Конечно „зелено светло“ од Брисел за Скопје
24 март 2020
„Добри вести во овие мрачни времиња“, порача германскиот државен министер за европски прашања Михаел Рот на Твитер, нарекувајќи ја одлуката „вин-вин“ за ЕУ и за Западниот Балкан.
„Честитки за Тирана и Скопје, го заслужија ова“, напиша Рот.
Европската комисија веќе подолго време смета дека двете земји се подготвени да ги започнат преговорите, но отпорот на некои земји-членки како Франција, Холандија и Данска, досега го блокираше консензусот.
Денешната одлука на Советот за општи работи на ЕУ беше донесена на видео-конференција и формално е верификувана и во пишана процедура.
Комесарот за проширување Оливер Вархеји преку Твитер изрази задоволство од одлуката и порача дека овој потег „испраќа гласна и јасна порака до Западниот Балкан: Вашата иднина е во ЕУ“.
Македонскиот премиер Оливер Спасовски попладнево ја поздрави одлуката, оценувајќи дека се работи за „убава вест во исклучително тежок момент“.
„Без договорот од Преспа и договорот со Бугарија овој денешен успех немаше да биде можен“, порача Спасовски во обраќање на прес-конференција заедно со вицепремиерот Бујар Османи и шефот на дипломатијата Никола Димитров.
Како што кажа и Рот пред почетокот на денешниот состанок „ова е почеток на долг и напоред пат“. Датумот за почеток на преговорите дополнително ќе се утврди, но за Северна Македонија, за разлика од Албанија, нема никакви дополнителни услови.
Првата меѓувладина конференција ќе биде одржана веднаш по утврдувањето на преговарачката рамка, рече министерот Димитров.
„Бидете горди дека денес остваривме дел од заветот на нашите баби и дедовци, и отворивме нова перспектива за идните генерации“, рече Димитров.