата политичка кариера поради пандемијата на коронавирусот. Лошиот менаџмент на кризата и ударот врз економијата можат да го загрозат.

https://p.dw.com/p/3ZKjT
US-Präsident Trump spricht über die Reaktion der USA auf die COVID-19-Coronavirus-Pandemie
Фотографија: Reuters/D. Mills

Американските берзи кои Трамп ги претставуваше како пример за неговата успешна политика паднаа на историски ниско ниво само еден ден откако тој се обиде да ги смири стравовите на Американците со ветување за економски стимул и 30 дневна патувачка забрана за европејците.

Некои републиканци се загрижени дека тоа е премалку и предоцна за администрацијата која со недели го минимизираше ризикот од Ковид-19,коронавирусот од кој досега починаа најмалку 39 Американци.

„Минимизирањето и политизирањето на вирусот од страна на претседателот ќе го наруши неговиот кредибилитет и ќе ги натера луѓето да се сомневаат во подготвеноста на администрацијата се до денот додека заканата не помине“, вели Мајк Духајм, републикански стратег.

„Најголемата сила на претседателот беше економијата. Доколку берзите продолжат да паѓаат, а обичните луѓе да страдаат финансиски, тоа ќе му биде политички проблем“.

Минатиот месец Трамп триумфално најави победа во битката за импичмент во Сенатот и се чинеше подготвен да го јавне бранот на добрата економија соочен со демократските кандидати кои беа поделени во однос на нивниот кандидат за претседател. Но нештата брзо се сменија. Демократите се обединуваат околу Џо Бајден, а тој деновиве ја искористи шансата да ја критикува администрацијата на Трамп поради справувањето со кризата со коронавирусот.

„Поради би бил Џо Бајден одошто Трамп во моментов“, вели републиканец близок до Белата Куќа. „До пред еден месец Трамп мислеше дека ќе се соочи со Берни Сандерс засилен со растечка економија и раст во анкетите по импичментот. Коронавирусот не може да има позитивно влијание“.

Од кампањата на Трамп ја бранат политиката на претседателот и го обвинуваат Бајден дека се обидува „политички да профитира и да ги плаши граѓаните“.

Растечката опасност од коронавирусот во четвртокот (12.03) го натера Трамп да го смени курсот и да ги запре своите големи митинзи.

„Безбедноста, сигурноста и здравјето на американскиот народ е главен приоритет на претседателот Трамп сега“, соопштија од неговата кампања.

Друг републикански стратег вели дека справувањето со коронавирусот му предизвикува штета на Трамп сега, но дека е премногу рано да се прават долгорочни политички проценки. Последните анкети покажуваат дека 55% не го поддржуваат Трамп, додека 40% и даваат поддршка на неговата политика, што е на линија со претходните истражувања.