1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мала прослава за своја душа

27 март 2020

Си доделив тајмаут од „напорното“ седење во самоизолација, за да ја прославам оваа радосна вест. Конечно приказната со ЕУ добива голема извесност за среќен крај, кој имам шанса и да го доживеам, пишува Ерол Ризаов.

https://p.dw.com/p/3a9fr
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

За време на полициски час одлучив сам да си направам мала прослава како мевлем за душа. Иако самоизолиран, клаустрофобичен на затворен простор, загрижен, а богами и исплашен од несреќата што го снајде светот и нашата татковина. Од страшната пандемија и закана по животот на нашите најблиски: деца, внуци, пријатели, комшии и на сите граѓани. Си доделив тајмаут, од „напорното" седење во пижами, зјапањето по портали и сурфање по историјата на планетата и по сеќавањата во мојата глава. Го изгаснав телевизорот, ги исклучив компјутерот и мобилниот, си реков да ја прославам оваа радосна вест: Северна Македонија го започнува најинтензивниот и најтешкиот ангажман во нашата долга децениска мачна и проблематична врска со ЕУ, конечно со голема извесност за среќен крај, кој веќе имам шанса и да го доживеам.   

Си велам дали човек може сам нешто да прославува и да се радува во вакви моменти на сеопшта загриженост и страв? Па, ни по риба, моето омилено хоби, не се оди сам, а не да се шенлучи во време на зараза, кога секој час се објавуваат вести за новозаболени и починати, за економски колапс на државата, за нов бран на беда и мизерија.

По македонските беспаќа до ЕУ

Сепак, почитувани мои, си наточив една чаша вино да си наздравам сам на себе за изминатите 33 години, од 45 -те поминати во новинарството- главно потрошени по трнливите македонски беспаќа. Како да се стаса до Европа и да се стане членка на ЕУ, да почне европеизацијата на Северна Македонија за која треба стотина години повеќе отколку за  самото членство, тежок и долг процес за да од Балканец стане Европеец.

Да, да, си наздравив, испив неколку голтки од виното и низ главата како на филмска лента за миг ми поминаа повеќе од три децении. Толку траеше мојата прослава, брзо се вратив во реалноста да слушнам дека има уште заболени, со ужасна прогноза дека ќе стасаме до 2.000 заболени од коронавирусот. Прелетав преку вестите кои однапред ги знам во зависност од тоа на кој Тв канал сум и на кој портал и кој тоа фрла палаври, чифтиња и бензин на оган на ФБ.

Го ислушав внимателно, како и секој ден, доктор Венко Филипче, неговиот конзилијарен извештај и неговите илјада пати повторени апели како да се зачува здравјето на граѓаните. Човекот ме смирува и кога кажува лоши вести. Има нешто во неговиот сугестивен настап, одмереност, загриженост и преданост на професијата. 

Го слушнав и Зоран Заев, според фактите и здравиот разум, најзаслужниот човек кој храбро ги урна блокадите кон Европа и НАТО. Го проголтав како жешка кнедла и неговото стравување за здравјето на државата и за болката на стопанството и на целата економија. Беше многу застрашувачки и загрижувачки. Не сум го видел ваков. Сега и Заев оди по тенок мраз, и се надевам дека вирусот нема да го спречи да ја донесе Македонија до точка од која нема враќање од европскиот пат. Таа опасност уште постои ако дојдат да управуваат со државата тие што не знаат што е компромис и толеранција.

Се разбира,  го слушнав и Христијан Мицкоски како плаче, божем е дете, оти не го играат децата бидејќи толку убаво се сокриле во антиката пред Христа тој и неговите другарчиња во играта криенка  што ги снемало и никој не можеше да ги најде на европскиот пат цели 15 години. Но, затоа беа многу присутни во изградбата на потемкинови села и нов антички идентитет, на зданија за џабалак купени плацеви.

Кај Франсоа Митеран со Анте Марковиќ

И еве одлучив со вас кои ме читате редовно, да ја споделам кратката радост и да ви го раскажам филмот што ми помина низ глава по долгоочекуваната вест дека Северна Македонија ги почнува преговорите со ЕУ во најблиска иднина. Прво што ми дојде на ум е мигот кога со познатиот новинар на Политика Дарко Рибникар, внук на основачите на некогаш најугледниот и највлијателен весник на балканските простори, подоцна и самиот главен и одговорен уредник на Политика, и уште неколку десетици новинари чекавме во дворот на Елисејската палата, премиерот на Југославија Анте Марковиќ да излезе од кабинетот на претседателот Франсоа Митеран. Бевме нестрпливи да ја слушнеме добрата вест дека Југославија е спасена од распаѓање.

