1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот синдикализам го допре дното

Костадин Делимитов
30 април 2022

Зошто синдикатите како никогаш досега се поделија во битката за работничките права? Проблемите се бројни, а причините едноставни, коментираат упатените.

https://p.dw.com/p/4AeNd
Mazedonien Skopje Arbeiter
За што и за кого навистина се борат синдикатите?Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Каква држава, такви синдикати. Вака накусо може да се сведе оценката на она што се случува со синдикализмот во С. Македонија, чија контроверзност доживува кулминација во период кога светот е соочен со едни од најтешките економски предизвици. Поделени како никогаш досега, синдикатите влегоа во битка за зголемување на платите, поттикната од потегот на власта да се зголеми минималецот на 18.000 денари.

Но наместо конструктивност, јавноста е сведок на хаос во кој повеќе доминираат аргументите на сила, уцени, наспроти разумот и умереност во дијалогот кој треба да донесе позитивни и одржливи решенија. Кулминација е она што се случува во образованието, каде тензиите спласнаа, но привремено, оти конечно решение на проблемите нема. Иако Владата изнесе предлог за зголемување на платите од 12%.

Ништо подобро не е ниту во останатите сектори чии синдикални претставници се уште погласни во својот револт, но и закани за непопуларни чекори ако власта не им ги исполни барањата за зголемување на платите. Со многу тензии, но со малку аргументи кои отвораат бројни дилеми. Клучната е - за што и за кого навистина се борат синдикатите и зошто во дејствувањето тие „свират“ во различен тон.

„Синдикатите се онакви, каква што ни е државата“

Дел од упатените не се изненадени од она што се случува во синдикализмот кој низ години постојано е мета на критики дека повеќе дејствува за политика и привилегии, отколку за подобрување на работничките права. Но она што сега се случува, велат, е кулминација:

„Ова веќе не се синдикати, секоја основна организација станува синдикат. Така синдикалната сила нема ниту сила ниту моќ. Но лично не сум изненаден од она што го гледам сега, а за што постојано предупредувам низ годините. А тоа е дека синдикатот полека но сигурно се распарчува, го преземаат да го раководат аматери кои имаат малку врска со синдикализмот, а уште помалку со политичката култура. И кога на ова ќе ја додадете актуелната слика која владее во институциите во државата, еден систем на башибозук, тогаш сѐ станува јасно. Едноставно синдикатите се онакви, каква што ни е државата. Имитација и невиден аматеризам, на секое поле, со чест на исклучоци“, коментира во изјава за Дојче веле Ванчо Муратовски, поранешен претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.

Vanco Muratovski, Gewerkschaftspräsident  SSM Mazedonien
Ванчо МуратовскиФотографија: Petr Stojanovski

Муратовски реагира дека е поразително да се гледа како се распаѓа она што се градело низ годините. Не е изненаден, но вели не може да прифати инает и несериозност во битка за права, која многу лесно може финансиски да ја турне на колена државата:

„Мераклии се кај нас, а и секаде на Балканот сите да бидат претседатели, па макар и на месна заедница. Се направија толку синдикати, а ниту еден од нив во моментов како да не сака да гледа колку е можноста на државата. Еден бара и веднаш бараат сите други. Но буџетот е ограничен, можеш да земаш кредити, но нив некој треба да ги враќа. Но тие не го гледаат тоа, затоа што овие синдикати сега не се доволно политички образовани за да можат да го разберат тоа и си бараат додека може. Но тоа не е вистински синдикализам. Не е начин на овозможување на права на членството кое пак е тотално запоставено, необучено. Со него не се контактира и затоа вака се однесуваат како што се однесуваат. Во минатото имаше школи, обуки, постојани средби, посети и луѓето знаеја за сѐ во секој момент. Им се објаснуваше дека ќе се бара максимум за да се добие повеќе од минимум. Тоа се преговори и тоа е разбирање на реалноста, за која ќе повторам, потребна е и друга страна која има слух, но и знаење. Синдикализмот е поврзан со државата и власта, ако има власт која почитува закони тогаш ќе има и синдикализам како што треба“, коментира Муратовски.

Дел од упатените предупредуваат дека проблемите во синдикализмот тлеат со години. Тоа што сега доживуваат кулминација е рефлексија на погрешната поставеност на целокупната стратегија:

„Овие синдикални организации во државниот сектор се заоставштина од претходниот период и функционираат малку лево, малку десно, како една 'шантрава' демократија. Проблемот е повеќегодишен и затоа се дојде до сосотојба да не се знае што е минимална плата. Повеќегодишното 'спиење' на синдикатите и непреземање на одредени мерки навреме дојде до состојба за која ниту една држава која е економски моќна, а не нашава, не може да ги исполни во целост сегашниве барања. Не велам дека не треба да се бара и дека она што сега се прави е оправдано, но не на ваков начин. Не може да се зголемат платите на сите во државава, оти - од каде пари? Ќе треба да се зголемат даноци, а тоа е невозможно во ситуацијата“, коментира за Дојче веле Драге Јовановски, експерт за работнички права.

