1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Рекорден број жртви во Италија

БГ/ ДПА
15 март 2020

Во Италија денеска беше евидентиран најголемиот број жртви од коронавирусот во едно деноноќие. Германија одлучи повторно да воведе контроли на границите кон пет соседни држави. Србија прогласи вонредна состојба.

https://p.dw.com/p/3ZTcF
Grenzschließung Polen Deutschland Slubice Coronakrise
Фотографија: DW/W. Szymanski

Бројот на жртви од Ковид-19 во Италија во изминативе 24 часа порасна за 368 лица на вкупно 1.809 жртви од почетокот на пандемијата. Властите предупредуваат дека полека се јавува недостаток од болнички легла и механички машини за дишење.

Ватикан денеска ги откажа велигденските прослави кои требаше да започнат на 5 април. Гувернерот на регионот Ломбардија Атилио Фонтана вели дека состојбата во неговиот регион се влошува. 

Повеќе на темата: 

- Германија: Неограничен кредит за фирмите поради коронавирусот

„Блиску сме до точката по која повеќе нема да бидете во состојба да реанимираме пациенти затоа што ќе немаме болнички легла“, вели Фонтана. Во Ломбардија во моментов има 13.272 евидентирани инфекции, а 767 лица се на интензивна нега.
„Ни требаат тие машини кои докторите ги користат за вентилирање на белите дробови, вештачки респиратори кои за жал не можеме да ги најдеме“, вели Фонтана.

Во Милано и во околните градови недостасуваат и заштитни маски, но благодарение на помошта од Кина и од Европската комисија, се очекуваат над 5 милиони маски да пристигнат во земјата.

Премиерот Ѓузепе Конте вели дека се преземаат сите мерки за олеснување на состојбата. Владата планира нови кризни мерки со кои ќе им овозможува на родителите да останат дома и да земаат плата, како и помош за самовработените. Се планира и суспензија на исплатата на рати за хипотеки на домовите кон банките. 

Повеќе на темата: 

- Коронавирус: Заштитете ги постарите

Во поголемиот дел од Европа се воведуваат карантини, се затвораат граници и објекти. Во Шпанија во карантин се четири области во регионот на Каталонија, а во Австрија две во Тирол. 
*Во Србија вечерва, претседателот Александар Вучиќ прогласи вонредна состојба со цел да се стави крај на ширењето на коронавирусот. Во Србија досега има 48 заболени од вирусот. Вучиќ апелираше до сите граѓаните да останат во своите домови. 

Германија денеска воведе контроли на своите граници кон Франција, Австрија, Данска, Луксембург и Швајцарија. Со тоа де-факто се суспендира Шенген системот. Патниците ќе се пропуштаат на границите, но притоа ќе бидат контролирани. Во Германија досега има 4.838 заболени од коронавирус и 12 жртви.
„Коронавирусот се шири брзо и агресивно и се уште не го достигнал врвот“, изјави денеска министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер.

 

*Овој текст е ажуриран во 20:21 часот на 15.03.2020