1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија спушти Железна завеса за вакцините

5 февруари 2021

Сега, бидејќи решивме дека ја носиме „Европа дома“, веројатно треба да ги прифатиме и европските стандарди на одговорност или барем отчетност во целата проблематика околу набавката на вакцините. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/3ouEm
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Во клучниот момент на борбата против пандемијата, Македонија откри, како и најголем дел од земјите од Европа, а особено членките на ЕУ, дека не е сопственик на својата судбина кога станува збор за набавка на вакцините.

Но, за разлика од ЕУ која стана заробеник на одлуките и интересите на мултинационалните фармацевтски компании, Македонија која не беше ни вклучена во европскиот план за обезбедување вакцини, одлучи својата позиција да ја интерпретира според геополитичката идеологија и приврзаност кон Западот.

Недостатокот на реалполитика од страна на нашите власти или прозападната сервилност, ги направи слепи пред очигледниот здравствен национализам, и наместо да се обидат да изнајдат решенија низ директни преговори со светските компании или трети земји, тие наивно се потпреа на солидарниот Ковакс механизам.

Не велам дека за една мала и сиромашна земја е лесно да носи самостојни одлуки, разбирлива е и внимателноста кон руските понуди во време кога во САД се одржуваа претседателски избори, но останува фактот дека должноста на една држава и власт е пред се да се грижи за интересите на своите граѓани.

Реалноста покажа дека состојбите се такви што никој никому не замера или нема право да му замери во суверената трка по набавка на вакцини, доаѓале тие од Западот или од Истокот. За жал видовме дека вакцините од Западот не доаѓаат, дека богатите земји како САД и Канада обезбедиле повеќе од тоа што им треба, дека вакцини нема доволно ни за ЕУ, камоли за Балканот. Напротив, главните европски држави, почнувајќи од Германија и Франција, но следени и од Шпанија, Португалија, Италија и многу други, како и самата ЕУ, во голем дел преиграни од Фајзер и Модерна, па потоа и од АстраЗенека, односно, претркани од Америка, Канада и Британија, кои може да си дозволат да послужат вакцини заедно со утринското кафе, сега оптираат и навиваат за руската и кинеската вакцина. 

-претходни колумни: Институциите се соучесници во „Јавна соба“

Деновиве се погласно е барањето за одговорност од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен за европското фијаско во набавката на вакцини. Пратениците од Европарламентот, се поголем број на државници, но и европското јавно мислење бараат одговори и одговорност за неуспехот на Европската Комисија. Фон дер Лајен следната недела ја очекува вистински процес во Европарламентот, додека Високиот претставник на Европската унија за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жосеп Борел, вчера замина во посета на Моска, каде од 2017-та година вака висок европски преставник нема отидено. Неминовно темата „Спутник“ ќе биде начната. Тоа што е важно е дека Меркел веќе одлучи да се сврти кон Москва во потрага по вакцини и нивно производство во Германија, и можеме да се обложиме дека тоа ќе важи и за остатокот од ЕУ.

Сервилноста пред интересите

Истата таа руска вакцина која според Лансет има висока ефикасност од 92% и за која нашите власти ја имале паметта да бидат дотолку самоуверени, понизни, наивни, и непросмислени, за дрско да ја одбијат. Сега, бидејќи решивме дека ја носиме „Европа дома“, веројатно треба да ги прифатиме и европските стандарди на одговорност или барем отчетност во целата проблематика околу набавката на вакцините. Но, тоа што мислам дека е погрешно направено, со сите резерви и оправдувања дека сме прозападно ориентирани, како што и впрочем треба да сме, е што си дозволивме да спуштиме една Железна завеса за вакцините и да бидеме премногу сервилни за прашање кое го тангира здравјето, економијата и напредокот на нашите граѓани и нашата земја.

Прво што погрешивме е што се потпревме на солидарноста и Ковакс системот. Второ, што нашите власти не направија ништо да влезат во директни преговори со западните производители. Наместо тоа се изнаслушавме лажни ветувања и погрешни датуми за пристигнувањето на вакцините затоа што нашите власти одлучиле да зависат само од еден единствен извор и механизам, кој на крајот се покажа како нефункционален. Третата грешка е што сме си дозволиле да одбиеме разговор, барем да ги чуеме или да се распрашаме за понудите на трети земји како Русија и Кина, па потоа ако сакаме брзо да одлучиме. Наместо тоа, ние тие контакти или сме ги игнорирале или пак не сме ги ни воспоставиле. Сегашното брзање, плачење околу разочараните ветувања од ЕУ, или срамежливите закани како онаа во Фајненшел Тајмс дека ќе се свртиме кон Русија и Кина во потрага по вакцини, делуваат не само смешни, туку и задоцнети.