Дарко, во тоа време дописник од Париз, беше добро информиран за тамошните прилики, ми шепна: Ако излезе Митеран на вратата да го испрати Марковиќ, што не го практикува за премиери, тоа значи дека го примил во својство на претседател и дека Југославија е спасена. Кога излегоа двајцата и кога Митеран го гушна југословенскиот премиер отрчавме со Рибникар да ја пратиме први веста која не само што ја спасуваше Југославија, туку беа обезбедени преку десет милијарди долари за брзи подготовки и експресно членство во ЕУ, се подразбира и во НАТО. Катастрофалниот резултат го знаете, хегемонизмот, национализмот и отпорите беа посилни. Југославија како потрошен историски модел се распадна со најголемо крвопролевање по Втората светска војна на европско тло.

Киро Глигоров- татко на нацијата

Втората мисла и редица слики што ми дојдоа пред очи беше за еден настан уште пред прогласувањето на независноста на Македонија. Работев долго интервју во 13 продолженија за „Нова Македонија“ со пензионираниот југословенски и македонски политичар Киро Глигоров. Неговиот цврст став беше дека иднината на Македонија е во членството на НАТО и ЕУ. Тој тоа извонредно го образложи со географски, политички, екомомски и културни припадности кон Европа. 

- Мемориски пластелин: Зошто заборав за Киро Глигоров? 

Пензионерот Глигоров за наша голема среќа стана првиот претседател на Македонија, стариот лисец ја спаси земјата од распаѓање и крвопролевање, ја внесе како членка на ОН. Од ничија земја станавме призната држава. Претседателот Глигоров влезе на голема врата во историјата како татко на нацијата со реченицата: земето го целото тоа железо кое не вреди ни колку еден човечки живот и го склучи договорот со ЈНА за мирно повлекување од Македонија на нервозната војска и големи контингенти оружје и опрема, во време кога на сите боишта во Југославија гинеа илјадници луѓе.

Erol Rizaov und ehemaliger mazedonische Präsident Kiro Gligorov
Ерол Ризаов и Киро ГлигоровФотографија: Erol Rizaov

Ќе помине уште некое време додека суетните политички противници на Глигоров и од лево и од десно ја признаат неговата големина и додека непристрасните историчари правилно не го одредат неговото место во историјата.

Уште ми одекнува специфичниот и помалку зарипнат глас од бината на Генералното Собрание на ОН кога за прв пат на македонски јазик одржа историски говор за остварените и неостварени идеали на македонскиот народ. Седев пресреќен и горд во галеријата на Генералното Собрание на ОН слушајќи го, со песок во очите, аплаузот за нашиот претседател.

Сега пак ми дојде пред очи сликата на Мерцедесот и црвениот чаршав преку телото на неговиот возач  по експлозијата која требаше да ја дестабилизира Македонија. Бев на самото место кај хотел Бристол само пет минути по атентатот. Кога оздраве и ја презеде својата работа на вчудоневидување на светот, имавме повеќепати разговори. Го прашав неколку пати дали се сомнева на некој, убеден и ден- денес дека тој има одредени сознанија. Неговиот одговор беше: тоа ќе се дознае кога таа вест нема да ја дестабилизира Македонија. Ако малку размислите тоа кажува многу. Кога Македонија ќе стане членка на ЕУ ќе се дознае и кој стои зад атентатот, ако тоа биде периодот на стабилност како што прогнозира претседателот Глигоров.