Тешко се прави синдикат во приватниот сектор 

Проблем е што синдикализмот покажува „мускули“ во јавниот, за сметка на приватниот сектор, кој целосно е запоставен на овој план. Синдикализмот таму е безмалку „табу“ тема. Зошто нема „пенетрација“ и во овој сектор, каде очигледно состојбите се посериозни, конкретен одговор е тешко да се даде, коментираат упатените:

„Проблемот е комплексен. Потребни се специјални колективни договори, но во фирмите не сакаат да разговараат за тоа, а во приватното не сакаат ниту да слушнат за тоа оти немаат синдикати. Нема и не смее, или е тешко да се направи синдикат. Тука е проблемот, оти кој направи едноставно лета од работа. Сето тоа треба да се пегла и да се работи. Да се тргне од малите фирми па нагоре, но очигледно дека државата не сака да го развива синдикатот. Затоа дојдовме до ситуција од 600 илјади членови пред три децении, да имаме не повеќе од 50 илјади синдикално членство во моментов“, укажува Јовановски.

Nordmazedonien Tetovo OKTA Raffinerie
Бројот на членови во македонските синдикати за три децении се намалил за 12 пати - од 600.000 на 50.000, вели ЈовановскиФотографија: Imago Images/Zuma/

Дополнително, според него, треба да се работи на спроведување на системот на колективни договори, но и генерално менување на стратегијата на пресметка на платите:

„Мора нов модел на решавање, се согласувам со државата да се стави мораториум во моментов за ова што се случува. Нека трае и шест месеци ако треба, да се расправа на ниво на експерти и да се реши на правилен начин, како што е решено во Европа и како што бараат директивите на ЕУ, оти вака кампањски и навивачки ништо не се добива“, смета Јовановски.

За македонскиот синдикализам, односно сите инволвирани во делот на работничките права, свое видување имаат и социолозите. Тие се загрижени и детектираат посебен феномен:

„Синдикализмот е феномен којшто подразбира борба за работнички права, но таа борба како да нема цел, како да нема јасна визија. Причините треба да се бараат во тоа што македонското општество како најсиромашно е со нерешени проблеми кои произлегуваат од самите институции. Потегот со минималецот ја повлече резервата на армија која бара повисока плата, а никој како да не гледа или да не сака да зборува за претерана вработеност во администрацијата, која според некои пресметки е 30, па дури и 40% пренапумпана. Не велам дека луѓето не се во право, но клучниот момент е што таа превработеност и мала ангажираност долго време ги потискаше поривите за подобро работење, подобри услови. Но, сега, како да дојде ѓаволот по своето, или ќе почне длабинска реформа во институциите или вака ова ќе трае многу долго време“, предупредува социологот Илија Ацески.

Nord-Mazedonien Skopje |  Ilija Aceski - Soziologie Professor
Ацески: Синдикализмот нема веќе јасна визијаФотографија: Privat

Синдикалните лидери, членство, но и сите чинители во општеството, според него, треба да бидат свесни дека кризата е сериозна, а може да стане уште полоша:

„Тоа сето го затемни, поремети, го обезвредни тој синдикализам, таа борба за права. Сега веќе нема каде, сега синдикалната борба ја добива таа карикатурална форма, и она што е клучно - во борбата влегуваат партиите. Кога тоа ќе добие политички димензија, го добиваме тоа што го добиваме и мислам дека за жал ќе се заострува повеќе состојбата. Клучот е што ова е резултат на отсуство на реална, нормална реформа, на елементарни правила присутни во Европа. И го добиваме ова, што не може сега рационално да се објасни, паралелно со подолг период на осакатени и обезвреднети институции кои нема да можат да ги решаваат состојбите“, укажува Ацески.

Македонскиот синдикализам има долга историја, уште од првата деценија на минатиот век. Она што сега се случува според упатените е киулминација која треба да донесе пресврт за доброто на сите во општеството. За тоа не се потребни само повисоки плати на вработените, туку и поголема едукација, одговорност, солидарност на сите. Од работници, стопанственици, надлежните во власта и државните институции. Во спротивно, проблемите само ќе продолжат да се трупаат, а нивното решавање ќе биде се потешко и поболно. Клучниот во моментов, оној во образованието, ќе продолжи да се решава веќе по првомајските празници и прославата на Денот на трудот.