1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уверени дека мора да биде така

22 септември 2018

ДВ-новинарките Елона Елези од Тирана и Сања Кљајиќ од Нови Сад заеднички го обиколија југот на Србија и северот на Косово и разговараа со стотици луѓе. Како впечатоци остануваат поделените места и општества, пишуваат тие

https://p.dw.com/p/35ILw
Serbien Reportage aus dem Preševo-Tal
Фотографија: DW/J. Đukić-Pejić

Сања Кљајиќ: Народот се прилагодува - како кукли на навивање

„Чувај се“, „Биди внимателна“, „Води сметка“ - ми велеа пријателите и семејството пред заминувањето на југ. Нема причина за загриженост, им повторував упорно. Што може да биде толку поинакво на само неколку стотини километри оддалеченост од Војводина? Како што се покажа - сѐ, освен луѓето. Поинаква е културата, поинакво е воспитанието, поинакви се јазиците. Само луѓето се исти - мали, балкански, тажни, измачени.

Веќе на влезот во Прешево беше јасно дека тоа нема многу врска со Србија. Таму српскиот јазик може да се најде само уште на службените табли, кладилниците и на некои стари занаетчки работилници, чии имиња останале испишани на двата јазика уште од југословенско време. Во бутиците долги фустани и шамии, од кафулињата - албански фолк. Во пекарница се обидувам да прашам дали бурекот е со сирење или со месо, но девојката ме гледа збунето. „Со сирење“, дофрла еден човек од редот, а јас се заблагодарувам љубезно. Елона ми помага да се разберам додека плаќам.

Сфаќам колку ништо не знам за животот таму кога во продавница хигиенските влошки ми ги пакуваат во весник за светот да не види што грешно сум купила. Во Војводина такво нешто не сум видела со години и мислев дека сме го достигнале барем тоа ниво на еманципација. Не, а тоа ми станува јасно и кога во кафулињата гледам дека седат само мажи. Тоа го сфаќам и кога не можеме да најдеме ниту една жена за анкета.

Општества поделени по род, општества поделени по вера, општества поделени по јазик, општества поделени поради историјата. Во Прешевската долина, велат, албанските села се на западот, кон Косово, а српските села на истокот, кон Србија. Нема граница, но ни покажуваат мапи на кои таква граница постои.

Нема граница ниту во Митровица, но мостот преку Ибар е како сениште од кое сите бегаат. Зошто би се мешале, велат, што ќе им е тоа, зошто да си прават проблеми. Политичарите еден ден договараат интеграција, а другиот веќе ги откажуваат состаноците. А народот се прилагодува - ту кон хармонија, ту кон судир, како кукли на навивање.

А на двете страни - исти, познати, измачени лица од судири, од политика. Само посакуваат решение. Кај едните еуфорија поради најавите дека би можеле да се припојат кон Косово, кај другите - што би можеле да се откачат од Косово. Што ќе им донесе тоа? Велат - подобар живот. Среќа, здравје, дури и љубов, вели една постара госпоѓа. Еднакво се горди на своите лидери.

На двете страни - измачени од сиромаштија. Во Славујевац, српско село на границата со Македонија, една жена среќно вели дека сега има сѐ, а изградила само сопче за децата. Во Прешево велат дека има работа, луѓето работат во училишата, во општината. Веројатно е тешко и да се сонува и фантазира кога животот во политичката ајдучија те убедил дека не може поинаку.

Sanja Kljajic und Elona Elezi
Сања Кљајиќ и Елона Елези Фотографија: DW

Елона Елези: Луѓе уморни од политика и барикади

Патот од Косово во соседната Прешевска долина води по обиколница - 140 километри, низ Македонија. Тоа е првото што го сфатив кога го планирав своето прво патување во српската општина, каде огромното мнозинство го сочинуваат Албанци. Причината беше едноставна. Во Прешево не смеев да патувам низ граничното место Гњилане, зашто Србија не го признава Косово како држава и неговите граници не ги смета за легални. Така и моето преминување на границата таму би се сметало за илегално.

На српско-македонската граница прв предизвик беше полицаецот чие лице се намурти кога го виде мојот албански пасош. Прво праша каде сакам да одам, а потоа следуваа и други прашања: со кого ќе се среќавам, што ќе правам таму. Реков дека ќе се сретнам со колешката од Нови Сад. Изгледа најмногу го збуни фактот што една албанска државјанка патува во Прешевската долина за таму да се сретне со една државјанка на Србија.

Таму бев за да известувам. Стануваше збор за врвот на расправата за размена на територии или корекција на границата меѓу Косово и Србија. Тие денови не беше јасно за што воопшто разговарале владите. Можеби сѐ уште е така...

Од сите станици кои колешката Сања Кљајиќ и јас ги посетивме, разговарајќи со стотици луѓе и водејќи безброј интервјуа, градот Прешево и мостот во Митровица на Косово беа највпечатливи.

Прешево - затоа што тоа е град кој е паднат во заборав, а се надева дека еден ден ќе биде припоен кон Косово. Меѓу многуте идеалисти и сонувачи, сретнав и еден кој размислува поинаку. Валон Арифи е активист за човекови права и не верува дека државите кои се разграничуваат по етничка основа можат да бидат успешни. Различните народи во една држава претставуваат богатство на таа земја, дури и ако меѓусебно се искарани, вели тој.

Во Прешево сретнав многумина кои се чудеа зошто нарачувам на албански, а Сања на српски. Еден ден тоа ѝ падна в очи на ќерката на една продавачка во самопослуга. „Мамо, гледај“, рече зачуденото девојче, „едната зборува албански, а другата српски, а една со друга разговараат на англиски“. Нејзиното чудење ми остана во сеќавање.

На северот на Косово видов два света разделени со еден мост. Кога од јужниот дел на Митровица се преминува во северниот, се гледа дека тука зборот „граница“ може да има и најголемо, и најмало значење.

Преминувањето на мостот значи премин меѓу две тотално различни култури, два менталитета и два јазика. Но, тие овде веќе со години живеат заедно, иако политиката ги поделила во два екстрема. Луѓето овде, посебно помладите генерации, се уморни од политика, од мостови, барикади, дебати кои ги нарекуваат бескорисни, од облаци чад од кои никогаш не се појавува некакво решение.