Со Никола Груевски за името

Некаде во 2008 година на мое големо изненадување ме повика на разговор премиерот Никола Груевски. Бев вчудоневиден бидејќи јавно го жигосуваше Утрински Весник како непријателски поради нашите текстови  за владините политики. Бевме прогласени за предавници и странски платеници од неговите медиуми. Не поднесуваше никаква критика, а Утрински Весник не смееше никој во јавните служби и компании да го чита ни на онлајн изданијата. Изненадувањето беше уште поголемо кога почна разговорот. По неколкуте куртоазни реченици, Груевски директно ме праша: Што мислиш за името Република Македонија – Скопје. Одговорив на ист начин: Веднаш прифатете го. Грците ќе го одбијат, вие ќе ја добиете поддршката од меѓународната заедница, што ќе води кон компромис. Груевски беше категоричен. Рече: нема да одбијат, ќе прифатат, ѝ ветиле на канцеларката Ангела Меркел. Реков, тоа би било добро, ама ја лажат. Не, не ќе прифатат, тогаш што правиме со ова име, рече Груевски загрижено. Груевски не беше подготвен за ова име во тој период. Не помина долго време, во 2008 година Грција не го прифати ова име иако и претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски и претседателот на САД Џорџ Буш се усогласија непосредно пред конференцијата на НАТО во Букурешт кога беше најизгледна шансата Македонија да стане членка на НАТО со името Република Македонија – Скопје, а потоа да се отвори патот за  брзо членство во ЕУ. Знаете како тоа заврши со дебакл и со грчки шамар на Буш и на Америка и на НАТО. Некои велат однапред договорен меч. Јас не верувам во тоа.

Борис Трајковски кај Јоханес Рау

Помислив и на претседателот Борис Трајковски и нашата случајна средба во хотел „Адлон“ во Берлин во ноември 2003 година. Беше во официјална посета на Германија. Имаше закажани средби со претседателот Јоханес Рау, со канцеларот Герхард Шредер, со министерот за надворешни работи Јошка Фишер... Трајковски беше голем оптимист, повеќе почитуван надвор, во светот на големата политика, отколку дома. Имав среќа да го добијам првото интервју за македонски медиум, за „Утрински Весник“, на еден германски канцелар.

Борис Трајковски рече дека се радува што сум дошол да известувам за неговата посета, па премолчев дека доаѓам за друго и дека имам закажано интервју со канцеларот. Трајковски беше убеден дека многу бргу ќе станеме членка на НАТО и на ЕУ. Веруваше дека тој ќе ја заврши таа работа. За него сите врати кај светските лидери беа отворени. Го загуби животот во авионска несреќа заедно со целиот свој тим. Македонија го засака Трајковски откако го изгуби. По него, како и во негово време, со државата управуваа политичари кои, а го спомнеш уставното име со некоја додавка, имаа уплав. Никој, освен неколку новинари и јавни личности немаа стискавец за храбри одлуки. Напротив, ја освојуваа власта и владееја долго претставувајќи се како патриоти кои не попуштаат и не прават компромиси со што направија лош амбиент дека ја спасуваат државата. Лажно се претставуваа како херои кои го чуваат името на државата, идентитетот и македонскиот јазик.

Герхард Шредер: Сами одлучувате кога ќе влезете во ЕУ

Кога влегов во кабинетот на канцеларот Герхард Шредер, помалку збунет од импресијата дека разговарам со германски премиер, свесен дека е тоа прв и последен пат, па уште што се вели при незапочнато интервју, треснав како од пушка: „Кога Македонија ќе влезе во ЕУ?" Канцеларот Шредер ме погледна изненадено, но веднаш се насмевна бидејќи сфати дека не се работи за непристојност, туку за трема. И еве го одговорот на Шредер што досега сум го објавил неколку пати: „За брзината кога Македонија ќе стане членка на ЕУ одлучувате сами“. По тој одговор, бев јас тој што беше изненаден. Мора да сум изгледал вчудовидено, што се вика, како паднат од Марс, одвај изустив „се шегувате“. „Не“, рече канцеларот Шредер, „не се шегувам, штом ги завршите сите работи што ги налагаат правилата на ЕУ, Македонија ќе биде рамноправен член на европското семејство. Тоа се тешки и длабоки промени, темелни реформи за кои треба многу работа и време. Кога ќе завршат успешно сите домашни задачи, следува одлуката што треба да ја донесат сите земји членки. Германија ќе ѝ помогне на Македонија да се забрзаат тие процеси на интеграција со Европа. 

Erol Rizaov und ehem. Deutsche Kanzler Gerhard Schröder
Ризаов со поранешниот германски канцелар Герхард ШредерФотографија: Erol Rizaov

Гледано од оваа дистанца, точно 17 години по ова интервју со германскиот канцелар Шердер, дури сега влегуваме во таа последна најтешка фаза на исполнување на домашните задачи кои зависат најмногу од нас и најмногу се за наше добро.

Улогата на Зоран Заев и Алексис Ципрас

Длабоко сум убеден, како и мнозинството граѓани, дека воопшто не можеше да дојде до преговори со ЕУ и членство во НАТО ако по неодговорните политичари, наречени „инциденти на историјата“ од времето на владеењето на Никола Груевски, Константин Мицотакис, Костас Краманлис, Јоргос Папандреу, не се појавеа истовремено премиерите во Македонија и во Грција Зоран Заев и Алексис Ципрас. И двајцата со своите соработници Никола Димитров и Никос  Коѕијас, министри за надворешни работи и главни преговарачи,  со својата храброст и саможртви успееја да го склучат Преспанскиот договор кој со доброосмислените компромиси го направи пактот со Грција  одржлив. Ако не се случеше тоа, Македонија ќе беше најголемиот и единствен губитник.

Се разбира, истото се однесува и за договорот за добрососедство со Бугарија, за што не е потребна помала храброст отколку за договорот со Грција. Напротив, јасно е дека уште ќе има големи пречки од нашите комшии додека не стасаме до целта. За тие пречки да се надминат ќе треба дополнителна мудрост, нови компромиси и храброст. Но, сега и соседите знаат дека ако нема отстапки подеднакво од двете страни договорите ќе бидат неодржливи на подолг рок, а нетрпеливоста меѓу народите ќе расте, што е најлошо решение.

За две ипол години владата на Зоран Заев успеа да ги заврши најкрупните стратегиски цели на државата и на граѓаните. Склучени се договорите со соседите Грција и Бугарија, донесени се уставните промени, Македонија стана членка на НАТО и ги почнува преговорите со ЕУ за полноправно членство во европското семејство. За тоа се потребни уште шест, осум, десет или сто години во зависност од политичкото лидерство, критичката јавност и посветеноста на најважните реформи кои претстојат.

И гледај сега, оние скриените под јорган планина кога грмеше и светкаа молњи, кога за тоа требаше два рала м....а тие кои праќаа отровни пораки до јавноста дека се работи за предавство, дека го изгубивме името, го изгубивме идентитетот и јазикот, дека не лажат и за НАТО и за ЕУ, сега наеднаш кога видоа дека ништо не изгубивме, ни име, ни идентитет, ни јазик, туку само добивме тие без срам и перде ни ветуваат дека ќе не внесат во Европа по брза пруга. .

Наградата како признание за поразот

Ми дојде на ум и непријатниот молк што настана кога се заблагодарив за наградата „Жан Моне“ што ми беше доделена за текстови објавени во 2013 година. Наградата ми ја врачи познатиот новинар Теофил Панчиќ во резиденцијата на амбасадорот на ЕУ Аиво Орав пред повеќе европски амбасадори и новинари. Тогаш реков, и останав жив, дека наградата ја прифаќам како најголем пораз на мојата работа. Го образложив тоа со фактот дека изминаа повеќе од две децении, пишувајќи заедно со моите колеги илјадници текстови за евроатланските аспирации на Македонија, но од тоа нема уште ништо. Направивме амбиент во земјата, огромно мнозинство граѓани ја видоа и ја препознаа таа стратегиска определба за иднината на своите поколенија, но до Европа долго време не допре таа наша цврста определба, за жал не допре многу и кај тие што одлучуваа во земјата тогаш, и кои требаше да ги направат неопходните храбри чекори. Настана тишина. Многу непријатна. Потоа амбасадорите на мое вчудовидување ми честитаа за говорот. Тоа се дипломатите, едно е кога ги бранат интересите на државата, друго е кога го кажуваат своето лично мислење. 

Ете тоа е мојот синопсис за документарец на кратката современа историја на Македонија на европскиот пат која веќе потроши неколку генерации. Мигот во историјата е животот на повеќе генерации. Сега вие одберете кои се позитивни, а кои негативни личности кои не водат кон иднината на Федерална, Народна, Социјалистичка, Поранешна југословенска... и Република Северна  Македонија и кој може да го изоди тој пат до крај, бос по трње.