Мислам дека нашите власти предолго и премногу се научија да се потпираат на западната поддршка која почна со Пржино, не издржа и понесе низ Преспанскиот договор и се оконча со влезот во НАТО. Тука заврши носењето на штитот од страна на Западот. Не случајно потоа, оставени само на нашите капацитети, иако со огромна поддршка, што поради интересите на големите европски сили како Франција, што поради ситните балкански блокатори како Бугарија, нашиот европски напредок се закочи и бевме вратени во безначајноста на нашата реална димензија. Тоа требаше да биде освестувачки сигнал. Не! Наместо тоа нашите останаа убедени дека некој однадвор ќе не влече и фаворизира. Пандемијата само ја влоши состојбата и позицијата на малите земји како Македонија. И тоа требаше да биде вториот аларм. Повторно не! Нашите веруваа во мултилатералните системи како Ковакс, спиеја на увото дека ЕУ ќе не носи на плеќи, кога всушност не може ни себеси да си помогне. Заборавија на реалполитиката и безначајноста на малите држави. 

-претходни колумни: Пандемијата како изговор и слепост

Со други зборови, критиката која нашите власти ја заслужуваат не се однесува на нашата прозападна ориентација, туку на веќе отворениот сомнеж дека таа ориентација нашите власти ја злоупотребуваат со цел да не дејствуваат и да не понесат директна одговорност. Потоа, за критика е и фактот дека власта мисли оти секоја неодговорност и неспособност, на било која тема, од корупција до индекс на демократичност, од екологија до економија, ќе ја покрие со својата сервилност кон САД и Западот, или со наводните обврски и одговорности кон НАТО. Нека им биде јасно, дека едно е да си прозападна и проевропска Влада, сосема друго нешто е својата неспособност, како и коруптивност да ги маскираш зад твоите политички ориентации. Таквото однесување прво е сервилно, а потоа е нефункционално, а очигледно и контрапродуктивно за самата прозападна и проевропска определба. Западот сака и претендира послушност, но бара и иницијативност и одговорност. Лоши се оние сојузници кои во секоја околност - а најповеќе за нивната гарнитура да остане на власт со западна поддршка - нудат само слепа послушност, кога треба да понудат и активна партиципација и вистински реформи.

Дупло голо

Нашите секогаш ќе се вадат дека имале огромна консидерација кон ЕУ и Западот и дека таму сме морале да гледаме во секоја сфера. Но, тоа се покажа како погрешно. Потоа е претенциозно, кога сиромашна земја како нашата мисли дека треба да купува вакцини од 20€ парче, кога има подеднакво ефикасни за 10, 5 или 2€.

Потоа направивме серија на домашни и регионални бламажи. Почнувајќи од понижувачката посета на Филипче во Софија, која едвај чекаше да изигрува мајка на Македонија, преку српската понуда која служеше повеќе да ни ја потврди неспособноста и да не употреби како заморче за нивната пропаганда и успешност во набавката на вакцини. Се разбира и од двете земји се уште немаме добиено ништо. Напротив деновиве слушаме за вакцина туризмот кој многу наши сограѓани со двојно државјанство го практикуваат во соседна Србија. Понижувачки во најмала рака.

Потоа серијата домашни какафонични и трагикомични изјави и како се прешалтуваме од едни вакцини на други, од едни термини за добивање пратки до постојано од месец за месец поместување на датумот за добивањето некаква вакцина. 

-претходни колумни: 2020 – година на Македонија

Серијалот е фарсичен: од Ковакс до бугарска и српска помош, па неодговорените пораки од Фајзер, неприфаќањето на руската понуда, лицитирањето со 400 илјади вакцини од Ковакс, вртењето кон кинеските вакцини, за сега последно да е дека наместо Фајзер од Ковакс механизмот ќе сме добиеле вакцини од АстраЗенека, која има ефикасност од само 60% и не е препорачлива за лица над 55 години. Но и тука нешто смрди. Од Министерството за здравство велат дека ќе добиеме 175.000, но на официјалниот документ кој го објави СЗО стои дека земјава ќе добие 103.200 вакцини на АстраЗенека.

Колку и да бидат, нема да стигнат наеднаш. За во март се најавуваат 35%, што би било од 40 до 60 илјади вакцини, односно дози кои се доволни за вакцинација на 20 до 30.000 луѓе. Кога ќе пристигнат останатите над 700.000 дози за кои земјава има аплицирано останува непознато, но е сигурно дека не може да се очекуваат летово.

Освен со овие вакцини, до крајот на февруари би требало да пристигне и пратката од 200.000 вакцини од Кина. Се очекуваат и првите 5.850 дози преку директниот договор со Фајзер, како и ветената донација од 8.000 вакцини од Србија. Во најоптимистичката варијанта, за имунизација од март до јули земјава на располагање ќе има околу 320.000 вакцини за 160.000 граѓани – што нема да покрие ниту 10 отсто од населението. Со такво темпо, нема никогаш да постигнеме колективен имунитет. 

Делува дека се потврдува анализата на Економист кога во декември месец предвиде дека вакцинацијата во земји како Македонија нема да почне до некаде длабоко во 2022 година.

Така дојдовме до оваа незавидна позиција. Вакцини секако немаме и ќе немаме доволно. Сервилноста испадна контрапродуктивна, затоа што утре секако ќе мораме да земеме руска или кинеска вакцина. Геополитички гледано, Русија и Кина, па дури и една Србија регионално, секако ќе испрофитираат од ситуацијата. Разочараноста од ЕУ и Западот неизбежно ќе добие на цена кај нашата популација. Притоа, ние само испаднавме неспособни, сервилни, неодговорни и невакцинирани. Дупло голо.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема