1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Човекот што залудно викаше „Волк!“

БГ/ ДПА
17 март 2020

Роберто Буриони звучеше како момчето кое залудно опоменуваше од волкот со неговите предупредувања за ефектите на коронавирусот- се додека неговата земја не сфати колкава е навистина опасноста.

https://p.dw.com/p/3ZY9w
Roberto Burioni -  Italienischer Virologe aus Mailand
Фотографија: picture-alliance/SPOT

Во Италија, Роберто Буриони беше еден од првите научници кои го вклучија алармот за епидемијата на коронавирусот, но неговите пораки никој не сакаше да ги слуша. Сега, тој ја опоменува цела Европа да не ја прави истата грешка.
„Не ја потценувајте опасноста. Италија го правеше тоа една недела, некои луѓе го нарекуваа само грип, а еден доктор многу неприкладно соопшти дека ќе исчезне за неколку недели“, вели Буриони во интервју за агенцијата ДПА. Овој 57-годишен професор по микробиологија и вирологија на Универзитетот во Милано е најпознатиот италијански виролог.

„За жал, уште од времињата на Јулиј Цезар, луѓето сакаат да веруваат во она што сакаат да се случи“, вели тој.

Откако и Шпанија, Франција и Австрија тргнаа по патот на Италија во смисла на драстичните мерки за ограничување на вирусот, Буриони вели дека е време цела Европа да го стори тоа.

Infografik Corona Infektionen im Vergleich EN
Споредба на бројот на заболени од коронавирус во Италија, Шпанија, Германија и Франција

„Многу е важно Европа да покаже единство. Потребен ни е заеднички пристап, ова е време во кое мора да делуваме заедно. Во спротивно, која е поентата на ЕУ?“, се прашува тој.

Без остри мерки за ограничување на вирусот една земја може успешно да се справи со вирусот, но потоа повторно да биде заразена од соседите, вели професорот. „Потребен е максимален напор низ цела Европа“.

Буриони се согласува со проценката на германската канцеларка Ангела Меркел дека до 70 проценти од германското население може да биде инфицирано.
„Запомнете, ова е нов вирус за кој не постои имунитет“, вели тој.
Тој е запрепастен од одлуката на Британија да дозволи ширење на вирусот меѓу населението, заштитувајќи ги само најранливите категории.
„Тоа е несфатливо за мене. Да се зборува за имунитет на стадо, кога нема вакцина и не знаеме дали оние кои се заболени и оздравуваат добиваат имунитет, е запрепастувачки“.
Буриони не очекува дека топлото пролетно или летно време би можеле да го уништат вирусот.

Невидена Венеција

Со речиси 28 илјади заразени и над 2.000 жртви од вирусот, Италија досега пријави и најголема стапка на смртност која достигнува 7 проценти, за разлика од просекот кој се движи меѓу 3 и 4 отсто во другите држави. Буриони вели дека тоа се должи на фактот што Италија има повеќе постари лица и социјално поактивно население, но и на тоа што не се пребројуваат сите случаи на инфицирани.

Тој ја потенцира потребата од почитување на ограничувањата, па дури и повеќе од тоа. Џогирањето во природа, иако не е стриктно забрането, „баш и не е неопходно во моментов“. И тој самиот презема дополнителни мерки:
„Доколку видам некого на тротоарот, преминувам на другата страна. Одржувам најмалку два метри растојание од другите. Не користам јавен транспорт.“ Но, иако италијанските власти препорачуваат и ограничен личен контакт, дури и со членовите на семејството, Буриони вели дека прегратките во домашни услови се во ред.
„Ајде да не претеруваме“, вели тој.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи