1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија се вакцинира: Русија и Кина стигнаа пред Западот

Миодраг Шориќ
25 јануари 2021

На речиси 200 пункта Србите може да се вакцинираат против коронавирус. Ова е возможно само со помош однадвор – но, таа не доаѓа од Западна Европа. Резултатот е преориентација кон Исток.

https://p.dw.com/p/3oMef
Serbien Covid-19 Impfzentren Zlatibor Loncar
Фотографија: Nikola Andjic/Tanjug/ Xinhua News Agency/picture alliance

Еден од центрите за вакцинирање во Србија е една од саемските хали во Белград во близина на брегот на реката Сава. Стотици постари лица чекаат трпеливо во редицата додека да им дојде редот за вакцинирање. Ова понекогаш трае и со часови. За разлика од многумина во центарот на градот, овде сите носат маски. Регистрацијата за термин за вакцинирање се прави онлајн. Медицински сестри ги воведуваат во саемската хала до една од триесетте кабини каде се врши вакцинацијата – пред сѐ со кинеската вакцина на „Синофарм“.

Пекинг на Србија ѝ испрати еден милион дози. Оваа вакцина е таканаречена „мртва вакцина“, слична како вакцините против дифтерија или детска парализа. Нејзината предност: вакцината е далеку поевтина и не е толку лесно расиплива како мРНА вакцините на Бионтек и Фајзер или на Модерна. Според податоците од Кина, Бахреин или Перу, ефикасноста на вакцината е меѓу 75% и 80%.

„Спасителот на нацијата“ ги нарача вакцините

„Најдобрата вакцина е онаа која ни е на располагање“, вели во саемската хала Марија Обрадовиќ. Според проценката на министерката за јавна администрација дневно ќе се вакцинираат до 35.000 граѓани. До неделата навечер, вакцинирани се 172.000 српски граѓани. Министерката прво ги поздрави лекарите и сестрите, а потоа и самата прими вакцина.

Пратката со вакцини ја пречека лично претседателот Александар Вучиќ на аеродромот во Белград, не штедејќи зборови на благодарност за Пекинг пред вклучените телевизиски камери. Во провладините српски медиуми тој е спасителот на нацијата, некој кој постојано е во разговори со владите и властите низ целиот свет во мисија да обезбеди вакцини за својот народ. Во медиумите пак нема ниту збор за здравствениот систем кој не е во многу добра состојба. Ниту пак дека многу граѓани не веруваат во објавените статистики поврзани со коронавирусот во земјата. Официјално во Србија, која има седум милиони население, до сега се заразиле вкупно 384.000 лица, од кои 3.886 починале од или како последица на коронавирусот.

Serbien Covid-19 Impfzentren
Пункт за вакцинирање во Србија, се користи кинеската вакцина на „Синофарм“Фотографија: MARKO DJURICA/REUTERS

Вакцините како ПР триумф

Претседателот Вучиќ ветува дека ќе гради фабрики за производство на вакцини во земјата, за да се произведуваат на домашен терен исто како во време на Југославија. Според извештаите во медиумите, технологијата треба да дојде од Москва. Србија сака сама да ја произведува руската вакцина. Додека тоа стане реалност, Русија планира да им испраќа стотици илјади дози од вакцината Спутник 5.

Повеќе на темата:

Најдобрата вакцина е таа што навреме ќе стигне

Србија- трета земја во Европа што започна со корона-вакцинација

Коронавирус вакцини: ЕУ повторно го остави Балканот на цедило

Кина постигна голем ПР успех со испораката на нивната вакцина, констатира политичкиот аналитичар Јакша Шчекиќ. Додека западните земји во изминативе недели можеа да испорачаат само неколку илјади дози од вакцината на Фајзер и Бионтек, Пекинг работи со полна пареа.

„Пријателите се познаваат во неволја“. Многу Срби вака ја толкуваат помошта од Пекинг, вели Шчекиќ. Владите во Кина и Русија водат политика со испораките на вакцини. Западните влади, од друга страна, мора да ги координираат работите внатре во ЕУ вклучувајќи го и економскиот аспект во нивните одлуки.

Натпревар на големите сили

Сличен став има и Даниел Пантиќ во разговорот со ДВ. 50-годишниот западно ориентиран аналитичар зборува за трка меѓу големите сили кога се работи за сузбивање на коронавирусот. За многу Срби, Кина предводи во таа трка. Довербата на Србите во способноста на ЕУ да делува се намалува. „За нас тоа е егзистенцијална криза”, смета тој. „Сега помошта ни треба како никогаш претходно и таа не доаѓа од Запад, туку од Кина и Русија”. Србија како мала земја е зависна од помошта од други земји. На западен Балкан само Србија и Албанија имаат започнато да вакцинираат. Босна, Косово, Црна Гора и Северна Македонија и натаму чекаат на испорака на поголеми количини вакцини од странство. 

Како германски фирми профитираат од корона-вакцинацијата

Партнер од Истокот

Кина се обидува од ситуацијата да извлече политички придобивки. Се презентира како деловно способен партнер кој не зазема надмена позиција кога се во прашање демократијата и човековите права. Даниел Пантиќ потсетува на вклученоста на Пекинг во инфраструктурни проекти во повеќе земји во југоисточна Европа. 

Самоуверениот настап си го прави своето, смета Пантиќ. Сѐ повеќе млади Срби учат кинески јазик. Се намалува увереноста дека Србија во догледно време ќе стане чланка на ЕУ. Пантиќ потсетува дека Србија наспроти тоа нема потешкотии да стане дел од Евроазиската економска унија. Слично како Србија, и други земји од средна- и југоисточна Европа одново се позиционираат во однос на Истокот. Дури и членката на ЕУ- Унгарија или Турција- при сузбивањето на пандемијата се надеваат на поддршка од Кина и Русија. Во меѓувреме во Србија е потврдена новата варијанта на вирусот која прв пат се појави во Велика Британија. Ја донела жена која допатувала од Лондон. Сепак владата не планира затворање на рестораните, кафулињата и трговските центри.